Фото: „Нова Македонија“

Повод: Анализа на британски „Гардијан“ за политичката варијанта Обединетото Кралство да ја напушти Европската конвенција за човекови права и за преиспитување делови од Договорот од Велики петок!

Преиспитувањето на веќе потпишани договори е табу само за малите држави?!

  • Доколку во Обединетото Кралство е легитимно да се отвора дебата за напуштање на Европската конвенција за човекови права или за преиспитување делови од Договорот од Велики петок, тогаш се поставува прашањето зошто на Македонија речиси и не ѝ се остава простор да ги преиспита договорите што имаат далекосежни последици врз нејзините национални интереси. Секое отворање на прашањето за ревизија или измена на Преспанскиот договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија или на вториот протокол најчесто се квалификува како недозволиво или како закана за европската перспектива на државата

Статија во реномираниот британски медиум „Гардијан“ опишува дека сè повеќе политичари во Република Ирска, Северна Ирска, Шкотска и во Велс сметаат дека евентуална влада предводена од Најџел Фараж и партијата Реформа на Обединето Кралство (Reform UK) би можела да предизвика сериозна уставна криза во Обединетото Кралство.
Според текстот во „Гардијан“, поранешниот премиер на Велс, Марк Дрејкфорд, предупредува дека британската унија (Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска) би можела да почне брзо да се распаѓа доколку Реформа на Обединето Кралство дојде на власт. Тој смета дека политичките промени во последните години го направиле Обединетото Кралство многу понестабилно отколку порано.
Имено, во Северна Ирска, и суверенистички и некои унионистички политичари сметаат дека политиките на Фараж би можеле да ја зголемат веројатноста за референдум за обединување со Република Ирска. Ирскиот министер за правда, Џим О’Калаган, вели дека владата во Даблин треба уште сега да почне да се подготвува за можноста за обединета Ирска наместо да реагира дури ако таков процес започне. Пратеничката Клер Хана предупредува дека финансиската поддршка што Северна Ирска ја добива од британскиот буџет би можела да стане политичка тема за Реформа на Обединето Кралство. Таа прави споредба со тоа како придонесите на Британија во буџетот на Европската Унија станаа една од главните теми за време на кампањата за брегзит.
Статијата во „Гардијан“ не тврди дека распадот на Обединетото Кралство е неизбежен. Наместо тоа, пренесува загриженост и процени на повеќе политичари, кои сметаат дека, ако Реформа на Обединето Кралство предводена од Најџел Фараж формира влада, би можело да се забрзаат процесите што веќе постојат, односно нов референдум за независност на Шкотска; потоа, референдум за обединување на Ирска; како и поголеми тензии околу иднината на Велс и самото Обединето Кралство.

Преиспитување договори!?

Во статијата се наведува дека Фараж предлага Обединетото Кралство да ја напушти Европската конвенција за човекови права и да се преиспитаат делови од Договорот од Велики петок!
Неговите критичари тврдат дека таквите потези би можеле да ја нарушат политичката рамнотежа во Северна Ирска. Се споменуваат и анкети, според кои, „поддршката за напуштање на Европската конвенција за човекови права е релативно висока во Северна Ирска, особено кај дел од унионистичките гласачи“.

За преиспитувањето договори: Британија може, Македонија не може?!

Во европската политичка практика очигледно не постојат исти аршини за сите држави. Доколку во Обединетото Кралство е легитимно да се отвора дебата за напуштање на Европската конвенција за човекови права или за преиспитување делови од Договорот од Велики петок, тогаш се поставува прашањето зошто на Македонија речиси и не ѝ се остава простор да ги преиспита договорите што имаат далекосежни последици врз нејзините национални интереси. Секое отворање на прашањето за ревизија или за измена на Преспанскиот договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија или на вториот протокол најчесто се квалификува како недозволиво или како закана за европската перспектива на државата. Притоа, дел од македонската јавност, како и одредени правни и академски кругови, сметаат дека овие документи содржат одредби што навлегуваат во прашања поврзани со македонскиот идентитет, историјата и јазикот, а некои автори тврдат дека тие се во судир со норми од меѓународното право што имаат императивен карактер (јус когенс).
Без оглед дали некој се согласува или не со овие оцени, останува принципиелното едно прашање. Имено, ако преиспитувањето меѓународни договори е легитимна политичка опција за големите европски држави, врз која правна или демократска основа истата можност однапред ѝ се оспорува на Македонија? П.Р.