Повод: Франција воведе забрана за социјални мрежи за деца под 15 години
- Науката сè погласно предупредува дека прекумерното и неконтролирано користење на социјалните мрежи влијае врз менталното здравје, вниманието, самодовербата и развојот на критичкото размислување кај младите. Прашањето повеќе не е дали постои проблем, туку како ќе одговорат општествата. Деновиве Франција презеде конкретни мерки
Одлуката на Франција да им забрани пристап до социјалните мрежи на децата помлади од 15 години не е само законска новина. Таа е порака дека државата повеќе не сака да биде нем набљудувач на една тивка, но длабока општествена криза. Алгоритмите имаат поголемо влијание врз нивниот развој отколку родителите, наставниците или книгите. Социјалните мрежи одамна престанаа да бидат само средство за комуникација. Денес тие се сложени системи што се натпреваруваат за вниманието на корисниците. Нивниот успех се мери со времето што ќе го задржи човекот пред екранот, а најлесна цел се токму децата и адолесцентите, бидејќи нивниот мозок сè уште се развива.
Проблемот не е во технологијата сама по себе
Технологијата носи голем број можности за образование, креативност и комуникација. Опасноста започнува кога дигиталниот простор станува единствена реалност, а алгоритмите почнуваат да ја обликуваат перцепцијата за светот, успехот, убавината, вредностите и меѓучовечките односи. Децата сè уште немаат изградени механизми за критичко препознавање на манипулациите, дезинформациите, скриеното рекламирање или психолошките техники што платформите ги користат за да создадат зависност. Нивната медиумска писменост е во процес на развој, а токму тоа ги прави ранлива категорија. Во дигиталниот свет секоја содржина изгледа еднакво уверлива. Лажната вест и научниот факт често се претставени со ист визуелен формат. Теориите на заговор, говорот на омраза, насилните содржини или опасните предизвици може да стигнат до детето со само неколку движења на прстот. Паралелно со тоа се развива и феноменот на споредување со нереални стандарди. Совршени тела, идеализирани животи и филтрирана реалност создаваат чувство на недоволност кај многу млади луѓе. Наместо простор за самодоверба, социјалните мрежи често стануваат фабрика за анксиозност, осаменост и ниска самопочит.
Дали на францускиот закон се гледа како на ограничување на слободата?
Според многумина експерти во различни области, имено психолози, педагози и правници, францускиот закон не треба да се гледа како ограничување на слободата, туку како обид да се воспостави баланс меѓу технолошкиот напредок и заштитата на детскиот развој. Исто како што постојат возрасни ограничувања за алкохол, цигари или возење автомобил, сè повеќе држави почнуваат да поставуваат прашање дали постои возраст под која неконтролираното користење на социјалните мрежи претставува ризик по здравјето. Но ниту еден закон нема да биде доволен ако не биде придружен со сериозна медиумска едукација.
– На децата не им треба само забрана. Ним им треба знаење како да препознаат манипулација, како да ги проверат информациите, како да ги заштитат личните податоци и како дигиталниот свет да го користат како алатка, а не како замена за реалниот живот. Одговорноста е заедничка. Родителите треба да бидат присутни во дигиталниот живот на своите деца. Училиштата мора да ја третираат медиумската писменост како основна животна вештина, а државите да создадат правила што ќе ја ограничат моќта на платформите кога станува збор за најмладите – велат нашите соговорници од Институтот по комуникациски студии.
Франција не воведува цензура, туку постави граница
Според психолозите со кои се консултиравме, психолошката зрелост е многу битен фактор и била одлучувачка за донесената одлука во Франција.
– Критичарите веднаш ќе кажат дека забраните не се решение и во право се, доколку забраните се единственото решение. Но францускиот закон не треба да се гледа како обид да се исклучат младите од дигиталниот свет. Напротив. Тој претставува обид да се одложи влегувањето во средина за која експертите сметаат дека бара поголема психолошка зрелост. Исто како што никој не смета дека ограничувањето за управување автомобил на дванаесет години е дискриминација, така сè повеќе држави почнуваат да се прашуваат дали детето навистина е подготвено за дигитален простор што функционира без пауза, без филтер и без милост – поентираат на крајот на нашиот разговор психолозите со кои се консултиравме. Н.М.
