Фото: „Нова Македонија“
  • Случајот во Гостивар не смее да се набљудува само како уште еден комунален или здравствен инцидент. Кога е доведена во прашање исправноста на водата за пиење – најосновниот предуслов за живот – последиците не се ограничуваат само на здравјето на граѓаните туку се прелеваат и врз јавната, но и врз државната безбедност, врз довербата во институциите и општествената стабилност…
  • Доколку се докаже дека ваквата состојба била резултат на свесно и незаконско постапување, тогаш се отвора прашањето дали не станува збор за модел на дејствување чија цел е создавање несигурност, страв, па и паника и институционална криза со потенцијал да се предизвикаат масовен револт и политичка дестабилизација. Токму затоа ваквите настани мора да се третираат не само како предмет на кривична одговорност туку и како сериозен безбедносен предизвик што има индикации дека е со пошироки и подлабоки димензии и кој бара темелна и професионална истрага

Водата не е само природен ресурс. Таа е предуслов за живот, јавно здравје, економска стабилност и за национална безбедност. Затоа секое постапување што може да ја загрози исправноста на водата за пиење претставува напад врз едно од најосновните човекови права и еден од најсериозните облици на институционална неодговорност, и тоа двапати директно поврзано со (не)функционирањето на институциите на локалната самоуправа.
Последните случувања во Гостивар повторно го отворија прашањето дали тие институции доволно ефикасно ги штитат природните богатства и дали локалните институции имаат капацитет навремено да ги спречат ризиците што можат да произведат масовни последици по здравјето на граѓаните, а поттикнатиот бран незадоволства да предизвика и да поттикне пошироки немири и реакции во државата?

I. Случајот „Гостивар“: Основи на сомневање отвораат сериозни прашања

Според официјалните информации што ги соопшти Министерството за внатрешни работи, постојат основи на сомневање дека ЈП „Водовод“, во координација со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито со истечни отпадни води, преку кои вода била пумпана директно во главниот цевковод што го снабдува градот со вода за пиење. Според МВР, првичните сознанија упатуваат дека таквата интервенција најверојатно била направена со цел да се обезбеди поголем притисок во водоводната мрежа поради недостиг од вода. Доколку овие сомнежи бидат потврдени во истражната постапка, станува збор за постапка што потенцијално претставува сериозно загрозување на здравјето на населението и можно сторување на кривичното дело „загадување на вода за пиење“.
Реакцијата на институциите следуваше веднаш. Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое се забранува пиење и користење на водата од градскиот водовод сè до добивање на лабораториските резултати. Паралелно, Јавното обвинителство отвори постапка, а надлежните служби започнаа со земање мостри и утврдување на фактичката состојба. Во здравствениот систем последиците веќе беа видливи. Во болницата беа примени стотици пациенти со гастроинтестинални симптоми – дијареја, повраќање, покачена температура и дехидратација. Само во последните 24 часа биле евидентирани околу 260 пациенти, додека вкупниот број лица што побарале медицинска помош надминал илјада, а според одредени претпоставки на епидемиолози тој број надминува 5.000, нешто што е во рамките на епидемија. Најголемиот дел биле третирани симптоматски и пуштени на домашно лекување, додека дел од пациентите, особено деца, биле задржани под медицински надзор. Во вакви околности, јавноста оправдано бара одговори на неколку суштински прашања.
– Кој ја донел одлуката за ваква интервенција?
– Дали постоеле законски процедури?
– Дали некој предупредил на опасностите?
– Кој требало да врши контрола?
– И најважно – дали можела да биде спречена ваквата ситуација?
Токму затоа е исклучително важно истрагата да се води врз основа на докази, а не врз претпоставки. Одговорноста не смее да остане на ниво на политички обвинувања, туку мора да биде утврдена преку законска постапка, со јасно утврдување на индивидуалната и институционалната одговорност.

