Таленти: Даријан Галевски (10), млад фудбалер
- Свесни сме дека патот до врвот е долг, тежок и макотрпен. Ќе има и победи, но и порази. Но додека Даријан го сонува својот сон со отворени очи, ние ќе бидеме неговиот најсилен ветер во грб. Не му ветуваме дека секогаш ќе победува, но нашето ветување кон него е дека никогаш нема да биде сам и дека никогаш нема да чекори сам до целта, велат родителите
Во духот на Светското првенство во фудбал, одлучивме да позборуваме за оваа најважна споредна работа на светот. Секако, на нашите страници, најсоодветно е да го направиме тоа од перспектива на децата. Истражувајќи дојдовме до нашиот вистински соговорник, талентираниот и многу перспективен Даријан Галевски од Скопје.
Даријан има десет години. Ученик е во ООУ „Димитар Миладинов“ во Општина Центар, во Скопје, а од септември ќе учи во петто одделение. На речиси четири и пол години почнал да тренира фудбал и тоа го прави до ден-денес, со тоа што сега веќе ѝ е добро познат на пошироката јавност со своите големи успеси.
Светските клубови „ го присвојуваат“ Даријан!
– Почнав во фудбалската школа „Форца“ во Скопје, моментално тренирам и играм за академија „Александро“ во Скопје и за ФК „Црвена звезда“ во Белград – ни кажа Даријан.
Неговите тренери и фудбалските професионалци го забележале потенцијалот на ова талентирано, но и трудољубиво момче, па така, Даријан досега учествувал на голем број домашни и меѓународни кампови и натпревари и добитник е на високи признанија.
На кампот „Црвена звезда“ во Скопје во 2024 година е избран за најдобар играч, по што следувала поканата на клубот за Даријан да стане негов член. Секако, тоа и се случило. Истата година, меѓу двесте учесници на школата „Барса академи“ во Загреб, Даријан е избран за најдобар играч во категоријата од шест до 16 години. Тоа, пак, му овозможило десет дена да тренира во оваа најголема светска фудбалска академија во Барселона, а учествувал и на кампот на ФК „Ливерпул“, кој се одржал во Риека.
Меѓународните учества и награди биле причина многу фудбалски скаути од светот да се заинтересираат за нашиот десетгодишен суперталент. Па така, меѓу многубројните учества, ќе споменеме дека годинава Даријан имаше учество во ПСВ (Филипс спорт веренигинг) при ФК „Ајндховен“ во Холандија каде што е поканет на еден месец пробна игра.
– Годинава учествував на кампот „Меџик 10“ во Скопје, организиран од страна на шпанската фудбалска легенда Карлос Кото, и добив покана десет дена пробно да играм во Валенсија. На „Бетис академи“ во Куманово, пак, бев прогласен за најдобар на кампот, по што следуваше поканата во септември да имам тренинзи во Севилја – со радост ни раскажа Даријан.
Долгиот список на награди зборува за постигнатите резултати, кои се плод на талентот, но и на посветеноста и вложениот труд, а секако и на професионалноста на тренерите.
Медалите тежат на вратот, но го греат срцето
Замислете, на меѓународниот турнир „Чин куп Златибор“, со над 8.000 посетители и во конкуренција од 37 екипи од генерацијата 2016, нашиот Даријан го освои првото место и е прогласен за најдобар играч на турнирот. Како играч на „Црвена звезда“ повеќепати е прогласен за најдобар стрелец и за најдобар играч во својата генерација. Уште една потврда за тоа е и првото место на турнирот „СА Премиум фудбал академи“ во Германија, каде што како играч на ФК „Форца“ го освојува првото место.
На Детската лига на ФФМ во Скопје е избран за најдобар играч и за најдобар стрелец во генерацијата 2016 и повторно освојува прво место на купот „Чин чин“ во 2025 година во Златибор. На „Александро куп“ освојува трето место со ФК „Форца“, но и индивидуални награди за најдобар стрелец, за најдобар жонглер и за најдобар техничар.
– По учеството на „Барса академи“ во Скопје, учествував во истата школа во Загреб каде што сум прогласен за дрим-тим играч, а на купот „Марко Шимун Баја“ во Србија, со ФК „Црвена звезда“ го освоив првото место. Годинава учествував на светското првенство на „Барса академи“ во Барселона и освоив прво место – ни раскажа Даријан.
Кога не игра фудбал, Даријан гледа фудбал и учи од светските велемајстори на овој спорт.
