Актерството како професија и средство за работа

Драги мои, во светло на фестивалот „Преку езерото“, каде што доделуваме, според нас, единствена награда на овој дел од светот за високо актерско остварување во уметноста на филмот, наречена според најпрепознатливото лице во светот на филмот од Македонија, актерот Мето Јовановски, помислив дека е добро да се објасни што во суштина претставува да се биде актер. Каква е таа професија, која навидум, на прв поглед изгледа како игра, како забава, како правење нешто со кое човекот сака да им го привлече вниманието на луѓето кон себе? Тоа е така, но во суштина се работи за комплексна и тешка професија што исцрпува и уморува и надвор од крајните граници на човечкото тело и ум. Тоа е професијата без која филмот не би постоел. Ако нема актер, според мене, нема ни филм.
Има една особеност во актерството, а тоа е дека за разлика од другите професии, за да се практикува професијата актерство, доволно е само да си актер. И ништо повеќе. Поточно, за да си актер треба само да имаш некоја посебност што се нарекува дарба, талент или природа. Или сите тие три нешта во исто време. Актерството на екран, пред камера, на филм и на телевизија се развило како одделна професија со развојот на кинематографијата. Денес е сосема јасно дека токму актерството, односно актерот е причината што филмот од егзибиција, забава и документ го трансформирала во уметност и производ за на пазар и се овозможило создавањето на филмската индустрија. Актерите се основната состојка на филмот, на филмската приказна во нејзината сѐ уште примордијална форма, како човечка емоционална состојба. Без актерот и неговото присуство, како актер, но и како човек, филмот е само конзервирано време и место на дејствие. Режисерот треба да го почитува тоа и да му се покорува. Режисерот мора да се научи како да му служи на актерот.

Режисерот му е слуга на актерот. Режисерот е господар што доброволно, за определено време, се става во позиција на роб што е подготвен да им служи на десетици, а некогаш и стотици господари, никогаш не дозволувајќи господарите да мислат дека тој го прави тоа затоа што мора, туку затоа што сака. Да му се служи некому или на нешто за определена благородна цел е награда, а не казна. Режисерот мора да се научи дека за тоа што го прави ќе биде казнет, онака како што Прометеј бил казнет затоа што го украл огнот од боговите и им го дал на луѓето. Тоа е судбината на режисерот. Бернардо Бертолучи навистина има блескав совет што се однесува на работата со актери: „На филмскиот сет треба постојано да се остава отворена врата, никогаш не се знае кога некој може да влезе непредвидено – ете тоа е филмот. За мене тоа е првото правило секогаш кога снимам филм: да ја оставиш вратата отворена, може на пример да значи дека ако актерката на утрешното снимање дојде со лице потонато од умор, еве да речеме затоа што не спиела цела ноќ, наместо да ѝ го покривам лицето со шминка, гледам да ја искористам ситуацијата“.

Киногенија или избор на актер врз основа на неговото човечко присуство

Актерот е човек. Иако во кулоарите каде што се движат режисери, како и на училиштата за филм и телевизија има многу видови квалификации околу тоа што е актерството и што се актерите и тие се простираат од основната аксиома дека актерот „не е човек туку средство за работа“, до тоа дека „актерите се животни што треба да се чуваат и хранат за да можат да им служат на господарите – режисери“. Така се креира оној дел од егото на студентите по режија, кои треба да изградат систем на самодоверба што ќе ги става во позиција да бидат над сите. Јиржи Менцел е еден од оние режисери што сигурноста во познанството со некој актер ја смета за предност. „Нѐ советуваше (Отокар Вавра, професорот на Јиржи Менцел, моја забелешка) со никого да не стануваме многу блиски, затоа што луѓето покрај нас лесно ќе го злоупотребат нашето пријателство. Веројатно имал лошо искуство. Тоа е можеби единствениот совет што не сум го прифатил – секогаш работев попријатно и полесно со тие со кои имав пријателски односи“.
Целата оваа работа е уште покомплексна ако се знае дека актерството на филм не е уметност самата за себе, туку основно средство за работа на филмскиот режисер. Актерството на филм е само средство за работа со кое режисерот се изразува како единствен автор на уметничкиот производ наречен филм. Начинот на кој еден режисер пристапува во работата со актерите и постигнатите резултати од тоа во најголема мера го определуваат филмот меѓу оценката добар, многу добар или одличен. Во принцип, како и сите други сегменти на професијата режисер, и работата со актери влегува во онаа квалификација – колку мајстори толку начини. Дури и најголемите имиња во светот на филмот што припаѓаат на иста генерација или на исто филмско движење, па дури и иста филмска школа, со истите актери работат на различен начин и на крајот постигнуваат различни резултати. Се случува во иста година да се снимат три или четири филма на познати режисери со познат актер и тој актер во сите четири филма да изгледа различно, не само како карактер, што е крајната цел на актерството – да се одигра еден карактер убедливо, но различно од нему блиски или слични карактери, туку и како верност, како убедливост во неговата изведба.

Тоа е така затоа што таму каде што тој актер е најубедлив во изведбата постигнал најголема идентификација со режисерот, односно била воспоставена најдобра творечка атмосфера и заемна доверба, која се темели на две основно еднакви состојби на нештата што се парадоксални, апсурдни и тривијални, но во суштина се тие што прават еден филм да биде уметничко дело. Тие две состојби на нештата се:
Убеденоста на актерот дека тоа што го прави тој во својата изведба на карактерот е до таа мера лично творечко и човечко постигнување што може да се нарече со неговото име како негово дело.
Убеденоста на режисерот дека тоа што актерот го прави до таа мера е лично творечко и човечко постигнување на режисерот што може да го нарече со своето име како свое дело.
Иако ова може да се сфати како состојба на заемна лага, сепак треба да се прифати и потхранува единствено и само како состојба на заемна доверба, во која режисерот и актерот си веруваат до таа мера што повеќе не можат да ги одделат вистината од лагата за време на работата на еден филм во однос на тоа – кој што изведува и кое кому и колку од таа изведба му припаѓа. Крајната цел е за време на снимањето, на сет, актерот по секоја успешна изведба во некоја сцена или во кадар да добие аплаузи од колегите или од екипата. Само така режисерот може да се надева дека тој ќе добие аплаузи кога филмот ќе се прикажува пред публика заради неговата работа како единствен автор и творец на филмското дело. Суштината на филмот е во таа лага, фикција, авторите да поверуваат во нејзината вистина до тој степен, за да можат да ги убедат гледачите во тоа дека не е субјективна лага туку објективна вистина. Што е најважната задачата на режисерот, според Кончаловски? „Задача на творецот е како да ги излаже гледачите така што тие ќе прифатат дека одиграните чувства се вистински и ќе поверуваат во постоењето на еден свет создаден во фантазијата на авторот“, во нашиот случај, тоа е режисерот.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“