Артилериска граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна, денеска е пронајдена на локалитетот „Ќупот“, југозападно од Гевгелија, во близина на границата со Грција.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираат дека станува збор за неексплодирано убојно средство, кое веднаш било обезбедено од надлежните служби и ќе биде транспортирано на армискиот полигон „Криволак“, каде безбедно ќе биде уништено.
Пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов појасни дека најверојатно станува збор за испукана, но неексплодирана артилериска граната, која и по повеќе од еден век останала активна.
– Доволен е и најмал удар за да дојде до нејзино активирање. Станува збор за исклучително опасно убојно средство со потенцијално смртоносен радиус од околу 150 метри – предупреди Стефанов.
Од ДЗС апелираат граѓаните доколку забележат предмет што наликува на граната, бомба или друго експлозивно средство, да не го допираат и веднаш да го пријават на единствениот број за итни случаи 112, по што надлежните служби ќе постапат согласно утврдените безбедносни процедури.


































