Ние тука, во оваа наша Македонија, веќе подолго од три децении вергламе за нашата европска приказна и најчесто тоа го поврзуваме со политика, преговори и исполнување услови. Но се чини дека постои и една друга, можеби уште поважна страна на нашето европското приближување – онаа што граѓаните можат директно да ја почувствуваат во својот секојдневен живот.
Имено, токму такви се промените што изминатиот период ги спроведува Народната банка. Иако во суштина не сум некој економски експерт, од она што може да се забележи во мерките и реформите што се преземаат очигледно е дека нивните резултати ќе ги почувствува секој што има банкарска сметка, прима плата, плаќа сметки или води сопствен бизнис. А тоа го има секој.
Најважното е што Македонија чекор по чекор ги прифаќа европските правила во платниот промет и банкарскиот систем. Тоа значи дека нашиот македонски модел го усогласуваме во целост со системот што одамна функционира во земјите од Европската Унија.
Тоа е добра вест во време на голем број разочарувања од истата таа Европа во процесот на проширување. Добро е затоа што овие реформи на НБРМ не само што нè доближуваат до Европа туку и затоа што истите тие европски стандарди се создадени за работите да бидат побрзи, поедноставни и побезбедни. А граѓаните го бараат тоа, брза и сигурна услуга.
Досега многу граѓани и компании плаќаа високи провизии кога испраќаа или примаа пари од странство. Често се чекаше и по неколку дена за една трансакција да биде завршена, а многу нашинци остануваа со блокирани картички при обично пазарење во супермаркет некаде во странство само затоа што доцнеше трансакцијата. Тоа создаваше дополнителни трошоци, но и непотребна неизвесност.
Со вклучувањето во европските системи за плаќање, ваквите пречки постепено ќе остануваат во минатото.
За граѓаните тоа значи поевтини и побрзи трансакции. За студентите што добиваат пари од семејството во странство, за луѓето што работат со европски компании, за сите што купуваат или продаваат преку интернет, процедурите ќе бидат многу полесни.
Уште поголема придобивка ќе имаат домашните компании.
Секој ден илјадници фирми плаќаат кон странски партнери или чекаат наплата за продадени производи и услуги. Ако парите пристигнуваат побрзо и со помали трошоци, тогаш фирмите ќе располагаат со повеќе средства за инвестиции, нови вработувања и развој.
Особено тоа ќе им помогне на малите и средните претпријатија, кои најмногу зависат од брзото движење на парите. За нив секој ден чекање значи изгубено време, а понекогаш и изгубена можност.
Инстант плаќањата дополнително ќе ја променат сликата. Наместо да се чека следниот работен ден или понеделник за да пристигнат средствата, парите ќе се префрлаат за неколку секунди, без разлика дали е викенд или празник.
Тоа денес можеби звучи како научна фантастика, но утре ќе стане нешто сосема нормално, исто како што денес никој не се чуди што плаќа со мобилен телефон.
Важно е и тоа што овие промени не се само технолошки. Тие создаваат поголема доверба во македонскиот финансиски систем, поголема сигурност за граѓаните и подобри услови за стопанството.
Кога правилата се исти како во Европската Унија, тогаш и домашните компании полесно соработуваат со европските партнери. Помалку администрација, помалку трошоци и побрзи постапки секогаш значат поголема конкурентност.
Во исто време, подобро организираниот банкарски систем придонесува и за постабилни цени, попредвидливи кредити и поголема сигурност за семејните буџети.
Затоа овие реформи не треба да се гледаат како уште една законска измена или административна обврска. Тие се дел од еден многу поширок процес во кој Македонија практично почнува да функционира според европските правила уште пред формално да стане членка на Европската Унија.
Европа не е само прашање на политички одлуки. Европа е и начинот на кој функционираат институциите, банките, плаќањата и секојдневните услуги што ги користат граѓаните.
Колку повеќе ги прифаќаме тие стандарди толку повеќе добиваат и граѓаните и компаниите. Со помалку трошоци, помалку чекање и повеќе сигурност.
На крајот, токму тоа е суштината на европската интеграција, не само да бидеме поблиску до Европа на картата, туку и да живееме и работиме според истите правила што одамна им го олеснуваат животот на милиони европски граѓани.
