Научни истражувања за врската меѓу прекумерното користење на социјалните мрежи и нарушеното ментално здравје кај младите
Неконтролираното користење на социјалните мрежи сериозно влијае врз психичкото, емоционалното и социјалното здравје
Во последната деценија научната јавност сè поинтензивно ги истражува последиците од прекумерното користење на социјалните мрежи кај децата и адолесцентите. Иако дигиталните технологии носат многу придобивки, расте бројот на истражувања што предупредуваат дека нивната неконтролирана употреба може сериозно да влијае врз психичкото, емоционалното и социјалното здравје на младите.
Истражувања објавени во престижни научни списанија, како и анализи на Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и Американската психолошка асоцијација, покажуваат поврзаност меѓу долгото поминување време на социјалните мрежи и зголемената појава на анксиозност, депресивност, нарушувања на спиењето, намалена концентрација и проблеми со самодовербата. Особено чувствителна група се децата во периодот на раниот и средниот адолесцентски развој. Во таа возраст мозокот сè уште ги развива механизмите за самоконтрола, критичко размислување и процена на ризикот. Затоа младите многу полесно стануваат зависни од системите на наградување што ги користат социјалните мрежи преку лајкови, известувања и бесконечно прикажување содржини.
Научниците предупредуваат дека честото споредување со идеализирани фотографии и видеа може да доведе до незадоволство од сопствениот изглед, нарушена слика за себе и развој на психолошки проблеми. Дополнително, изложеноста на сајбер-насилство, говор на омраза и дезинформации создава дополнителен психолошки притисок врз младите корисници. Поради ваквите сознанија, сè повеќе држави воведуваат ограничувања и регулативи. Како што веќе пишувавме, Франција донесе закон со кој се ограничува пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години. Но и Австралија усвои закон со кој се предвидува минимална возраст од 16 години за користење на повеќето социјални мрежи, додека во повеќе американски сојузни држави се воведуваат построги правила за верификација на возраста и задолжителна согласност од родителите. Во Европската Унија, покрај законите за дигитални услуги, сè повеќе внимание се посветува на обврската платформите да ги намалуваат ризиците за малолетните корисници, да ја ограничат персонализираната реклама насочена кон децата и да обезбедат повисоко ниво на заштита на нивните лични податоци. Експертите се согласуваат дека решението не е во целосна изолација од технологијата. Наместо тоа, потребни се комбинација од разумни ограничувања и активна родителска контрола, развој на медиумската писменост и поголема одговорност на самите дигитални платформи. Во свет каде што дигиталниот простор станува составен дел од секојдневието, најголемиот предизвик не е дали децата ќе користат социјални мрежи, туку дали ќе научат да ги користат безбедно, критички и одговорно. Токму затоа голем број држави веќе не го поставуваат прашањето дали треба да се реагира, туку како најдобро да се заштити генерацијата што расте во дигиталната ера. Н.М.
Редакциски став
Стоп за социјалните мрежи што ја преземаат улогата на воспитувач на децата
- Министерството за дигитална трансформација со сериозна динамика и решително прави чекори во делокругот на своето работење, а истовремено со многу висок степен на осет внимава на ранливите категории во оваа област, како што се децата и адолесцентите, во нивниот образовно-воспитен процес, координирајќи се со другите надлежни институции
Има моменти кога една законска одлука е многу повеќе од правен акт. Таа станува порака, предупредување и огледало на времето во кое живееме. Таква е одлуката на Франција да го забрани користењето на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. На прв поглед тоа изгледа како уште една административна мерка. Но, зад неа стои едно многу подлабоко прашање: Кој денес ги воспитува децата – родителите, училиштето или алгоритмите?
Пред само дваесетина години најголемата грижа на родителите беше дали нивното дете ќе се врати навреме дома. Денес детето можеби е физички во својата соба, но духовно и психолошки патува низ бескрајниот дигитален свет, каде што секоја минута за неговото внимание се борат армија алгоритми создадени од најдобрите инженери, психолози и маркетинг-експерти. Тие алгоритми немаат ниту совест ниту педагошка одговорност. Нивната единствена цел е да го задржат корисникот што е можно подолго пред екранот. Колку повеќе време поминува таму толку повеќе податоци остава зад себе и толку поголема е заработката на платформите. Токму затоа, кога станува збор за децата, не може повеќе да се зборува само за слобода на избор. Не може да има вистински избор таму каде што едната страна располага со милијарди долари, армија експерти за човечкото однесување и вештачка интелигенција што секојдневно учи како уште подобро да го задржи вниманието на најмладите.
