Авион на авиокомпанијата „Рајанер“, кој утрово летал на релација Солун – Меминген, бил принуден да се врати на аеродромот во Солун кратко по полетувањето, откако за време на летот се откачил прозорец во кабината. Во инцидентот полесно е повреден еден патник, потврдија од авиокомпанијата.
Од „Рајанер“ соопштија дека авионот безбедно слетал во Солун, по што патниците биле вратени во терминалната зграда.
-Еден патник побара и доби медицинска помош по слетувањето во Солун. Со цел да се минимизира доцнењето, беше обезбеден заменски авион за превоз на патниците до Меминген, кој утрово полета од Солун во 9.35 часот по локално време – пишува во соопштението на „Рајанер“, што го објавија грчките медиуми.
Според солунските медиуми, кои се повикуваат на сведоштва од патници, веднаш по полетувањето, додека авионот најверојатно летал над Скопје, се слушнал силен удар, по што се скршил еден прозорец. Патникот кој седел до него, поради наглата декомпресија, бил во опасност да биде извлечен кон отворот, но останатите патници успеале да го задржат.
Патниците сведочат дека во авионот настанала паника, но пилотот останал смирен, ги информирал патниците и безбедно го вратил авионот на аеродромот во Солун.
Една од патничките за Радио Солун изјавила дека седела неколку редови зад местото каде што се случил инцидентот и видела дека повредениот имал крв на главата и накратко се онесвестил, додека сите патници ставиле кислородни маски.
-Сигурно 30-40 минути летавме со скршен прозорец. Колку што можев да сфатам, веројатно пилотот се обидуваше да добие дозвола за слетување, да види што ќе прави. Барем јас така сфатив. Цело време бевме со маските за кислород – вели патничката.
Дел од грчките медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, објавија дека причина за инцидентот можеби бил дел од моторот кој удрил во прозорецот. Сепак, ваква информација не е потврдена во официјалното соопштение на „Рајанер“.
Според медиумските извештаи, повредениот патник е турист на околу 60-годишна возраст и најверојатно е српски државјанин.

































