Фото: Маја јаневска Илиева

Со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството денеска во судницата во затворот „Идризово“ продолжи судскиот процес за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, пренесе МИА.

На денешното рочиште беа презентирани доказите што се однесуваат на работењето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Според најавите, на следното рочиште, закажано за 6 јули, ќе бидат изведени листинзи од телефонска комуникација, по што од доказите на Обвинителството ќе преостанат уште градежното вештачење и исказите на вештите лица. Потоа ќе започне доказната постапка на одбраната.

Обвинителството продолжи со практиката да ги презентира доказите преку читање на нивните наслови од листата на докази. Меѓу нив се записници од претреси, потврди за привремено одземени предмети, дописи и известувања од МВР и СВР Штип, како и предмети, налози и записници од инспекциски надзори на Државниот пазарен инспекторат поврзани со правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“.

По презентацијата на доказите, одбраната изнесе повеќе забелешки, тврдејќи дека дел од записниците, извештаите, лиценците и жалбите содржат недостатоци, како и дека не е јасно дали сите документи се соодветно потпишани. Адвокатите реагираа и дека дел од материјалите се однесуваат на претреси во други објекти и на лиценци и документи од години пред трагичниот настан, без директна поврзаност со предметот.

Обвинителката Наташа Сарамандова одговори дека обвинетиот Дејан Јованов користел лиценци издадени во 2016 и 2017 година, при што, според Обвинителството, бил направен фалсификат пронајден при претрес. Таа посочи дека со секоја лиценца биле пријавувани промени на минимално-техничките услови, што, како што рече, создавало обврска надлежните институции да извршат проверки на направените измени.

Рочиштето започна со околу два часа задоцнување поради проблеми со наредбите за спровод на дел од обвинетите, информираше Судот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Станува збор за една од најтешките несреќи во поновата историја на Македонија.