Фото: ЕПА

Оставката на британскиот премиер Кир Стармер како повод за поширок новинарски осврт за некои карактеристични состојби во Обединетото Кралство

Политичка ферментација во Британија по излегувањето од ЕУ

  • Даунинг стрит 10 повторно е „напуштена локација“ откако Кир Стармер по само две години на власт поднесе неотповиклива оставка. Во очекување на новиот премиер, Велика Британија ќе го добие својот седми премиер за само една деценија. Тоа не дава впечаток дека е „политичка случајност“, ниту пак од друга страна е показател за „динамичноста на британската демократија“. Напротив, станува збор за показател на подлабока криза што со години „владее“ во британската држава

Во политичката историја на модерна Европа ретко може да се најде пример за толку честа промена на лидери во земја што долго време се сметаше за еден од најстабилните демократски системи во светот. Од Дејвид Камерон, преку Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас, Риши Сунак и Кир Стармер, Британија во последната деценија живее во состојба на постојана политичка транзиција. Но кој ќе анализира дека коренот на проблемот се крие во лидерите, тој многу површно ќе загребе по површината на проблемот. Имено, тезата на повеќе наши соговорници е дека „проблемот е во државата“. Цитирајќи ги широките анкети за граѓанските перцепции на Британците, нашите соговорници тврдат дека „Британија постепено го губи капацитетот да им понуди сигурност, перспектива и доверба на сопствените граѓани“. Што се крие зад оваа констатација?

БРЕГЗИТ БЕШЕ ДЕТОНАТОРОТ, А НЕ ЕКСПЛОЗИВНОТО ПОЛНЕЊЕ ЗА ЕКСПЛОЗИЈА НА КРИЗАТА ВО БРИТАНИЈА

Во јавноста долго време доминираше тезата дека „брегзит е изворот на британската нестабилност“. Нашите соговорници не се согласуваат со оваа констатација, одговарајќи дека „таквото толкување ја поедноставува реалноста“…
– Референдумот од 2016 година беше пред сè експлозија на долго акумулирано незадоволство. Тој не ја создаде кризата, туку само ја направи видлива. Милиони Британци гласаа за напуштање на Европската Унија под слоганот „Да ја вратиме контролата“… Брегзит всушност беше висок израз на суверенитет во конфликт со тенденцијата за централизацијата на власта во ЕУ, односно акумулација и концентрација на моќ во Брисел. Добар дел од граѓаните во Британија го толкуваа тоа како спорно во врска со делегирање на британскиот суверенитетот во Брисел. Затоа, кога луѓето гласаа за брегзит, тие не гласаа само против Европската Унија. Тие гласаа против чувството дека повеќе никој не ги слуша за она што го тврдеа, а тоа е дека забрзано губат нешто што е нивно, за што низ децениите и вековите на постоење на Обединетото Кралство, тие имаат стекнато право. Брегзит всушност беше највисоката форма на суверенизмот, која, пак, од точката на излегување од ЕУ почна да оди во надолна линија. Идеологијата на (нео)либерализмот не беше поразена со брегзит – тврдат наши соговорници, политички аналитичари и дипломати.

КРАЈ НА НЕОЛИБЕРАЛНИОТ КОНСЕНЗУС, НО НЕ И КРАЈ ЗА ЛИБЕРАЛНАТА ИДЕОЛОГИЈА

Во срцето на британската криза се наоѓа растечката поделба меѓу Лондон и остатокот од земјата. Додека главниот град продолжуваше да привлекува инвестиции, високи плати, финансиски институции и глобален капитал, огромни делови од северна Англија, Велс и поранешните индустриски региони со децении тонеа во економска стагнација. За жителите на Манчестер, Ливерпул, Сандерленд или на Шефилд, економските успеси на Лондон честопати изгледаа како статистика од некоја друга држава. Беше создадена Британија во која потенцијал за подинамичен раст во споредба со ЕУ постоеше. Но, очигледно, другата идеологија јако го минираше тоа, растот постоеше на хартија, и кај одредена либерална каста, но не и во секојдневниот живот на милиони луѓе. Токму таму се роди политичкиот гнев што подоцна ќе ги урне и конзервативците и лабуристите.
– Во текот на четири децении британската политика се движеше околу ист економски модел. Без оглед дали на власт беа конзервативците или лабуристите, основните правила остануваа исти: либерализација, приватизација, дерегулација и потпирање на финансискиот сектор како мотор на економијата. Со текот на времето, овој модел создаде впечатлив раст на богатството, но и драматично зголемување на нееднаквоста. Цените на становите достигнаа ниво недостапно за младите генерации. Јавните служби почнаа да покажуваат знаци на хроничен замор. Националниот здравствен систем сè потешко одговараше на потребите на населението. Локалните заедници остануваа без инвестиции. Она што долго време изгледаше како успешен модел постепено почна да произведува чувство на напуштеност. Денес сè поголем број Британци веруваат дека политичкиот систем работи добро само за оние што веќе имаат моќ и капитал – тврдат нашите соговорници, аналитичари и добри познавачи на состојбите во Британија.

