Фото: МИА

Недостатоците во законската регулатива, недоволните човечки ресурси и слабиот фискален напор сериозно го ограничуваат фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР) за периодот 2020–2024 година.

Ревизијата, изработена во рамки на Годишната програма за работа за 2025 година, ја анализира ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци. Заклучокот е дека постојните политики и мерки не обезбедуваат ефикасна наплата и управување со локалните јавни приходи.

Според ревизорските наоди, во периодот од 2020 до 2024 година општините акумулирале ненаплатени побарувања во вредност од 2,93 милијарди денари по основ на даноци, такси и надоместоци, додека отпишале побарувања во износ од 233,9 милиони денари.

Најголемиот дел од ненаплатените средства се однесуваат на данокот на имот – 1,73 милијарди денари, при што 67 проценти од побарувањата се постари од пет години. Според ДЗР, ова укажува на слаб фискален напор и недоволно ефикасни механизми за наплата.

Ревизорите утврдиле сериозни слабости и во законската рамка. Регистарот на недвижности не се ажурира автоматски, роковите за плаќање не се прецизно дефинирани, не е уреден начинот на достава на даночните решенија, а постојат и ограничувања при ревизија на пазарната вредност на имотот.

Дополнителен проблем е застарената методологија за проценка на вредноста на објектите, која не ги следи современите видови градби, материјали и реалните пазарни цени. Само 15 општини извршиле ревизија на пазарната вредност на имотот, што доведува до нерамномерна примена на прописите.

Слабости се утврдени и во администрирањето на комуналните такси. Во многу општини тие се наплатуваат без издадени решенија и без воспоставени регистри на обврзници, а повеќе од половина од општините администрираат само три од осумте законски предвидени комунални такси.

Ревизијата посочува дека недостигот од кадар, неусогласените софтверски решенија, нецелосните регистри и недоволниот број проценители дополнително ја намалуваат ефикасноста на управувањето со локалните приходи. Постојните софтвери, кои ги користат најголем дел од општините, не овозможуваат прецизно следење на наплатата по години.

Кај надоместокот за уредување на градежното земјиште, 14 општини имаат ненаплатени побарувања од 826,4 милиони денари, главно поради различни практики при одобрување на плаќање на рати и несоодветно обезбедување на побарувањата.

Анализата покажува дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, располагаат со значително послаб фискален капацитет во споредба со урбаните општини.

ДЗР предупредува и на сериозен недостиг од инспекциски надзор. Во државата има само еден инспектор од Управата за јавни приходи задолжен за оваа област и 16 даночни инспектори во општините, кои немаат овластување да изрекуваат глоби.

Ревизорите препорачуваат законски измени, модернизација на регистрите и методологиите, зајакнување на административните капацитети и подобра координација меѓу институциите, со цел да се зголеми наплатата на локалните даноци, такси и надоместоци и да се подобри финансиската одржливост на општините.