Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари онлајн-состанок со директорот на Директоратот за соседство и проширување при Европската комисија, Герт Јан Копман, на кој се разговарало за законските и реформските обврски што Македонија треба да ги исполни до декември во рамките на евроинтеграцискиот процес.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски оцени дека државата продолжува навремено да ги исполнува преземените обврски и посочи дека, со исклучок на Изборниот законик, сите останати реформски чекори се реализирани.

-Од тие што беа во таканаречениот ‘грејс период’, остана само Изборниот законик, додека сè друго е завршено. И од законите што се во редовна процедура, најголемиот дел се донесени. Денеска преку онлајн-врска разговаравме со господинот Копман за законите и реформските чекори што треба да се реализираат до декември. Продолжуваме со несмалена динамика да испорачуваме резултати. Од нивна страна добивме и пофалби дека сме први меѓу земјите кои започнале да работат на овие чекори, додека другите сè уште немаат таква динамика – изјави Мицкоски.

Премиерот повторно ја повика опозицијата да постигне договор за текстот на Изборниот законик, нагласувајќи дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе биде усогласено меѓу опозициските партии и ќе ја опфати и дијаспората.

-Тоа веќе не зависи од нас. Рековме нека седнат опозициските партии, нека се договорат, нека ја вклучат дијаспората и нека дојдат со усогласен текст. Ние безусловно ќе го поддржиме она што ќе го договорат меѓу себе. Апелирам на одговорност и зрелост кај лидерите на СДСМ, Левица и ДУИ, како и кај останатите пратенички групи, да не го блокираат процесот, туку да постигнат договор. Каков текст на Изборен законик ќе усогласат, ние веднаш ќе го прифатиме – рече Мицкоски.

Изјавите премиерот ги даде по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.