„Екскалибур“: мечот, кралот и тајната на Камелот

Пред да стане крал, Артур мора да го извлече мечот од каменот. Пред да создаде кралство, треба да ја разбере тежината на власта, а пред да стане легенда, неизбежно се соочува со сопствените слабости. Во оваа противречност се наоѓа суштината на „Екскалибур“ (Excalibur, 1981), филмот на британскиот режисер Џон Бурман, кој митот за кралот Артур го претвора во грандиозна филмска визија за човечкиот стремеж кон совршенство, подемот на идеалите и нивниот неизбежен судир со реалноста. Овој текст е посветен и на неодамна починатиот сер Патрик Стјуарт, кој во филмот го толкува Леонгранс, таткото на Гвиневир, оставајќи зад себе извонредно актерско наследство на театарската и филмската сцена.
Приказната го следи Артур од неговото чудесно зачнување и раѓање, преку извлекувањето на волшебниот меч Екскалибур и создавањето на Камелот, до трагичниот распад на неговото кралство. Под водство на мистериозниот Мерлин, Артур се преобразува од млад човек во владетел што настојува да воспостави единство и праведен поредок во свет обележан со насилство и предавства. Неговата визија, сепак, се урива под притисокот на човечките страсти и слабости, забранетата љубов меѓу Гвиневир и Ланселот и појавата на Мордред, олицетворение на хаосот и уништувањето.
Џон Бурман, автор што претходно се истакна со филмовите „Од непосредна близина“ („Point Blank“, 1967), „Избавување“ („Deliverance“, 1972) и „Зардоз“ („Zardoz“, 1974), во „Екскалибур“ создава препознатлив авторски универзум, во кој митологијата, фантастиката и филозофската рефлексија се преплетуваат во единствена аудиовизуелна целина. Неговиот средновековен свет е ослободен од амбицијата за историска реконструкција и функционира како простор на сонот, ритуалот и колективната имагинација. Магливите шуми, заситените зелени тонови, блесокот на оклопите и драматичната игра на светлината создаваат атмосфера во која природата добива специфична димензија.
Бурман ја гради филмската слика преку симболички композиции и архетипски ситуации и дејства. Неговата режија ја следи внатрешната логика на легендата, во која личната судбина е неразделно поврзана со поширокиот космички поредок. Филмот на тој начин добива структура на мит за херојот што мора да помине низ искушение, симболичка смрт и преобразба.

Оваа митолошка конструкција се гради околу фамозниот Екскалибур. Мечот ја надминува својата функција на оружје и се претвора во метафора на волјата, духовната сила и способноста да се воспостави ред во хаотичниот свет. Неговото извлекување од каменот го означува изборот на Артур, но не и неговата подготвеност за владеење. Бурман ја поставува разликата меѓу поседувањето на моќта и мудроста потребна за нејзино користење. Артур го добива мечот, но вистинското искушение започнува дури по неговото крунисување.
Тркалезната маса ја отелотворува идејата за единство и рамноправност, како обид да се воспостави идеален општествен поредок. Нејзината кружна форма упатува на целината, хармонијата и вечноста, но идеалниот круг се нарушува под влијание на човечките слабости. Љубовниот триаголник меѓу Артур, Гвиневир и Ланселот добива пошироко значење од рамките на трагичната романса. Ланселот, навидум совршениот рицар, станува заробеник на сопствената страст; Гвиневир се наоѓа заробена меѓу желбата и должноста, додека Артур е принуден да ја помири личната болка со одговорноста на принципиелен владетел.
Мерлин, во интерпретацијата на Никол Вилијамсон, е обликуван како необична спојка од мудрост, иронија и древна мистериозност. Тој е посредник меѓу различни светови и чувар на едно постаро магиско знаење што полека исчезнува. Во архетипска смисла, Мерлин е фигурата на мудриот старец, духовниот водач што го насочува херојот кон неговата судбина, свесен дека ниту еден земен поредок не може да трае вечно.
Мотивот на светиот грал ја продлабочува духовната димензија на филмот. Ако Екскалибур го означува стекнувањето на моќта, гралот упатува на духовната преобразба и обновувањето на изгубената целина. Потрагата по него е процес на самоспознавање, обид да се воспостави повторна врска меѓу човекот и трансцендентното. Пустата земја, која се појавува како последица на нарушениот поредок, ја материјализира духовната пустош. Внатрешната криза на кралот се пресликува врз неговото кралство, воспоставувајќи ја врската меѓу микрокосмосот на човекот и макрокосмосот на светот.

Музичката илустрација, заснована врз оригиналната партитура на Тревор Џонс и употребата на композиции од Карл Орф, пред сè делови од „Carmina Burana“, внесува чувство на античка трагедија и грандиозност. Звучната слика создава впечаток дека настаните се одвиваат во рамките на поширок историски и космички циклус. Во спојот со фотографијата и режисерската стилизација, музиката придонесува филмот да добие карактер на своевиден аудиовизуелен мозаик.
Од филмолошки аспект, „Екскалибур“ се издвојува по начинот на кој ги обединува сценографијата, фотографијата, монтажата и музиката во препознатлив авторски ракопис. Стилизацијата понекогаш ги сведува ликовите на архетипски фигури, а забрзаниот наратив не остава секогаш доволно простор за нивна психолошка разработка. Сепак, овие ограничувања произлегуваат и од свесното оддалечување на Бурман од конвенциите на стандардната историска драма. Неговото дело функционира според логиката на легендата, во која времето е компресирано, настаните добиваат симболичка тежина, а судбините на поединците се поврзуваат со подемот и падот на цел еден свет.
„Екскалибур“ останува едно од највпечатливите, па и најпочитувани филмски толкувања на артуровскиот мит. Станува збор за кинематографско остварување во кое митологијата, симболиката и авторската визија се обединуваат во единствена аудиовизуелна структура, која и 45 години по премиерата продолжува да живее како универзален мит за подемот и пропаста, за изгубената целина и за вечната потрага по смислата на постоењето.