Детскиот мозок не е создаден за дигитален притисок
Невронауката одамна објасни дека човечкиот мозок не созрева прекуноќ. Особено деловите задолжени за самоконтрола, процена на ризикот и долгорочно размислување продолжуваат да се развиваат и по полнолетството. Тоа значи дека детето многу потешко препознава манипулација, не ја согледува секогаш разликата меѓу вистината и конструкцијата, ниту може лесно да му одолее на системот на дигитални награди што го нудат социјалните мрежи. Секој лајк, секое известување и секое ново видео претставуваат мала психолошка награда. Мозокот постепено се навикнува на тој механизам и бара уште. Така се создава зависност, која не се разликува многу од другите облици на зависничко однесување. Затоа не треба да изненадува што сè повеќе родители сведочат дека нивните деца стануваат раздразливи кога ќе им се одземе телефонот, дека тешко се концентрираат на учење, книги или разговор, а сè потешко воспоставуваат вистински социјални контакти.
Информацијата никогаш не била подостапна, а вистината никогаш потешко препознатлива
Парадоксот на современиот свет е што никогаш немало повеќе информации, а никогаш не било потешко да се препознае која информација е точна. На социјалните мрежи научниот факт, измислената приказна, политичката пропаганда, рекламирањето и теоријата на заговор изгледаат речиси идентично. Иста графика, ист формат, исто видео. Возрасните понекогаш тешко ги разликуваат. Како тогаш тоа да го очекуваме од едно дванаесетгодишно дете? Медиумската писменост не е вродена способност. Таа се учи. Но образовните системи речиси насекаде во светот многу побавно се менуваат отколку технологијата. Додека училиштата размислуваат како да воведат дигитална писменост, платформите веќе ја користат најсовремената вештачка интелигенција за да го предвидат и насочат однесувањето на корисниците.
Најголема опасност не е насилството, туку опасноста од нормализација на насилството
Кога се зборува за ризиците од интернетот, најчесто се споменуваат сајбер-насилството, сексуалните предатори или опасните интернет-предизвици. Но постои една многу потивка и посериозна опасност – нормализацијата. Кога детето секојдневно гледа луксуз како единствена мерка за успех, агресија како средство за популарност, навреди како нормален начин на комуникација, а физичкиот изглед како најважна човечка вредност, тогаш постепено почнува да верува дека тоа е реалниот свет. Алгоритмите не прашуваат дали содржината е добра за детето. Тие прашуваат само дали ќе го задржи неговото внимание. А тоа е суштинската разлика меѓу воспитувањето и профитот.
Родителите не можат сами
Често се слуша аргументот дека сè зависи од семејството. Тоа е точно, но само делумно. Ниту еден родител денес не може сам да се натпреварува со индустрија вредна стотици милијарди долари, која секојдневно ги усовршува методите за задржување на вниманието. Затоа одговорноста мора да биде поделена. Државата треба да создаде јасни правила. Училиштето треба да ја направи медиумската писменост задолжителен дел од образованието. Платформите треба да преземат поголема одговорност за содржините што им ги препорачуваат на малолетниците. Родителите треба да бидат пример, а не само контролори. Најголемата опасност не е тоа што децата ќе користат технологија. Технологијата е неизбежен дел од иднината. Најголемата опасност е ако дозволиме детството да стане уште еден производ на дигиталната економија, а вниманието на децата најскапа стока на глобалниот пазар.
Во тој контекст, не може а да не се издвојат заложбите и работењето на Министерството за дигитална трансформација, кое ја предводи македонската дигитална трансформација преку иновативни политики, стратешки инвестиции и партнерства, промовирајќи дигитални алатки и знаења за граѓаните. Министерството за дигитална трансформација со сериозна динамика и решително прави чекори во делокругот на своето работење, а истовремено со многу висок степен на осет внимава на ранливите категории во оваа област, како што се децата и адолесцентите, во нивниот образовно-воспитен процес, координирајќи се со другите надлежни институции (вклучувајќи го и Министерството за образование) и обрнувајќи внимание на процесот на имплементација и користење на дигиталните алатки поврзани со младата популација. Р.Н.М.































