Повод: Серија координирани напади врз членови на владејачката Нова демократија во Грција квалификувани како тероризам
Апсењето на тројцата осомничени за нападите врз домови на функционери на Нова демократија во Солун не претставува само успешно полициско дејствување. Тоа повторно отвора едно старо прашање што ја следи современа Грција речиси половина век, а тоа е зошто, за разлика од најголемиот дел од Европа, политичкото насилство во оваа земја никогаш целосно не исчезна, туку периодично се враќа во нови облици?
ЕЛА, „17 Ноември“, „Револуционерна борба“, „Заговор на огнените јадра“…
дел од терористичките групи во Грција
Трагичната смрт на 72-годишната Ваја Нестора претставува пресвртница. Со години нападите со импровизирани експлозивни направи, запаливи бомби или со подметнати пожари во Грција најчесто завршуваа со материјална штета. Овој пат беше премината границата меѓу симболичен напад врз политички противник и човечка трагедија.
За да се разбере овој феномен, мора да се врати часовникот во 1974 година. Падот на воената хунта не значеше само враќање на демократијата туку остави длабоки идеолошки трауми. Дел од радикалната левица никогаш не ја прифати парламентарната демократија како доволно легитимен систем, туку ја сметаше за продолжение на старите структури на моќ. Од таа почва никнаа организациите што подоцна ќе станат синоним за домашен тероризам – „17 Ноември“, ЕЛА, а подоцна и „Револуционерна борба“ и „Заговор на огнените јадра“.
За разлика од ЕТА во Шпанија или ИРА во Северна Ирска, грчките организации најчесто немаа етничка или сепаратистичка агенда. Нивната идеологија беше револуционерно-анархистичка, антикапиталистичка и антидржавна. Непријателите беа државните институции, полицијата, американското влијание, банките, дипломатите и политичарите. Токму затоа грчкиот тероризам долго време се сметаше за еден од последните преживеани облици на европската урбана герила од седумдесеттите години.
Посебноста на Грција лежи во тоа што насилството никогаш не беше целосно искоренето, туку се трансформираше. По разбивањето на „17 Ноември“ во 2002 година, многумина очекуваа крај на една ера. Наместо тоа, се појавија помали, помобилни и идеолошки пофлуидни групи, кои дејствуваат без цврста хиерархија, инспирирани од анархистички и антидржавни идеи. Академските анализи покажуваат дека тие претставуваат нова генерација домашен екстремизам, а не продолжение на една единствена организација.
Економската криза овозможи продлабочување на политичкото насилство во Грција
На сето ова се надоврзаа економската криза, мерките за штедење по 2010 година, растечката недоверба кон институциите и силната поларизација во јавниот живот. Во периоди кога државата се соочува со финансиски, миграциски или со социјални кризи, радикалните групи полесно ја наоѓаат својата публика, иако таа останува малцинска.
Истовремено, Грција има уште една специфичност. Со децении делови од општеството покажуваа извесна толеранција кон политички мотивираното насилство кога тоа беше претставувано како „револуционерен отпор“, особено ако цел беа банки, мултинационални компании или државни институции. Но секој ваков чин носеше опасност да заврши со невини жртви. Случајот во Солун го потврди токму тоа.
Важно е, сепак, анализата да не западне во поедноставување. Политичкото насилство во Грција не е исклучиво поврзано со една идеолошка матрица. Во последните две децении земјата се соочи и со насилство од радикалните и екстремистички структури, најпознато преку активностите на „Златна зора“, чии членови беа осудени како дел од криминална организација. Тоа покажува дека радикализацијата може да се јави на различни политички полови кога институциите ја губат довербата на дел од граѓаните.
Промената на моделот на терористичките напади
Она што денес најмногу ги загрижува безбедносните експерти е промената во моделот на нападите. Малите автономни групи, евтините импровизирани експлозивни направи и брзата радикализација преку неформални мрежи ги прават ваквите акции потешки за предвидување отколку класичните хиерархиски терористички организации. Последните апсења можеби ќе го расветлат конкретниот случај во Солун. Но тие сами по себе нема да го решат проблемот. Историјата покажува дека политичкиот тероризам не исчезнува само со полициски акции. Тој се повлекува тогаш кога ќе исчезне општествената средина што му овозможува да се претставува како легитимна форма на политичка борба. Затоа трагедијата во Солун не треба да се чита само како уште една криминална истрага. Таа е предупредување дека во грчкото општество сè уште постојат длабоки историски поделби, кои, иако одамна изгледаа надминати, во одредени околности повторно можат да се претворат во политичко насилство. А кога еднаш ќе се премине линијата меѓу идеолошката омраза и човечката жртва, демократијата повеќе не е единствениот нападнат објект – жртва станува целото општество. Р.Б.
Теророт на „Златна зора“ не смее да биде заборавен
Осудата на раководството на „Златна зора“ беше победа на правото над политичкото насилство, но не и крај на идеологијата што со години се хранеше од национална омраза, заплашување и нетрпеливост. Историјата предупредува дека екстремизмот не исчезнува со една судска пресуда – тој се повлекува, се прегрупира и чека нов момент.
Да не заборавиме, македонското малцинство во Грција со децении (беше) е изложено на притисоци, негирање на идентитетот, заплашувања и насилство. Националистичките структури, меѓу кои и припадници и поддржувачи на „Златна зора“, не еднаш ги претвораа Македонците во конкретна цел на својата агресија. Напади врз активисти, уништување имот, закани и атмосфера на страв не се инциденти што треба да бидат оттурнати на маргините на историјата, бидејќи секое релативизирање на екстремистичкото насилство е опасно.
