Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека штетите предизвикани од силното невреме што синоќа го зафати Скопје ќе бидат утврдени и надоместени согласно законските процедури и досегашната практика, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски истакна дека Владата располага со механизми за помош во вакви ситуации и нагласи дека граѓаните нема да бидат оставени сами да се справуваат со последиците.

-Оваа Влада никогаш не ги оставала граѓаните сами да се снаоѓаат. Им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на ноќта, веднаш по невремето што го зафати Скопје, беа на терен и заедно со надлежните служби ги санираа штетите. И денес ќе продолжат со активности, бидејќи станува збор за епско невреме. Подготвеноста и мотивацијата од нивна страна беа на високо ниво. Штетите ќе бидат констатирани и, согласно законските процедури и досегашната практика, ќе бидат надоместени од надлежните институции – изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, невремето предизвикало најголеми последици на подрачјето на СВР Скопје. До 22 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и десет повредени лица.

Материјална штета е регистрирана и на повеќе објекти од витално значење, меѓу кои зградите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база „Петровец“, објектот „Нова Македонија“, како и зградите на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство. Поради протекување на кровната конструкција, на Меѓународниот аеродром Скопје бил прекинат излезот од државата во траење од околу час и половина.

Во текот на невремето, преку Единствениот број за итни повици 112 биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани, најголем дел поврзани со последиците од невремето.

Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ медицинска помош побарале 22 лица, од кои двајца биле задржани на болничко лекување. Во Клиниката за ТОАРИЛУЦ биле прегледани уште 11 пациенти, при што тројца се здобиле со потешки скршеници.