Повод: Уште едно вето во ЕУ за санкциите кон Русија, овој пат од Атина
- Грчкото вето за санкциите кон Русија уште еднаш покажа дека економските и државните интереси на земјите членки сè почесто имаат предност пред амбицијата за целосно усогласена европска политика
Последниот спор околу новиот пакет санкции против Русија покажува дека, и покрај силната реторика за единство, државите членки и натаму се подготвени да ги бранат сопствените економски и геополитички позиции, дури и кога тоа значи блокирање на заедничките политики на Брисел.
За спротивставувањето/ветото на Бугарија и новиот премиер Радев пишувавме исцрпно пред некој ден. Но сега и нашиот јужен сосед го активира истиот механизам, заради свои интереси што Атина ги оцени дека се „национални интереси“.
Имено, Грција го услови усвојувањето на новиот пакет санкции со барање за „исклучок од забраната за транспорт на руски течен природен гас (ЛНГ)“! Според постојниот договор, од 1 јануари 2027 година треба целосно да бидат забранети не само увозот на руски ЛНГ во Европската Унија туку и неговиот директен или индиректен транспорт.
За Атина, меѓутоа, проблемот не е домашното снабдување со гас, туку иднината на нејзината поморска индустрија. Како земја што располага со најголемата трговска флота во светот, Грција бара нејзините бродови „да можат и понатаму да превезуваат руски ЛНГ до купувачи надвор од Европската Унија“!
Судир меѓу бриселската амбиција и економската реалност
Грчката аргументација е следната. Доколку европските компании се повлечат од овој пазар, Русија нема да остане без приходи, туку транспортот ќе го преземат други држави, пред сè Кина. Во таков случај, економската штета ќе ја претрпи европскиот бродски сектор, без тоа суштински да ја ослаби руската економија.
Токму ваквата логика предизвика остри реакции во дел од европските престолнини. Според дипломатски извори, повеќе земји членки сметаат дека Грција се обидува ретроактивно да измени текст што веќе бил едногласно договорен, ставајќи ги сопствените економски интереси пред заедничката европска политика. Во заднината на спорот се наоѓа и компанијата „Динагас“, во сопственост на грчкиот бизнисмен Јоргос Прокопиу. Компанијата и нејзините подружници располагаат со флота специјализирана за транспорт во арктички услови и имаат долгорочни договори со рускиот проект „Јамал ЛНГ“, од кои дел важат до 2065 година. Од компанијата предупредуваат дека раскинувањето на тие договори може да предизвика сериозни финансиски последици, да доведе до прекршување на кредитните обврски и практично да ја направи специјализираната флота неупотреблива.
Националната држава останува клучниот актер!
Овој случај не е изолиран инцидент, туку уште еден пример дека националната држава останува основниот носител на политичката моќ во Европската Унија. И покрај постепеното проширување на надлежностите на европските институции, кога станува збор за стратешките економски интереси, владите сè уште првенствено одговараат пред сопствените граѓани, стопанство и политички електорат. Во последните години слични ситуации можат да се забележат во повеќе области – од енергетската политика, преку миграцијата, па сè до буџетските правила и безбедносните прашања. Формално, сите држави ја поддржуваат идејата за европско единство, но во пракса сè почесто инсистираат на исклучоци, дерогации и посебни национални решенија.
Забележително е дека суверенизмот е во подем
Политички гледано, случајот со Грција се вклопува во поширокиот тренд што во последната деценија добива сè поголема тежина – зајакнувањето на суверенистичкиот пристап во рамките на Европската Унија. Поддржувачите на ваквиот концепт сметаат дека Унијата треба да остане заедница на суверени држави што соработуваат таму каде што постои заеднички интерес, но без пренесување на клучните политички и економски овластувања на наднационалните институции. Од оваа перспектива, грчката позиција не претставува исклучок, туку потврда дека националните влади сè уште се подготвени да ги стават сопствените интереси пред барањата на Брисел. Од друга страна, поборниците на подлабока поврзаност на државите членки во Унијата, предупредуваат дека „честите национални исклучоци ја поткопуваат способноста на ЕУ да дејствува единствено и ја намалуваат нејзината геополитичка тежина“. Според нив, „Унијата може да биде влијателен глобален актер само ако земјите членки се подготвени да прифатат заеднички правила и тогаш кога тие носат краткорочни економски трошоци“.
Трансформацијата (преструктурирањето на ЕУ) ќе добие приоритет пред проширувањето
Спорот околу рускиот течен природен гас има значење што далеку ги надминува енергетиката и санкциите. Тој отвора суштинско прашање за идниот политички развој на Европската Унија – дали таа ќе продолжи кон подлабока политичка централизација или ќе се развива како флексибилна заедница во која националните интереси ќе останат пресудниот фактор.
Овој пат, грчкиот пример покажа дека, кога ќе се судрат економската реалност и наднационалните амбиции, националните влади често избираат да ги заштитат сопствените стратешки интереси. Тоа не мора да значи крај на европската интеграција, но укажува дека иднината на Унијата најверојатно ќе се обликува низ постојаното балансирање меѓу стремежот кон поголема интеграција и инсистирањето на државите членки да го зачуваат сопствениот суверенитет. Во таа смисла, случајот со Грција може да се чита како уште еден показател дека дебатата меѓу федералистичката либерална визија за ЕУ како наддржава (и за поцентрализирана Европска Унија), наспроти суверенистичкиот концепт на Европа на нациите, ќе остане едно од клучните политички прашања што ќе ја обликуваат Унијата во годините што следуваат. А дефинитивно трансформацијата (преструктурирањето на ЕУ) ќе добие приоритет пред проширувањето. Р.С.
































