Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Внатрешните поделби во ЕУ околу новиот пакет санкции кон Русија

  • Случајот со новите санкции кон Русија повторно покажа дека во Европската Унија националниот интерес е најсилната политичка валута, а Македонија одамна ја научи таа лекција

Со години македонските граѓани ги слушаат изјавите на голем број европски претставници кога за време на нивните кратки посети на земјава постојано изјавуваат дека Европската Унија ги носи своите одлуки почитувајќи ги заедничките вредности, солидарноста и единството. Тоа е и нивниот изговор кога одбиваат да ги исфрлат билатералните прашања од преговарачката рамка за земјава, да дадат каква било гаранција дека македонските евроинтеграции ќе се засноваат само врз Копенхашките критериуми, дека нема да дозволат други непринципиелни блокади и слично.
И сето тоа важи додека не бидат засегнати интересите на некоја земја членка. Тогаш солидарноста, едногласноста и заедничките вредности се оставаат настрана, а секој трга од она што нему му е важно. Само низ една таква призма можат да се набљудуваат последните случувања околу новиот пакет санкции за Русија.
Имено, токму последните несогласувања околу новиот пакет санкции против Русија јасно покажаа дека европското единство не е цврста категорија, туку сложен баланс на различни национални интереси. Сè додека одлуките не ги допираат домашната економија, индустријата, енергетиката или финансискиот сектор, заедничките ставови изгледаат лесно достижни, но во моментот кога цената треба да ја платат самите држави, тогаш секоја земја почнува да ја брани сопствената позиција.

Унгарија како „баба рога“

Со години вниманието беше насочено кон Унгарија и кон поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан како симбол на отпорот кон европските санкции против Москва. Во јавноста се создаде впечаток дека токму Будимпешта е единствената пречка за побрзо донесување на одлуките. Таквата слика беше едноставна, разбирлива и политички погодна. Но во моментот кога унгарската блокада исчезна со доаѓањето на новиот унгарски премиер Петер Маѓар се покажа една многу посложена реалност. Одеднаш и други земји почнаа да предупредуваат дека санкциите би можеле сериозно да ги погодат нивните економии. Земји што досега не беа во првиот план почнаа отворено да бараат исклучоци, измени или одложувања.
Тоа покажува дека отпорот никогаш не бил концентриран само во Будимпешта. Разликата е што додека постоеше унгарското вето, многумина немаа потреба јавно да ги покажуваат сопствените резерви. Политичката цена ја плаќаше некој друг.
Како што пишува бриселски „Политико“, откако го нема Орбан, сега некои земји членки го изгубија параванот зад кој се затскриваа и почнаа и самите отворено да се спротивставуваат на новите санкции кон Русија бидејќи тоа ги погодува нивните интереси.
– Изненадување и разочарување е тоа колку многу земји членки заглавија во своите постапки. Од најголема важност е да се продолжи со зајакнувањето на санкциите на ЕУ против Русија во овој момент кога Русија почнува да го чувствува притисокот од војната во својата домашна економија и во јавната перцепција – изјави Виле Нинисто, фински европратеник и претседател на делегацијата на Европскиот парламент за Русија.
Пакетот, презентиран од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јуни, е 21. откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина. По 20 претходни рунди, дипломатите велат дека на ЕУ ѝ снемуваат лесни цели и сè повеќе се судира со моќни национални интереси. Санкциите бараат едногласна поддршка од сите 27 земји на ЕУ.
Грција досега одби да го поддржи 21. пакет поради забраната за компаниите од ЕУ да испорачуваат руски течен природен гас во трети земји. Атина ја надгледува најголемата трговска флота во светот и е загрижена за влијанието врз грчката компанија што управува со танкери за кршење мраз што извезуваат руски течен природен гас.
Грчкиот амбасадор предупреди дека мерката би можела да ги натера бродовите да го променат знамето и да се преселат во јурисдикции каде што правилата би биле уште потешки за спроведување, според уште двајца дипломати вклучени во дискусиите.

