Непријател по нарачка

  • Говорот на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, под гранитните лица на поранешните американски претседатели на Маунт Рашмор, не беше само одбележување на американската независност. Тоа беше внимателно режирана политичка претстава во која патриотизмот служеше како сценографија, а стравот како главен
  • Кога граѓаните ќе почнат да зборуваат за растечката социјална нееднаквост, за скапото здравство, за недостапното домување, за корпорациите што акумулираат невидено богатство, тогаш е многу поисплатливо разговорот да се пренасочи кон измислен непријател. Така класните проблеми стануваат безбедносни прашања. Економската несигурност се претвора во „мобилизација“ за војна. Наместо причините, јавноста ги бара виновниците
  • Историјата нè учи на едноставна вистина. Оној што постојано измислува непријатели, најчесто не ја брани државата – туку сопствената власт. А кога стравот станува главна политичка програма, демократијата престанува да биде простор за слободни граѓани и се претвора во сцена на која секој ден се игра истата претстава – со нов непријател и ист спасител драмски лик

Постои една стара народна мудрост што одамна ја надживеала политиката: „Создај си проблем, за потоа херојски да го решиш“.
Малкумина современи лидери толку умешно ја претворија оваа поговорка во политичка стратегија како Доналд Трамп во стилот прво измисли закана, потоа продавај спас.
Говорот на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, под гранитните лица на поранешните американски претседатели на Маунт Рашмор, не беше само одбележување на американската независност. Тоа беше внимателно режирана политичка претстава во која патриотизмот служеше како сценографија, а стравот како главен драмски лик.
Америка беше претставена како најголема, најслободна, најправедна и речиси божествена држава во историјата. Таквата слика не остава простор за сомнеж, ниту за самокритика. Во свет во кој државата е совршена, секој што поставува непријатни прашања автоматски станува сомнителен.

Но ниту една политичка митологија не може да опстане без непријател.
Токму затоа, како од некој заборавен архив на Студената војна, повторно беше извлечен никој друг, туку – комунизмот. И тоа не како реална идеологија со политичка сила туку како „страшило“ што треба да предизвика вознемиреност. Уште поважно, комунизмот во говорот на Трамп беше поврзан со мигрантите, со „другите“, со оние што лесно можат да бидат претставени како закана за националниот идентитет.
Кога граѓаните ќе почнат да зборуваат за растечката социјална нееднаквост, за скапото здравство, за недостапното домување, за корпорациите што акумулираат невидено богатство, тогаш е многу поисплатливо разговорот да се пренасочи кон измислен непријател. Така класните проблеми стануваат безбедносни прашања. Економската несигурност се претвора во „мобилизација“ за војна. Наместо причините, јавноста ги бара виновниците.

Тоа не е нова политичка формула. Таа е стара колку и самата власт. Секогаш кога елитите ќе почувствуваат дека незадоволството расте, тие не бараат решенија. Тие бараат противник. Ако противникот не постои, тогаш… тој ќе биде создаден!
Ниту еден месија не може да постои без апокалипса. Ниту еден спасител не може да се појави ако претходно не ја увери јавноста дека опасноста е непосредна и егзистенцијална. Токму затоа, во ваквите политички спектакли, непријателот никогаш не е случаен. Тој е внимателно конструиран, постојано хранет и секогаш доволно нејасен за секој во него да може да го препознае оној што најмногу го плаши.
И тука лежи вистинската опасност. Не во комунизмот, не во мигрантите, не во идеолошките сенки од минатиот век. Опасноста е во политиката што систематски произведува страв за полесно да произведува послушност.
Зашто историјата нè учи на едноставна вистина, а тоа е дека оној што постојано измислува непријатели, најчесто не ја брани државата – туку сопствената власт. А кога стравот станува главна политичка програма, демократијата престанува да биде простор за слободни граѓани и се претвора во сцена на која секој ден се игра истата претстава – со нов непријател и ист спасител.