Иницијатива во Словенија за распишување референдум за напуштање на НАТО
- Словенија, држава што долго време се сметаше за пример на успешна евроатлантска интеграција, денес станува простор каде што се судираат две визии за иднината на Европа – едната заснована врз концептот на „колективно одвраќање“, другата врз идејата дека „безбедноста не може бескрајно да се гради преку милитаризација“. Протестите во Љубљана и иницијативата за распишување референдум за евентуално напуштање на НАТО не се само словенечки политички каприц…
Додека во Брисел и Вашингтон се договараат нови стратегии за драматично зголемување на воените буџети, во срцето на една членка на НАТО се отвора сосема поинаква дебата.
Љубљана како предупредување
Имено, Словенија, држава што долго време се сметаше за пример на успешна евроатлантска интеграција, денес станува простор каде што се судираат две визии за иднината на Европа – едната заснована врз концептот на колективно одвраќање, другата врз идејата дека безбедноста не може бескрајно да се гради преку милитаризација.
Протестите во Љубљана и иницијативата за распишување референдум за евентуално напуштање на НАТО не се само словенечки политички каприц. Тоа е симптом на пошироко европско преиспитување на цената што граѓаните се подготвени да ја платат во име на безбедносните политики.
Од сојуз за одбрана до милитаризам и процедури за постојано вооружување
Од крајот на Студената војна до денес, НАТО значително го прошири својот географски и политички опсег. Војната во Украина дополнително беше искористена од Брисел како забрзувач на процесот на повторно европско динамично вооружување, при што земјите членки прифаќаа сè поголеми барања за зголемување на воените издвојувања.
Но дали европските општества, односно обичните граѓани, навистина ја прифаќаат логиката дека безбедноста неизбежно подразбира континуирано зголемување на воените буџети?
Или, пак, расте граѓанското уверување дека таквиот пристап постепено ги потиснува социјалните, економските и развојните приоритети?
Во словенечкиот случај, незадоволството дополнително се засили по најавите за нови средства за вооружување, за наменската (воена) индустрија, за воена помош и очекувањата за постепено зголемување на воените трошоци. За дел од јавноста, тоа не е само финансиско прашање туку и прашање на демократски легитимитет и за преиспитување на членството во НАТО.
Референдумот како судир меѓу елитите и јавноста
Иницијативата за организирање референдум повторно ја отвори дилемата дали одлуките за најважните безбедносни сојузи треба повторно да бидат предмет на непосредно граѓанско изјаснување, особено кога меѓународните околности значително се промениле во однос на времето кога Словенија влезе во НАТО. Поддржувачите на референдумот инсистираат дека „прашањата за мирот, воените обврски и за државниот буџет не смеат да останат исклучиво во рацете на политичките елити“!
Од друга страна, противниците предупредуваат дека „евентуално напуштање на Алијансата би можело сериозно да ја наруши безбедносната позиција на земјата“.
Но, без оглед на исходот, самиот факт дека ваква иницијатива добива поширок политички простор говори дека довербата во традиционалниот евроатлантски консензус повеќе не е безусловна.
Милитаризацијата како „нова европска нормалност“
Последните години Европа сведочи на драматичен пресврт во својата безбедносна политика. Воените буџети растат, индустријата за вооружување станува една од најдинамичните економски гранки, а јавниот дискурс сè почесто се движи околу концепти како „одвраќање“, „подготвеност“ и „стратешка отпорност“. Но секоја стратегија има своја политичка и социјална цена.
Прашањето што постепено станува сè погласно и го поставуваат граѓаните во повеќе европски земји, а не само во Словенија гласи: „Каде завршува оправданото јакнење на одбраната, а каде започнува процесот на трајна милитаризација на општеството“?
Тоа не е прашање резервирано само за Словенија. Истите дилеми сè почесто се слушаат и во Германија, Франција, Италија и во други држави каде што растечките трошоци за одбрана се судираат со потребите на здравството, образованието и на социјалната политика.
Преиспитување на ставот за тоа како Европа ја дефинира сопствената безбедност
Една од најголемите опасности за секој безбедносен систем е моментот кога критичката расправа почнува да се третира како политичка нелојалност. Демократијата, по својата природа, подразбира можност граѓаните да ги преиспитуваат и најзначајните државни определби. Токму затоа словенечкиот случај заслужува внимание, независно од тоа дали некој ја поддржува или ја отфрла идејата за напуштање на НАТО. Суштината не е само во самиот референдум туку во фактот што растечки број граѓани бараат повторно отворање на дебатата за тоа како Европа ја дефинира сопствената безбедност.
Европа пред нов избор
Љубљана можеби нема сама да ја промени архитектурата на европската безбедност. Но може да стане симбол на поширок процес – враќање на јавната дебата таму каде што долго време доминираше политичкиот консензус.
– Поранешните југословенски републики, сега самостојни држави, се сведоци дека Словенија отсекогаш била авангарда на промените. Оттаму доаѓале трендовите, и тоа како по правило, оттаму и се ширеле во тогашната југословенска федерација. Нема да биде никакво чудо и што се однесува до оваа иницијатива. Доколку европските институции продолжат да ја темелат својата стратегија исклучиво врз логиката на вооружување, без истовремено да понудат уверлива визија за мир, дипломатија и економска стабилност, ризикуваат да ја продлабочат дистанцата меѓу политичките центри и граѓаните. Безбедноста не е само прашање на оружје и воени буџети. Таа е и прашање на доверба. А кога довербата почнува да слабее, ни најсилните воени сојузи не можат лесно да го зачуваат својот политички легитимитет – велат наши соговорници, универзитетски професори од Факултетот за безбедност во Скопје. Р.Б.
