Секоја земја се штити себеси

Според „Политико“, разговорите беа нарушени и од австриската интервенција во име на Рајфајзен банка, втората по големина во земјата. Рајфајзен долго време бараше надомест за она што го нарекува нелегална експропријација од 2,44 милијарди евра на нејзините средства во Русија преку трансфер на замрзнати средства што му припаѓаат на еден од водечките олигарси во Москва. Виена го отвори случајот за време на преговорите за неколку претходни пакети санкции. Но луѓето вклучени во разговорите рекоа дека ова е првпат тоа да придонесе за доцнење во последен момент. Комисијата ѝ испрати на Австрија предлог со кој ветува дека ќе го разгледа прашањето во подоцнежен пакет санкции.
Бугарија се спротивстави на вклучувањето на Кирил, поглаварот на руската црква и истакнат поддржувач на војната на Москва. Италија, исто така, изрази формална резерва, а петтиот дипломат од ЕУ рече дека Ватикан се спротивставува на опфаќањето на поглаварот на друга црква со забрани.
– Тоа е солидарност на папата – рече дипломатот. Кирил беше изоставен од конечниот текст.
Франција и Италија – кои им даваат голем број визи на Русите – исто така се спротивставија на ограничувањата за поранешните руски војници. Тие тврдеа дека системот за утврдување, кој треба да биде опфатен, не е подготвен за спроведување, а мерките се значително разблажени.
Сепак, отстапките што одредени земји членки на ЕУ ги бараат во однос на санкциите кон Русија ги разбија надежите дека заминувањето на Орбан значително ќе го олесни заострувањето на економскиот притисок врз Москва.
– Орбан беше тежок – рече друг дипломат од ЕУ, „но тој всушност никогаш не блокираше цели пакети“, наведува „Политико“ во својата статија.

И Македонија треба исклучиво да се води од сопствените интереси

Поранешни дипломати и професори оценуваат дека ова не е ништо ново и дека Македонија не треба да биде изненадена од ваквото однесување, уште помалку да верува на приказните дека ЕУ е единствена и носи одлуки со консензус.
– Ова е приказна за начинот на кој функционира Европската Унија. Таа е заедница на држави што имаат заеднички институции, но и различни економски модели, геополитички интереси и домашни политички пресметки. Затоа компромисите често се многу потешки отколку што изгледаат однадвор. Токму тука Македонија има причина внимателно да ја следи оваа дебата. Нашата држава со години слуша дека европските правила важат еднакво за сите и дека процесот на проширување се темели на јасни критериуми. Но практиката повеќепати покажа дека националните интереси на поединечни членки имаат огромно влијание врз заедничките европски политики. Македонија најдобро го почувствува тоа во сопствениот евроинтегративен процес. Наместо реформите секогаш да бидат единствениот критериум, на патот се појавуваа билатерални спорови, нови условувања и политички барања што немаа многу допирни точки со европското законодавство – посочуваат нашите соговорници.
Според нив, во една таква ситуација, поуката за Македонија е дека европските процеси треба да се набљудуваат без идеализација, но и без непотребен песимизам дека остануваме заглавени и слично поради унисоните европски ставови, кои се гледа дека во пракса се далеку од унисони.
– ЕУ е политичка заедница составена од држави, а не наднационален механизам во кој националните интереси исчезнуваат. Затоа и македонската дипломатија мора да настапува со јасно дефинирани државни позиции, свесна дека и другите го прават токму тоа. Очекувањето дека само Македонија треба секогаш да попушта во име на европската перспектива и да ги загрозува националните интереси не е во согласност со начинот на кој функционира самата Унија. Последните случувања околу санкциите се потсетник дека секоја држава, без разлика на нејзината големина, прво го гледа сопствениот интерес. Разликата е само во тоа колку гласно го кажува тоа. Можеби токму затоа најважната лекција за Македонија е дека европската иднина не се гради со откажување од сопствените позиции, туку со мудро и упорно застапување на националните интереси, исто онака како што тоа го прават и земјите што веќе седат на европската маса – заклучуваат соговорниците. Р.С.