ЗОШТО СЕКОЈ НОВ ПРЕМИЕР ИЗГЛЕДА КАКО ПРИВРЕМЕНО РЕШЕНИЕ?

Според нашите соговорници, во гореспоменатите околности, во Британија се појавува нов политички феномен, а тоа е дека „граѓаните повеќе не гласаат за надеж, туку гласаат од револт“.
– Политичките партии сè потешко мобилизираат поддршка преку визија за иднината. Многу полесно успеваат преку ветувања дека ќе ги казнат претходниците, елитите, мигрантите, Брисел или некој друг симболичен виновник. Токму затоа британската политика во последните години личи на бесконечен циклус на разочарувања. Секој нов лидер доаѓа со ветување дека ќе ја поправи државата. Секој заминува со уште поголемо незадоволство. Не затоа што сите лидери се неспособни, туку затоа што проблемите станале структурни. Промената на премиерите денес не носи чувство на нов почеток. Напротив, создава впечаток на систем што се обидува да купи време. Без сериозна регионална обнова, без нов индустриски модел, без решавање на станбената криза и без обновување на јавните институции, секој иден премиер ќе се соочи со истата реалност. Британија можеби не страда од криза на лидерство, туку таа страда од криза на доверба, и тоа доверба дека државата може да обезбеди економска сигурност. Доверба дека политиката може да решава проблеми. Доверба дека системот работи за мнозинството, а не само за мал број привилегирани – анализираат нашите соговорници.

КРАЈОТ НА ЕДНА ЕПОХА

Она што денес се случува во Британија е повеќе од обична политичка турбуленција. Станува збор за историски судир меѓу старата британска држава и новата економска и социјална реалност. Брегзит беше само најгласниот израз на таа криза. Но кризата не заврши со излегувањето од Европската Унија. Судирот на суверенистичката струја и неолибералната и империјалистичка сѐ уште е жив. Дури и оваа вторава се зајакнува. Таа дури сега се залага за повторно интегрирање на Британија во ЕУ, од каде што со заеднички сили со идентично идеолошките ориентирани влади, би ја вратиле ЕУ на политичката карта на моќта во светот.
Дотогаш Британија продолжува да живее во празните индустриски зони, во прескапите станови, во преоптоварените болници и во растечкото чувство дека политичкиот систем повеќе не нуди одговори. Затоа денешната британска драма не е приказна за Кир Стармер, ниту за кој било негов наследник. Тоа е приказна за држава што сè уште бара нов општествен договор. А додека тој договор не биде пронајден, секој нов премиер ќе биде само уште едно привремено лице на една многу подлабока национална криза. П.Р.


Актуелната британска криза не може да се реши со уште една промена во „Даунинг стрит“

Не се менуваат само премиерите туку се троши системот

Честите смени на премиерите во изминатата деценија, според нашите соговорници, ја покажуваат неможноста на британскиот политички систем да создаде стабилност.
Седум премиери за десет години не се доказ за демократска виталност. Тие се доказ дека британскиот политички систем веќе подолго време не успева да произведе стабилност. Вообичаено, кога една влада паѓа, граѓаните очекуваат следната да понуди решение. Но во Британија секој нов премиер доаѓа со сè помал политички капитал и со сè помалку простор за вистински промени. Брегзит требаше да биде историски пресврт што ќе ја врати контролата врз државата. Наместо тоа, стана симбол на една подлабока немоќ. Економските разлики меѓу регионите останаа, јавните служби продолжија да слабеат, а недовербата кон политичките елити дополнително се продлабочи. Затоа денешната британска криза не може да се реши со уште една промена во Даунинг стрит. Проблемот не е во имињата на премиерите, туку во фактот што старите политички рецепти повеќе не функционираат. Кога граѓаните престануваат да веруваат дека изборите можат да им го подобрат животот, тогаш секоја нова влада станува само привремена станица на патот кон следното разочарување. Токму тоа денес се случува во Британија – образложуваат нашите брифери, политички аналитичари и дипломати што имаат големо искуство на полето на меѓународната политика и дипломатија. П.Р.


Состанок на лидерите на Коалицијата на подготвените (Британија, Германија, Франција, Италија и Полска) одржан во Берлин, Германија, неколку дена откако британскиот премиер Стармер ја објави својата оставка

Лидерите заминуваат, либералната матрица и милитаризмот остануваат

  • Стармер ќе остане запаметен и по лидерската улога во таканаречената Коалиција на подготвените за поддршка на Украина, со која
    копретседаваше заедно со францускиот претседател Емануел Макрон. Станува збор за алијанса (составена од 35 држави) што ја поддржува Украина со воена помош, а е предвидено да му помогне на Киев и со долгорочна одбрана кога ќе дојде до прекин на огнот

