Владеење на правото – само кога ѝ одговара на ЕУ
- Додека евроамбасадорот Рокас инсистира дека за владеењето на правото нема компромис, европскиот однос кон Македонија покажува дека принципите важат само тогаш кога ѝ одговараат на Унијата
Европската Унија со децении се самопромовира како главен столб на демократијата, праведноста и правниот поредок, поставувајќи се како идеален рол-модел кон кој треба да стремат сите земји кандидатки. Во теорија, европските вредности подразбираат бескомпромисно почитување на законите, меѓународните договори и фундаменталните човекови права.
Право по европски: Правила за другите, исклучоци за себе
За жал, тоа беше само во изјавите на високите европски функционери, додека во практика се правеше спротивното – ЕУ лесно заборава на почитувањето на правото секогаш кога нештата не одат во нејзина полза.
Затоа денес е урнисан европскиот кредибилитет, бидејќи за да може некој да има морално право да дели лекции и да бара бескомпромисно спроведување на правото кај другите, Брисел пред сè мора самиот да биде беспрекорен пример за доследност и да ги почитува тие исти правни принципи без никакви исклучоци. А не го прави тоа.
Рокас: Нема компромиси со владеењето на правото
Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас при неодамнешното обраќање на седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на пристапниот процес, порача дека владеењето на правото останува клучен услов за успешна евроинтеграција на земјата и дека околу тоа не може да има никаков компромис.
Нема никакво сомневање дека ова е точно и македонските граѓани сакаат владеење на правото во својата држава, но односот на Европската Унија кон Македонија низ сите изминати години покажа сосема поинаква, прагматична слика. Наместо принципиелност, Унијата во повеќе наврати демонстрираше дека правото го толкува и го спроведува селективно – единствено онака како што им одговара на нејзините геополитички интереси или на тесните барања на одделни земји членки, барања што всушност се целосно спротивни на меѓународното право. Со премолчувањето и поддржувањето на кршењето на меѓународните правни норми, Брисел сам го наруши сопствениот авторитет на доследен правен заштитник.
Кога правото станува политичка алатка…
Тоа што Македонија се согласи името на државата да биде предмет на преговори за членство во ЕУ, како и сегашното инсистирање за уставни измени, не е ништо друго освен флагрантно прекршување на меѓународното право, а Унијата е директен учесник во бесправното реконструирање на Македонија по теркот што им одговара на некои земји членки.
Брисел молчи и кога земји членки не ги спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права, кога не им овозможуваат никакви права на малцинствата, што всушност значи дека поддржува владеење на неправото.
„Не гледај што правам јас, туку прави како што ти кажувам“ или каде исчезна европскиот легализам?
Токму затоа изјавата на евроамбасадорот Рокас беше повод за широка дебата што се отвори деновиве, при што некои од нашите соговорници, поранешни дипломати, експерти за евроинтеграции, како и професори, немаат никаква дилема дека ЕУ има длабоко застрането од вистинското почитување на правото.
– Она што Рокас го вели не е ништо поинакво од она што сите бриселски бирократи го повторуваат со децении. Македонија веруваше дека ЕУ е доследна и дека е пример како треба да изгледа една правна држава, но многу брзо се соочи со реалноста. Да се бара промена на знаме, на име, на јазик, на историја, да се замижува пред отворено ембарго, тоа е надвор од секакво право, тоа е класично насилство од позиција на помоќните. Каква правна основа имаат сите наметнати услови за Македонија? Не е ли погазено меѓународното право со тоа што се погазува основниот принцип секој народ да може да си го избира името на државата, знамето, да си гради сопствени историски наративи и слично? Преспанската спогодба е школски пример за газење на меѓународното право. Брисел го поддржа тоа неправо и сега клучната дилема што се наметнува е колку Унијата има кредибилитет да инсистира на принципи што самата ги гази кога се во прашање македонските евроинтеграции. Повторувањето на истите фрази од страна на европските претставници сè повеќе личи на реторика од типот „не гледај што правам јас, туку прави како што ти кажувам“ – велат нашите соговорници.
Европската криза на легализмот: Унијата беше пример за владеењето на правото
Според нив, не може да се зборува за владеење на правото, а истовремено да се замижува пред флагрантното кршење на основните принципи на ЕУ, како што се правото на самоопределување и самоименување и заштитата на националниот идентитет.
– Газењето на меѓународното право и притисоците за прекршување на суверенитетот преку наметнати договори и измени на највисокиот правен акт – Уставот, ги ставаат под знак прашалник легалитетот и искреноста на европскиот пристап. Оние што ја применуваат само „аргументацијата на силата“, а не и силата на правото, не можат да очекуваат дека ќе го задржат авторитетот на вистински правен арбитар. Да се биде легалист е аритметичка категорија – или си легалист во сите ситуации или воопшто не си. Трета опција нема. Доколку Европската Унија искрено сака Македонија да биде функционална правна држава, таа мора најпрво да почне од сопствениот двор. Наместо константни проповеди и лекции, кандидатите за членство треба да видат реален пример каде што меѓународните и правните норми важат еднакво за сите. Сè додека Брисел користи двојни стандарди, евроинтегративниот пат ќе се доживува како пародија, а довербата во европските вредности целосно ќе изветрее. А Брисел веднаш може да го направи тоа, така што ќе го одблокира македонскиот евроинтегративен пат и ќе ги тргне веднаш билатералните прашања од преговарачката рамка. На тој начин ќе покаже дека иако застранил, барем се обидува да се врати на вистинскиот колосек. Сè друго е лицемерство – заклучуваат нашите соговорници, додавајќи дека Македонија е всушност таа што треба да бара од ЕУ бескомпромисно владеење на правото, бидејќи токму ЕУ сè почесто се соочува со обвинувања за селективна примена на сопствените принципи.































