Фото: Електродистрибуција

Силното невреме што вчера зафати повеќе градови во државата предизвика сериозни оштетувања на електродистрибутивната мрежа, поради што без електрична енергија останаа 2.308 трафостаници, соопштија од ЕВН Македонија.

Од компанијата информираат дека невремето предизвикало штети на мрежата на среден и низок напон, како и уривање на неколку стотици електрични столбови. Засилените теренски екипи интервенирале непрекинато во исклучително тешки услови и досега успеале да санираат околу 90 проценти од дефектите.

-Во моментов, на територијата на целата држава без напојување сè уште се околу 300 трафостаници, бидејќи паднатата вегетација на многу места целосно го блокира пристапот и дополнително ја отежнува работата. Сепак, на терен интензивно се интервенира и нема да се запре сè до целосно нормализирање на состојбата – велат од ЕВН.

Најпогодени од невремето биле делови од Скопје, Куманово, Кочани и повеќе други населени места низ Македонија.

Од ЕВН им се заблагодарија на граѓаните за трпението и разбирањето во, како што наведуваат, вонредните околности.

-Санацијата на секој поединечен дефект е резултат на максималниот ангажман на нашите теренски екипи. Компанијата ги стави на располагање сите свои капацитети и ресурси, кои остануваат мобилизирани сè до целосно нормализирање на снабдувањето за секој корисник – соопштија од ЕВН Македонија.