По пријава за незаконска интервенција во водоводната мрежа на подрачјето на општина Гостивар полицијата спроведува истражни мерки.
Портпарлот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат за целосно расчистување на случајот.
– Поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик во расчистувањето на овој случај вклучена е и полицијата- изјави Реџепи.
За расветлување на случајот со наводно долевање на вода во главниот резервоар за водоснабдување се вклучија Обвинителството, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да изврши стручна процена на незаконски поставениот систем, пренесува МИА.
































