Фото: ЕПА

Блискиот Исток повторно чекори кон голема војна

  • Блискиот Исток повторно се наоѓа на самиот раб на конфликт, чиј исход тешко може да се предвиди. Соединетите Американски Држави во раните часови во неделата изведоа нова и досега најобемна серија воздушни удари врз Иран, што е трета серија во текот на оваа недела, означувајќи драматична ескалација на кризата што одамна ги надмина рамките на класичен американско-ирански судир

Најновите американски воени удари врз Иран ја отворија најопасната фаза од кризата. Според американската Централна команда (ЦЕНТЦОМ), погодени се околу 140 воени цели, меѓу кои позиции за лансирање ракети и беспилотни летала, складишта за муниција, комуникациски системи и друга воена инфраструктура по должината на целиот јужен брег на Иран. Експлозии се пријавени во широк појас – од Бандар Абас и Сирик до Јаск, Чабахар, Бандар-е Дејр, Асалује, како и во покраините Бушер и Хузестан. Засега нема официјални информации за бројот на жртвите и за материјалната штета.

Еден товарен брод ја запали новата криза?!

Непосреден повод за американската операција беше нападот врз контејнерскиот брод „М/В ГФС Галакси“, кој пловел под кипарско знаме низ Ормускиот Теснец. Според американските информации, пловилото било погодено, избувнал пожар во машинскиот простор, а еден член на цивилниот екипаж се води како исчезнат. Поради сериозните оштетувања, бродот останал неподвижен, а екипажот бил принуден да го напушти и да се евакуира со спасувачки чамци. Техеран, пак, изнесе сосема поинаква верзија. Иранската револуционерна гарда тврди дека бродот ги игнорирал предупредувањата и пловел по недозволена маршрута, по што беше објавено дека е запрен и втор трговски брод означен како „прекршител“. Токму спротивставените наративи покажуваат колку брзо локален инцидент може да прерасне во меѓудржавен оружен судир.

Конфликтот се шири далеку надвор од Иран

Откако Иран повторно соопшти дека теснецот останува затворен „до понатамошно известување“, Вашингтон одговори со воена сила, оценувајќи дека слободата на пловидбата претставува стратешки интерес што нема да биде доведен во прашање.
Последните денови покажуваат дека конфликтот повеќе не е ограничен само на иранската територија. Според повеќе светски медиуми, Иран започна напади со ракети и беспилотни летала кон американски бази и кон повеќе држави од Персискиот Залив, додека системите за противвоздушна одбрана во Бахреин, Катар, Кувајт и во Обединетите Арапски Емирати беа ставени во највисока борбена готовност. Таквата динамика отвора можност за вовлекување на речиси сите регионални актери во конфликтот, што дополнително ги зголемува ризиците од поширока регионална војна.

Дипломатијата сè повеќе губи здив

Иако зад сцената продолжуваат дипломатските контакти преку посредници, последните настани покажуваат дека во овој момент воената логика има предност пред политичките решенија. Аналитичарите предупредуваат дека секој нов напад врз цивилна пловидба или врз американски воени капацитети може да предизвика уште пожесток одговор и дополнително да ја прошири кризата. Истовремено, политичката неизвесност во Иран, засилената реторика од двете страни и постојаното демонстрирање сила создаваат атмосфера во која просторот за компромис станува сè потесен.

Светот на штрек го следи секој следен потег на засегнатите страни

Најголемиот страв на меѓународната заедница не е само новата размена на удари туку можноста конфликтот да стане долготраен и да се претвори во поширока регионална војна со глобални последици. Додека Вашингтон настојува со сила повторно да ја воспостави безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец, Техеран демонстрира дека е подготвен да ја прошири кризата далеку надвор од своите граници.
Во такви околности, Блискиот Исток пак станува најопасното светско воено жариште, а секој следен ден носи ризик од нова ескалација што би можела да ги загрози безбедносната и економската слика, не само на регионот туку и на целиот свет. Р.С.