КОШАРКА – ЈУНИОРИТЕ ЌЕ ИГРААТ НА ЕП 2026 ДИВИЗИЈА Б ВО ХРВАТСКА
- ЕП ќе се игра во Риека и Опатија, ќе учествуваат 22 селекции, а трите првопласирани ќе обезбедат место во елитната дивизија А
Машката јуниорска репрезентација за кошаркари до 18 години отпатува за Хрватска, каде што од денеска до 2 август ќе настапи на Европското првенство (ЕП), дивизијата Б, во Риека и Опатија. Ќе учествуваат 22 селекции, а трите првопласирани ќе обезбедат место во елитната дивизија А.
– Атмосферата во репрезентацијата е одлична, на највисоко ниво. За жал, имавме неколку повреди, кои ги сменија плановите во текот на подготовките, но тоа е составен дел од спортот. Имавме доволно време да ги анализираме противниците, а целиот наш фокус е насочен кон првиот натпревар со Грузија. Одиме меч по меч и на секој ќе играме на победа. Тоа е наша обврска кога го носиме дресот со државниот грб. Ќе се бориме секоја секунда за Македонија, затоа што амбициите секогаш мора да бидат највисоки кога се игра за националниот тим – изјави Миодраг Тодоровиќ, селектор на македонската јуниорска репрезентација, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Црвено-жолтите надежи се во групата Д, заедно со Грузија, Шведска, Унгарија и со БиХ. Подготовките за ЕП траеја еден месец, а беа одиграни два контролни меча со Бугарија и еден со Косово. Селекциите на ЕП 2026 дивизија Б се поделени во четири групи, од кои првопласираните две од секоја група ќе обезбедат пласман во четврт-финалето. За македонските јуниори првиот меч е денеска (20.30 ч., во Опатија) со Грузија, а потоа се дуелите со БиХ (утре, од 18 ч., во Риека), Унгарија (в недела, од 10.30 ч., во Опатија) и со Шведска (в среда, од 10.30 ч., во Риека). Во зависност од пласманот во групата Д, во следната фаза Македонија ќе ги чека противниците за вториот, елиминациски дел. Г.И.
ЈУНИОРСКО ЕП 2026, ДИВИЗИЈА Б
Група А: Хрватска, Швајцарија, Црна Гора, Норвешка, Романија
Група Б: Полска, Исланд, Чешка, Украина, Португалија. Азербејџан
Група Ц: Белгија, В. Британија, Финска, Ирска, Холандија, Кипар
Група Д: Шведска, БиХ, Македонија, Грузија, Унгарија































