Изјави на европски челници што не кореспондираат со духот на самитот на НАТО во Анкара
Според американскиот „Волстрит џурнал“, во услови на „…растечка недоверба меѓу Брисел и Вашингтон, Макрон оценил дека прекумерната зависност на Европа од Америка станала безбедносен ризик за самата Европа…“
– Повлекуваме линија. Нема враќање назад – рече Макрон, според извори цитирани од американскиот медиум „Волстрит џурнал“.
Вашингтон со отворени и транспарентни политики, Брисел конспиративно
Во весникот се наведува дека европските сојузници на САД во текот на изминатата година се обидуваат да ја омекнат политиката на американскиот претседател Доналд Трамп со комбинација од отстапки, дипломатско ласкање и ветувања во областите на одбраната и трговијата. Целта, се нагласува, била да се купи време и да се постигне меѓусебен договор, без многу бранување на јавноста заради тенденциите за дистанцирање од Трамп, со цел да се „презервира/зачува што е можно повеќе од традиционалното трансатлантско партнерство и со што помалку штета истото тоа да се репарира и обнови, по заминувањето на Трамп“.
Намерата на Трамп, САД да ја преземат контролата врз Гренланд, како што пишува американскиот медиум „Волстрит џурнал“, доведе до битно преиспитување на европската стратегија. Во овој контекст, некои европски земји почнаа да го зајакнуваат своето присуство во Гренланд, додека лидерите на ЕУ динамизираа низа средби, затворени седници и самити на кои се зборуваше за „потребата Европа да ги развие сопствената безбедност и стратешка независност“.
„Волстрит џурнал“ анализира дека состанокот од јануари во Брисел за
европската политичка елита било суштинската пресвртница
Според образложувањето на „Волстрит џурнал“ во врска со ова прашање, „состанокот од јануари годинава во Брисел многумина во европската политичка елита го сметале за пресвртница“. Имено, земјите што се потпирале на американска заштита и биле обврзани со заедничка безбедносна рамка од крајот на Втората светска војна почнале да бараат одделни патишта во новиот меѓународен поредок.
Во текстот на „Волстрит џурнал“, исто така, се наведува дека меѓу европските претставници расте убедувањето дека „повеќе не преговараат со класична американска администрација, туку со политика што зависи од волјата на еден човек“. Еден функционер од Јужна Европа изјавил за „Волстрит џурнал“ дека сојузниците на Вашингтон не се справуваат со администрација, туку со „една, неурамнотежена личност“.
Макрон дециден
Во анализата на „Волстрит џурнал“ се наведува дека Макрон уште еднаш го повторил ставот што го застапувал со години – дека Европа мора да ја намали својата зависност од Соединетите Американски Држави, не само воено туку и технолошки, економски и политички.
Таа порака, според американскиот весник, повеќе не е само француска иницијатива за „стратешка автономија“ туку сè пошироко прифатена процена дека трансатлантските односи се во фаза на длабоки и трајни промени. Ќе има ли ваквата констатација заднински последици и по самитот на НАТО во Анкара, кој се одржува во следниве два дена и се смета за „обединувачки самит“? С.Т.
Руте и Фон дер Лајен: Европа повеќе не може да ја препушти својата одбрана на Америка
- Лидерите на НАТО и Европската комисија велат дека ерата на потпирање на Вашингтон е завршена
Времето кога Европа можеше да ѝ ги препушти својата одбрана и безбедност на Америка е завршено, изјавија генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во заедничкиот уреднички текст за „Економист“.
Тие велат дека Европа во рамките на Северноатлантскиот договор долго време премногу се потпирала на воените способности на Вашингтон, но нагласија дека суровата реалност и опасностите од денешниот свет ставиле крај на тој начин на размислување.
Сојузниците сега мора брзо да ги лансираат своите одбранбени индустрии за да бидат подготвени за потенцијална војна.
Во текстот во „Економист“ се наведува дека моменталните европски производствени капацитети не можат да го следат темпото на побарувачката на пазарот.
Воената поддршка што Западот ѝ ја испраќа на Украина и развојот на конфликтот на Блискиот Исток извршија огромен дополнителен притисок врз воените резерви на земјите членки, првенствено во сегментот на пресретнувачи на воздушна одбрана и системи за борба против беспилотни летала.
Како клучна причина за итното вооружување, Руте и Фон дер Лајен го истакнуваат зајакнувањето на одбранбените капацитети на Русија, Кина, Иран и на Северна Кореја.
Тие нагласуваат дека Москва инвестира над 40 проценти од државниот буџет во одбрана и произведува воена опрема дење и ноќе, поради што западната воена индустрија мора да реагира побрзо и помасовно од порано. С.Т.

































