Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – КФМ

Светислав Пешиќ ќе биде главен предавач на тренерската клиника во Скопје

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ги известува сите македонски тренери дека годинашната задолжителна тренерска клиника ќе се одржи на 24 и на 25 август во Скопје, а главен предавач ќе биде еден од најтрофејните и највлијателни европски кошаркарски стручњаци, Светислав Пешиќ. Станува збор за тренер чија кариера повеќе од четири децении претставува синоним за врвни резултати, лидерство и за кошаркарско знаење, пишува КФМ.
Пешиќ е член на Куќата на славните на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), европски и светски шампион со репрезентации, освојувач на титулата во Евролигата и еден од најпочитуваните тренерски авторитети во светската кошарка. Пешиќ ќе им го пренесе своето богато искуство на македонските тренери преку дводневна стручна едукација. Клиниката е наменета за сите македонски кошаркарски тренери, а присуството е задолжително, бидејќи претставува еден од основните услови за добивање тренерска лиценца за натпреварувачката сезона 2026/2027, велат од КФМ.
Во текот на двата дена, учесниците ќе имаат можност непосредно да се запознаат со современите тренерски принципи, методологијата на работа и со филозофијата на еден од најуспешните европски стратези, што претставува исклучителна можност за стручно усовршување на македонската тренерска фела. Дополнителни информации во врска со програмата на клиниката, местото на одржување и начинот на пријавување ќе бидат објавени во наредниот период, информираат од КФМ. Г.И.


ОД УТРЕ ВО КОШАРКАРСКАТА КУЌА НА СЛАВНИТЕ

Кари ќе има посебна изложба, прва организирана за активен играч

Стеф Кари се упатува кон Куќата на славните, создавајќи уште една кошаркарска историја, со изложба, прва од ваков вид за активен кошаркар, која ќе биде отворена утре, прославувајќи ја кариерата на двократниот најкорисен играч (МВП) и лидер во НБА по постигнати тројки, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Кошаркарската куќа на славните „Најсмит“ во вторникот ја објави изложбата, велејќи дека ова е првпат да се организира вакво нешто во речиси 75-годишната историја на музејот за активен играч.
– Кога размислувам за моето патување, размислувам за луѓето што веруваа во мене, за работата што се случуваше кога никој не гледаше и за моментите што ме обликуваа на теренот и надвор од него. Да ја раскажам таа приказна додека сè уште играм е нешто што го сфаќам многу сериозно. Се надевам дека навивачите ќе поминат низ ова искуство и ќе ги почувствуваат радоста, целта и благодарноста што ми ја даде кошарката, а можеби и малку од своето патување ќе видат во него – рече Кари преку соопштение, пренесе АП.
Развиена во партнерство со бизнис-тимот на Кари, „Трити инк“, изложбата ќе содржи видеоснимки од кариерата на Кари, сувенири и аудио и видеокомпоненти, кои ја раскажуваат приказната за играч што беше занемарен на почетокот на колеџот, а потоа стана 12-кратен олстар-играч што го предводеше Голден стејт до четири титули во НБА-лигата.
– За него, тоа што стана првиот активен играч што има изложба во Кошаркарската куќа на славните е доказ за тоа што тој претставува за играта, за Голден стејт, за НБА и за неговите милиони обожаватели низ целиот свет. Очигледно, ова е само вовед во неговото конечно вклучување во Куќата на славните, но и соодветна почит кон еден иконски играч и неверојатен човек што сам ја промени играта – рече генералниот менаџер на Голден стејт, Мајк Данливи, пренесе АП. Г.И.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

Евенепул ја намали предноста на Погачар

Ремко Евенепул го намали водството на Тадеј Погачар во генералниот пласман за 28 секунди со доминантна победа на трката на хронометар, во 16. етапа на велосипедската грантур-трка Тур де Франс. За олимпискиот шампион Евенепул тоа беше втората етапна победа во низа. И покрај двете последователни етапни победи, Евенепул ги отфрли сугестиите дека би можел да го предизвика Погачар за вкупен победник, пишува „Би-би-си“.
– Јас сум само фокусиран на моето место. Мислам, Тадеј е на пат да го освои петтиот Тур де Франс. Едноставно е неверојатно што можам да бидам малку блиску до него – рече Евенепул, пренесе „Би-би-си“.
Во генералниот пласман, Погачар е пред Евенепул со четири минути и 32 секунди предност, а трет е Матијас Скјелмосе со заостанување од шест минути и 51 секунда. Г.И.