Фото: Маја Јаневска Илиева

Возачите кои транзитираат низ Македонија наскоро ќе бидат опфатени со системот „Безбеден град“, а казни за сообраќајни прекршоци ќе добиваат и странските државјани, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој, заедно со српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, денеска на граничниот премин Табановце ја промовираше кампањата „Вози одморен“, пренесе МИА.

Тошковски упати апел до сите возачи што транзитираат по Коридорите 8 и 10 да ги почитуваат сообраќајните правила, нагласувајќи дека камерите од системот „Безбеден град“ веќе функционираат и ги евидентираат прекршоците.

-Наскоро ќе бидете сведоци на целосната имплементација на вториот чекор, кој се однесува на доставување на казните и за возачите со странски регистарски таблички. Затоа апелирам сите што патуваат низ Македонија да ги почитуваат правилата, бидејќи прекршоците ќе бидат евидентирани и санкционирани – изјави Тошковски.

Тој посочи дека системот ќе важи подеднакво за домашните и за странските возачи и додаде дека надлежните веќе работат на модел за доставување на казните до возачи од Македонија, Србија, земјите од Европската Унија и други држави.

Според министерот, имплементацијата ќе бара време, но благодарение на современата технологија и вештачката интелигенција ќе биде пронајдено соодветно решение.

Српскиот министер Ивица Дачиќ изјави дека е потребна поширока европска регулатива за ваквиот систем, но изрази подготвеност за соработка со македонските институции.

Системот „Безбеден град“ во Македонија е во функција од 1 февруари 2026 година.

Во одговор на новинарски прашања за неодамнешната голема заплена на дрога, двајцата министри истакнаа дека истрагата е во надлежност на обвинителствата и оти нема да изнесуваат дополнителни детали.

Тошковски рече дека Министерството за внатрешни работи поднело кривични пријави против дел од осомничените, дел од нив се лишени од слобода и им се определени најстроги мерки, а понатамошната постапка е во надлежност на Јавното обвинителство.

Дачиќ оцени дека станува збор за една од најголемите заплени во последните години и нагласи дека соработката меѓу Македонија и Србија во борбата против организираниот криминал е на високо ниво. Според него, криминалните групи најчесто се меѓународни, поради што е неопходна тесна регионална соработка, а сите инволвирани ќе одговараат согласно законот, без оглед на нивната функција.