Грција, која се претставува како „лулка на демократијата“ одамна е и „лулка на политичкото насилство“ во најрадикална смисла на зборот. Додека Атина не го докаже спротивното, и во делот на македонското прашање, таа ќе си остане и „лулка на НЕдемократијата“. Европа не смее да има двојни стандарди. Насилството врз луѓе поради нивниот национален идентитет не е „патриотизам“, туку политички екстремизам. Заплашувањето на Македонците во Грција не смее да остане фуснота во европската совест, туку постојан потсетник дека човековите права важат за сите – или не важат за никого. Р.Б.
Зошто политичкото насилство никогаш целосно не исчезна во Грција?
Последната европска герила
- Смртта на Ваја Нестора трагично потсети дека експлозивните направи не прават разлика меѓу Грк, негрк, политичар или случаен минувач. Токму затоа ова не е само грчка приказна. Таа е предупредување за цела Европа дека радикалните идеологии никогаш не исчезнуваат целосно. Тие мируваат, се приспособуваат на новите општествени околности и чекаат моменти на политичка поларизација, економска несигурност и институционална недоверба за повторно да се појават
Трагедијата во Солун, во која животот го загуби 72-годишната Ваја Нестора, а грчката полиција деновиве уапси тројца осомничени за нападите врз домови на функционери на владејачката Нова демократија, повторно отвори една стара европска дилема – зошто токму Грција остана последната земја во која урбаниот политички екстремизам никогаш целосно не замре?
Во седумдесеттите години политичкото насилство беше речиси европски феномен. Италија ги живееше „оловните години“, кога Црвените бригади (Brigate Rosse) киднапираа министри, судии и индустријалци, а во 1978 година го убија поранешниот премиер Алдо Моро. Во Германија, Фракцијата на Црвената армија (РАФ) водеше оружена борба против државата, сметајќи ја западногерманската демократија за продолжение на фашистичкото наследство. Во Шпанија, пак, ЕТА со децении спроведуваше терористичка кампања, но со јасна сепаратистичка цел – независност на Баскија. Денес сите тие организации се дел од историјата. Некои беа уништени од безбедносните служби, други ја изгубија поддршката, а трети сами го положија оружјето. Само Грција никогаш не успеа целосно да ја затвори таа страница.
Историјата што никогаш не заврши
Причината лежи во историските трауми што со децении се наталожуваа една врз друга. И тие оставале длабока трага. Но и внатрешни поделби: Германска окупација, крвава Граѓанска војна, децении антикомунистички и националистички репресии на негрчко население, воена хунта од 1967 до 1974 година… За дел од радикалната левица, падот на диктатурата не значеше и победа на демократијата. Напротив, тие сметаа дека политичкиот систем само ја сменил формата, но не и суштината на власта. Оттука произлезе митот за „револуционерниот отпор“, кој со години претставуваше идеолошко оправдување за вооружените акции. Од таа почва израснаа организациите „17 Ноември“, ЕЛА, „Револуционерна борба“ и „Заговор на огнените јадра“ – различни по структура, но слични по убедувањето дека насилството е легитимно средство за политичка промена.
Од организација кон мрежа
Во Италија и Германија државата постепено ги разби хиерархиските терористички организации. Во Грција, меѓутоа, по распадот на „17 Ноември“ не дојде крајот, туку трансформацијата. Наместо големи организации, се појавија десетици мали автономни групи, без јасно раководство, кои се инспирираат од истиот анархистички и антидржавен и, секако, националфашистички дискурс. Тоа ги прави потешки за инфилтрација и откривање. Денешниот грчки политички екстремизам повеќе личи на лабава мрежа отколку на класична терористичка организација.
Ексархија – симболот на една култура
Во Европа речиси и да нема друг кварт како атинска Ексархија. Со децении тој претставува политички, студентски и анархистички центар каде што протестите, судирите со полицијата и радикалниот активизам станаа дел од локалната политичка култура. Тоа, се разбира, не значи дека мнозинството анархисти се терористи. Но токму во такви средини полесно се одржува идеолошкиот наратив дека државата е легитимна цел на насилен отпор. Границата меѓу радикалниот протест и политички мотивираното насилство понекогаш станува опасно тенка.
Ако е демократија, тогаш таа не смее да се навикне на недемократски методи
Нападите во Солун покажуваат дека ниту една демократија не смее да се навикне на политичкото насилство, особено кога тоа со години се третира како „контролиран ризик“ затоа што најчесто предизвикува материјална штета. Во Грција јавноста се навикна на „Златна зора“ бидејќи беа тероризирани граѓани од негрчко потекло, односно македонското малцинство. Сега, во последниов случај, смртта на Ваја Нестора трагично потсети дека експлозивните направи не прават разлика меѓу Грк, негрк, политичар или случаен минувач. Токму затоа ова не е само грчка приказна. Таа е предупредување за цела Европа дека радикалните идеологии никогаш не исчезнуваат целосно. Тие мируваат, се приспособуваат на новите општествени околности и чекаат моменти на политичка поларизација, економска несигурност и институционална недоверба за повторно да се појават. Грција, повеќе од која било друга европска држава, живее со таа историска сенка. А последните настани во Солун покажуваат дека таа сенка сè уште не е исчезната, туку само повремено ја менува својата форма. Р.Б.


































