Времето денеска ќе биде претежно сончево со мала до умерена локална облачност, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието и во источните делови повремено ќе се засилува.
Утринските температури ќе се движат од 11 до 21 степен, додека дневните ќе достигнат меѓу 30 и 36 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува сончево време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 17 до максимални 35 степени.
Според прогнозата на УХМР, во следните денови ќе се задржи сончево и топло време. Од среда попладне се очекува локална нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во одделни делови од земјата.
