II. Струга и Гостивар одделни инциденти или има опипливи индикатори за
поврзаност на настаните?

Случајот во Гостивар не се појавува изолиран во просторот и времето. Во изминатите години јавноста беше сведок и на други случаи со „масовни труења“, кои останаа во историјата на Македонија како „интересен“ модел на фингирани моноетнички дестабилизации на македонското мултиетничко општество. Натаму, уште повеќе, познати се зафати во кои беа загрозени водните ресурси и правото на граѓаните на безбедна вода за пиење. Еден од најекспонираните примери од поблиската историја и судирот од 2001 година беше поврзан со изворите и пивката вода на Рашче во близината на Скопје, како и заканите со минирање на браната „Глажња“ кај кумановското село Липково.
Последниот, пак, неодамнешен пример, пред некој месец, беше поврзан со изворот кај селото Шум, во близината на Струга, каде што граѓански организации, стручната јавност и медиумите алармираа за активности во заштитено подрачје, кои предизвикаа сериозна јавна загриженост околу зачувувањето на извориштето и можните последици врз водоснабдувањето.
За потсетување, Струшкиот Регион подолг период се соочуваше со проблеми поврзани со исправноста на водата за пиење и со повеќекратни предупредувања од надлежните институции. Иако секој од овие случаи има свои специфичности, тие имаат една заедничка карактеристика – покажуваат колку лесно може да биде загрозен ресурс без кој нема живот, а тоа да биде „детонатор“ за натамошно компликување на пошироката политичко-безбедносна состојба.
Во сите овие ситуации во фокусот не е само водата туку начинот на кој функционираат локалните институции. А потоа, се разбира и централните.
– Всушност, токму тука започнува суштинската професионална опсервација. Кога во различни делови од државата, во различни временски периоди, се повторуваат ситуации во кои природни ресурси од стратешко значење се изложени на ризик поради незаконско постапување, несоодветно управување или институционални пропусти, тогаш повеќе не станува збор само за изолирани локални проблеми. Тоа е сигнал дека системот на превенција, надзор и одговорност мора сериозно да се преиспита. Во јавноста се појавуваат и шпекулации дека ваквите случаи можеби имаат поширока заднина или претставуваат дел од координирани активности насочени кон дестабилизација. Меѓутоа, во правна држава вакви тврдења не смеат да се третираат како факти без конкретни докази. Доколку истрагите утврдат елементи што упатуваат на организирано криминално дејствување или друга форма на координирана незаконска активност, тоа мора да биде предмет на обвинителска и судска постапка. Дотогаш, единствениот одржлив пристап е темелна истрага заснована врз факти и докази. Но, независно од мотивите, последиците остануваат исти. Загрозени се здравјето на луѓето, довербата во институциите и чувството на безбедност кај граѓаните. Водата претставува критична инфраструктура на секоја држава. Нејзината заштита не е само комунално прашање туку прашање на национален интерес, јавно здравје и владеење на правото, вели еден наш постар колега, новинар, истражувач и колумнист, сведок на многу вакви и слични настани, кој предупредува и ги препознава и ги става во еден многу поширок контекст отколку во обичен комунален инцидент.

Најважната порака мора да биде дека државата функционира

Настаните во Гостивар и претходните случаи во други делови од државата испраќаат сериозно предупредување дека природните ресурси не смеат да бидат оставени на импровизација, политички интереси или на институционална небрежност.
Според нашиот ценет колега, новинар и аналитичар, во вакви ситуации постојат три приоритети што мора да функционираат без одложување.
– Прво, заштитата на граѓаните. Обезбедувањето безбедна вода, навремена медицинска грижа и транспарентно информирање се првата обврска на државата.
Второ, брзо санирање на последиците. Надлежните институции мора ефикасно да ги отстранат причините за загадувањето, да воспостават безбедно водоснабдување и да спречат повторување на ваквите ситуации.
Трето, целосно утврдување на вистината. Истрагата мора да ги утврди фактичката состојба, мотивите, евентуалната заднина, организаторите, непосредните извршители, евентуалните пропусти во институциите и одговорноста на секој што со своето дејствие или пропуст придонел за загрозување на здравјето на граѓаните.
Само целосно расчистен случај, проследен со неселективна примена на законот, може да ја врати довербата во институциите. Најсилната порака што Македонија може да ја испрати, и кон своите граѓани и кон меѓународната јавност, не е преку политички квалификации, туку преку функционални институции, професионална истрага и владеење на правото. Само така ќе се потврди дека никој не е над законот, дека природните ресурси се заштитени како општо добро и дека правото на безбедна вода за пиење е неприкосновено право на секој граѓанин – вели нашиот соговорник, додавајќи дека доколку реакцијата на институциите и на локално и на централно ниво е брза, ефикасна и во рамките за законот и пропишаните процедури, јасно и неселективно, пораката до сите нас и надвор ќе биде исто така јасна и гласна, а тоа е дека во Македонија владее правото и се случува – унитарна држава! (Н.М.-Х.И.)