ФУДБАЛ
- Хакон Гротланд, раководител на развојот на фудбалери во Норвешката фудбалска федерација, рече дека сега сме сведоци на резултат на повеќе од две децении планирање за трансформирање на Норвешка, земја синоним за зимски спортови, во фудбалска нација, пишува „Би-би-си“
Норвешка стана фудбалска сила на годинашното Светско првенство (СП), и тоа не се должи само на Ерлинг Холанд. Напаѓачот на Манчестер сити, кој постигна седум гола на СП 2026, е симбол на репрезентацијата, заедно со Мартин Одегард, кој е капитен и на Арсенал и на националниот тим, пишува „Би-би-си“. Сепак, тие не се единствените успешни производи на норвешкиот младински систем. Од нивниот состав со 26 фудбалери за СП 2026, 17 играат во четири од петте најдобри домашни првенства во Европа, Премиер-лигата, Бундеслигата, Ла лига и во Серија А. Поголемиот дел беа менторирани во норвешкиот национален систем за обука во младинскиот фудбал, Школата за национални тимови (НТС), која беше основана во 2013 година, пишува „Би-би-си“. Хакон Гротланд, раководител на развојот на фудбалери во Норвешката фудбалска федерација, рече дека сега сме сведоци на резултат на повеќе од две децении планирање за трансформирање на Норвешка, земја синоним за зимски спортови, во фудбалска нација, пишува „Би-би-си“.
– Кога почнав со фудбалската федерација во 2010 година, мојот сон беше Норвешка да може да се натпреварува на светско првенство, бидејќи премногу години зборувавме за настапот во 1998 година – изјави тој „Би-би-си“.
Гротланд го припиша успехот на Норвешка на два главни фактора, инвестиција во вештачки терени во периодот од 2000 до 2010 година и револуција во тренирањето предизвикана од основањето на НТС. Од 2000 година, Норвешка инвестираше во огромен број вештачки терени, од 2016 до 2025 година се изградени 539, а уште 586 се реновираат, пишува „Би-би-си“. За земја што има сурови зими, ова имаше големо влијание.
– Фудбалот во Норвешка од летен спорт се претвори во спорт што се одржува во текот на целата година. Во мое време, мораше да играме на ужасни терени во зима, на мраз и слично – рече Гротланд.
Играње на предвидливи површини
Во текот на 1990-тите, Норвешка беше синоним за ефикасен дефанзивен фудбал. Играњето на предвидливи површини доведе до потехнички стил на фудбал, олицетворен од нивниот капитен Одегард.
– Делумно станува збор за вештачките терени, но станува збор и за влијанија. Сите сакаа нешто малку поинакво. Но, сега, ова отиде предалеку затоа што не создаваме доволно дефанзивци – рече Гротланд, пренесе „Би-би-си“.
Заедно со развојот на вештачки терени, Гротланд наведе „револуција“ во периодот од 2010 до 2020 година, „кога норвешкиот фудбал, врвните клубови, федерациите и окрузите почнаа да инвестираат многу во развој на фудбалери“. По неуспехот да се пласира на Европското првенство во 2012 година, Норвешката фудбалска федерација го основа НТС, во 2013 година. Од 15-те играчи што учествуваа во победата на Норвешка со 2-1 на дуелот со Бразил, 14 ја претставуваа националната репрезентација на младинско ниво, а 11 од нив беа дел од патеката на НТС за играчи до 15 или до 16 години. Гротланд појасни дека НТС не е академија ниту централизирано училиште, туку „национална структура за развој што ги поврзува клубовите од младинските категории, областите, врвните клубови и федерацијата“.
– Не е како во други земји каде што врвните клубови работат на развој на таленти, а клубовите со младински категории само се забавуваат. Во Норвешка, сите се заедно во тоа – вели тој.
Важноста на тој систем за младински фудбал беше признаена од националниот тим пред Светското првенство, кога репрезентацијата позираше за тимска фотографија облечена во дресови од своите први клубови. Во Англија, многу таленти се избираат од академиите на Премиер-лигата на осумгодишна возраст, но децата во Норвешка остануваат во своите клубови до 12 години, пишува „Би-би-си“.
– Еден важен дел од филозофијата е дека не се обидуваме да ги затвориме вратите прерано – рече Гротланд.
Тој го искористи 25-годишниот Холанд како пример зошто оваа филозофија функционира, додавајќи: „Тој беше дел од националните кампови за таленти во рамките на структурата на НТС од 14-годишна возраст, но во тоа време никој не мислеше дека ќе стане најдобар играч во таа возрасна група“.
Единствениот играч за кој Гротланд беше сигурен од млада возраст беше Одегард, признавајќи дека целата филозофија на НТС била инспирирана од средбата со него на 11 години. Бидејќи беше посакуван од водечки европски клубови, чудото од средниот ред потпиша за Реал Мадрид на 16 години.
– Во Норвешка, талентиран играч е фудбалер што најмногу ја сака играта, фудбалер што има одговорност за сопствениот развој и кој презема одговорност за развојот на тимот. Ние не ги мериме ракувањето со топката и брзината и слични работи. Почнуваме со: „Дали играчот ја сака оваа игра?“ Тоа беше инспирирано од Одегард, никогаш не сум видел некој како него како дете – вели Гротланд.
Ниту еден играч не е поголем од тимот
Најважните лекции што ги всадува НТС, рече Гротланд, се „безбедност, сигурност и заедништво“.
– Ова е она што го гледаме како резултат на Светското првенство. Ниту еден играч не е поголем од тимот – вели тој.
За него, норвешкиот дух е олицетворен во викиншкото веслање што ги зафати стадионите на Светското првенство годинава.
– Веслањето, станува збор за заедништво – додаде тој.
Сепак, останува прашањето дали НТС може да ја збогати домашната лига на Норвешка. Само четворица од тимот на селекторот Стале Солбакен играат на домашните терени, а тројца од нив го претставуваат Бодо/Глимт, чие бајковито учество во Лигата на шампионите до осминафиналето минатата сезона може да навести подобра иднина.
– Една од нашите главни цели во норвешкиот фудбал е да произведуваме и да продаваме играчи во големите лиги. Во исто време, во претходните неколку години се разви и нашата сопствена лига. Двете работи функционираат заедно – рече Гротланд.
Селекторот на Норвешка, Солбакен, изјави за „Би-би-си“: „Имаме играчи што имаат околу 30 години или повеќе, имаме играчи што имаат околу 18 и 20 години, а потоа и играчи што се во средината и кои го достигнуваат својот врв. Не знам дали е тоа генерација, но тоа е напорна работа од клубовите, напорна работа од федерацијата“. Н.М.


