– Го следам Светското првенство секој ден и навивам за Аргентина и за Шпанија. Омилени светски фудбалери ми се Лионел Меси, Ламин Јамал и Педри, а од македонските, Горан Пандев и Елиф Елмас – раскажа тој.
И слободното време, кое го има многу малку, го користи за совладување други спортски дисциплини.
– Играм кошарка, тенис и пинг-понг, а знам да играм и шах и табла. Искрено, освен обврските во училиштето и спортот, немам друг интерес, а немам ниту време – искрен е Даријан.
Тренира со срце, игра со визија
Талентот го води, а високите домашни и меѓународни резултати го охрабруваат да продолжи натаму.
– Мојот сон е да бидам еден од најдобрите фудбалери во целиот свет, да играм во голем и познат фудбалски клуб, како на пример Барселона, и да ги освојувам најсилните европски првенства – посакува Даријан.
Со неговата верба и посветеност ние веруваме дека сонот ќе стане јаве, а секако многу е важно талентираните деца да бидат опкружени со луѓе што веруваат во нивните соништа. За среќа, таков случај имаме кај нашиот Даријан. Неговите тато Дамјан и мама Мери будно го следат развојот на своето дете.
– Даријан е умно, воспитано и талентирано дете, полно со почит и емпатија кон сите. Негова најголема особина е почитта кон младите и повозрасните, со голема желба да му помага секому. Бидејќи многу време посветува на спортот и на училиштето, слободното време сака да го помине во дружење со своите другарчиња од училиштето и од клубовите – раскажуваат родителите.
Сите се радуваме и се гордееме со успесите на Даријан, но она што не се гледа се поддршката, напорот и откажувањата, а за тоа најдобро знае неговото семејство.
– Да се поддржува ваков талент како што е Даријан е привилегија, но истовремено е тешко и напорно. Многумина ги гледаат насмевките, пехарите, медалите и головите. Ретко кој ги гледа километрите поминати на пат, раните станувања, непроспиените ноќи, откажувањата од личите желби. Финансиските вложувања се огромни, како и секоја жртва што ја прави семејството за Даријан – раскажуваат гордите родители, тато Дамјан и мама Мери.
Како што велат, свесни се дека е привилегија да се следи талентот на Даријан и голем благослов е да се има такво талентирано дете.
– Свесни сме дека патот до врвот е долг, тежок и макотрпен. Ќе има и победи, но и порази. Но додека Даријан го сонува својот сон со отворени очи, ние ќе бидеме неговиот најсилен ветер во грб. Не му ветуваме дека секогаш ќе победува, но нашето ветување кон него е дека никогаш нема да биде сам и дека никогаш нема да чекори сам до целта. Како еден тим ќе продолжиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, сон по сон – велат родителите.
На веб-порталот „Некст фудбал старс“, за Даријан се вели дека е бисер и иднина на македонскиот фудбал.
– Роден за фудбал, тренира со срце, игра со визија и сонува големи соништа, кои веќе се претвораат во реалност. Тој е препознаен како технички зрел и тактички напреден играч за својата генерација со интуиција, дисциплина и невообичаена желба за напредок. Чекор по чекор, тој се приближува до големиот европски фудбалски клуб. Тој стана симбол на спортската надеж и едно од најперспективните имиња на регионалната фудбалска сцена.
Е па, Даријан, летај и освојувај го светот со талент и со знаење, и немој да нѐ прескокнеш кога ќе дојде ред да потпишуваш автограми. Дотогаш ние сме тука, со радост да пишуваме за твоите успеси.
Од многубројните успеси ќе споменеме и дека на кампот „Овиедо ВА фудбал“ во Приштина, Даријан е прогласен за најистакнат играч, по што следувала поканата за двонеделни тренинзи во ФК „Овиедо“ во Шпанија.
Нашиот стрелец е прогласен за најдобар и во Атина, и во Струмица, првонаграден е и како член на ФК „Црвена звезда“ на меѓународниот турнир во Умаг, Хрватска, а на купот „Чин чин“ е прогласен за најдобар играч во 2026 година. Се закитил и со прво место на Државното првенство во Македонија со академијата „Александро“, а во Торино, Италија, со ФК „Црвена звезда“ го освоил првото место на меѓународниот турнир „Метрополитен куп“.


