Дел од европските лидери, чија матрица се совпаѓа со доктрината на милитаризмот што се храни со либералниот концепт на носителите на највисоките функции во ЕУ, Франција, Германија, Полска… заедно со британскиот премиер во оставка, Кир Стармер, се состанаа во Берлин заради потврда на востановените политики во врска со Украина, Русија, па и САД. Со потврда на утврдената политика, особено на воен план, тие ја истакнаа улогата на британскиот премиер во заминување, Кир Стармер, во зајакнување на поддршката на воените напори на Украина, бидејќи, со оставката, тој веќе нема да биде како индивидуа во друштвото на т.н. Коалиција на подготвените. Но на состанокот беше изразена надеж дека „официјален Лондон и понатаму ќе биде на линија со Брисел“. За потсетување, Стармер ја претставуваше Велика Британија на состанокот во Берлин, со лидерите на Германија, Франција, Италија и Полска, само два дена откако поднесе оставка, но изрази уверување дека утврдените политики на Европа кон Украина и Русија и понатаму ќе бидат поддржани од Британија.

Стармер ќе остане запаметен и по лидерската улога во таканаречената Коалиција на подготвените за поддршка на Украина, со која копретседаваше заедно со францускиот претседател Емануел Макрон. Станува збор за алијанса (составена од 35 држави) што ја поддржува Украина со воена помош, а е предвидено да му помогне на Киев и со долгорочна одбрана кога ќе дојде до прекин на огнот.
Велика Британија, исто така, одигра голема улога во застапувањето на Украина во рамките на групата E3 што ги вклучува Германија, Франција и Велика Британија и треба да помогне во координирањето на надворешната и безбедносната политика на сите три држави. E3 стои зад голем дел од европската стратегија, не само во однос на Украина туку и во односите со американската влада, чија улога во европската безбедност се намалува.

– Европската и украинската безбедност се посилни благодарение на вас. Ви благодарам, драг Кир – напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, реагирајќи на оставката на Стармер од премиерската функција. Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, изрази благодарност за вклученоста на Стармер во европската Коалиција на подготвените за Украина и за ревитализацијата на односите меѓу ЕУ и Велика Британија.
Британски аналитичари ја истакнуваат соработката на Стармер со други лидери за разгледување на прашањето како Европа се обидувала да ја продолжи стратешка позиција во глобални рамки. Аналитичарите ги издвојуваат и обидите за време на неговиот мандат за пронаоѓање на потребните средства за да ги исполни своите наметнати цели за воени трошоци. Р.С.


Од наш агол

Од брегзит до „брентер“

  • Во 2016 година, поборниците за брегзит ветуваа враќање на суверенитетот, контрола врз границите и економска преродба. Наместо тоа, Британија однатре беше политички саботирана и наместо внатрешно реструктурирање во духот на новото време со динамичен развој, доби години политички хаос, економска неизвесност и рекордна смена на премиери

Пред 10 години Британија сакаше да излезе од Европа. Денес сè повеќе изгледа дека бара начин повторно да се врати под нејзиниот чадор. Историјата знае да биде сурово иронична. Во 2016 година, поборниците за брегзит ветуваа враќање на суверенитетот, контрола врз границите и економска преродба. Наместо тоа, Британија однатре беше политички саботирана и наместо внатрешно реструктурирање во духот на новото време со динамичен развој, доби години политички хаос, економска неизвесност и рекордна смена на премиери. Она што требаше да биде големо ослободување постепено се претвора во стратешка осаменост, по сценарио на неолибералната идеологија. И таа воскресна таму.
Но најголемиот парадокс е што Обединетото Кралство никогаш не беше обична членка на Европската Унија. Тоа и претходно беше голема сила. Империја. А заедно со Германија и Франција, Британија беше еден од трите столба врз кои почиваше европската моќ. Лондон беше финансиски центар на континентот, британската дипломатија беше мотор на европската надворешна политика, а британската воена сила беше клучна компонента на таа идеолошка доктрина на европската безбедност. Британија никогаш не беше патник во европскиот воз. Таа беше еден од машиновозачите.
Денес, додека Европа повторно се вооружува, создава нови индустриски стратегии и бара поголема геополитичка автономија, Британија однадвор гледа како се носат одлуки во чие создавање некогаш самата учествуваше. Затоа веќе не е прашање дали Лондон формално ќе се врати во Европската Унија. Поважно е нешто друго. Имено, Британија полека се враќа кон Европа, дури и без членство. Преку одбранбени договори. Преку трговски аранжмани. Преку заедничка безбедносна политика. Преку нужноста што ја создава реалноста. Брегзит требаше да значи разделба. Но идеологијата, географијата, економијата и историјата имаат поголема тежина од политичките пароли. Можеби затоа вистинскиот збор за следната британска фаза повеќе нема да биде брегзит. Туку брентер (Британија – ентер – влез). Тоа не мора да биде спектакуларно враќање низ главната врата, туку тивко повторно приближување кон истиот европски дом од кој Британија мислеше дека може да се дистанцира. Ама матрицата на вековната империјална моќ не ѝ го допушта тоа. Р.Н.М.