Апокалиптични слики од Каракас по катастрофалниот земјотрес / Фото: ЕПА

Венецуела се справува со последиците од два силни земјотреса

  • Геолошкиот завод на САД (УСГС) соопшти дека јужноамериканската држава била погодена од два земјотреса: главен потрес со јачина од 7,5 степени и претпотрес од 7,2 степени, кој се случил 39 секунди претходно. Земјотресите, меѓу најголемите во историјата на Венецуела, се случиле брзо еден по друг и биле почувствувани во повеќе делови од земјата. Но се наведува дека најпогодено било подрачјето во и околу главниот град Каракас
  • Македонската јавност особено е чувствителна на вакви катастрофи по разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Македонската
    нација во повеќе наврати покажа висок степен на емпатија и солидарност кон државите погодени од природни катастрофи, како што беше случајот при земјотресите во Турција и во Сирија во 2023 година, кога веднаш беа упатени повици за дарување крв, донирање парични средства и иницијативи за отворање пунктови за донации, како и значителна државна помош. Владата, општините и други институции во таа пригода донираа парична помош, а испратија и спасувачки екипи во обид за пронаоѓање на затрупаните и за расчистување на урнатините

Два силни земјотреса ја погодија Венецуела вчера уривајќи десетици згради, поради што се стравува дека има голем број жртви, што доведе и до прогласување вонредна состојба во јужноамериканската држава од страна на привремената лидерка Делси Родригез.
Геолошкиот завод на САД (УСГС) соопшти дека Венецуела била погодена од два земјотреса: главен потрес со јачина од 7,5 степени и претпотрес од 7,2 степени што се случил 39 секунди претходно. Епицентарот бил западно од заедницата Морон, која се наоѓа по должината на карипскиот брег на Венецуела, околу 168 километри западно од Каракас. Земјотресот имал длабочина од 13 километри.
– Го молиме населението да остане мирно и обединето – порача Родригез во телевизиско обраќање, во кое ги повика граѓаните да ги напуштат оштетените градби. Таа додаде дека стотици се повредени и дека се очекуваат повеќе жртви, по првичните информации дека има најмалку 32 загинати. Венецуела славеше национален празник во средата, а многу луѓе беа во своите домови кога се случија земјотресите.
– Веројатни се големи жртви и обемна штета, а катастрофата веројатно е широко распространета – соопшти УСГС. Се проценува дека бројот на жртви ќе се зголеми дополнително, бидејќи УСГС сугерира дека постои веројатност од 44 отсто за повеќе од десет илјади жртви.
Земјотресите, меѓу најголемите во историјата на Венецуела, се случиле брзо еден по друг и биле почувствувани во повеќе делови од земјата. Но се наведува дека најпогодено било подрачјето во и околу главниот град Каракас, каде што снимки на социјалните мрежи прикажаа сцени на паника додека патници брзаа низ ходниците на аеродромот „Маикетија“ барајќи засолниште. Родригез соопшти дека аеродромот е затворен откако претрпел „тешка штета“ и објави дека метрото и железничките системи се запрени. Било забележливо и кревање густа прашина од Каракас, додека локалните жители бегале од тешко оштетените згради, според известувањето на светските медиуми.
– Беше ужасно. Таму каде што бев се чувствуваше како ѕидовите да ќе паднат врз нас, се тресеа напред-назад. Му се молиме на Бога да има што е можно помалку жртви – изјави 56-годишна наставничка, Олки Бареро, за странските медиуми.
Една од најтешко погодените области, според првичното известување, е сојузната држава Ла Гваира на карипскиот брег на Венецуела. Во Ла Гваира се наоѓа главниот меѓународен аеродром на Венецуела, „Симон Боливар“, а исто така е блиску до дел од ридските заедници што беа нападнати од американските сили при заробувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на почетокот на годинава.

Соседите први понудиле помош

Македонската јавност особено е чувствителна на вакви катастрофи по разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година. Македонската нација во повеќе наврати покажа висок степен на емпатија и солидарност кон државите погодени од природни катастрофи, како што беше случајот при земјотресите во Турција и во Сирија во 2023 година, кога веднаш беа упатени повици за дарување крв, донирање парични средства и иницијативи за отворање пунктови за донации, како и значителна државна помош. Владата, општините и други институции во таа пригода донираа парична помош, а испратија и спасувачки екипи во обид за пронаоѓање на затрупаните и за расчистување на урнатините. Сите општини и градови во земјава тогаш свикаа итни и вонредни седници на советите за што побрзо да се определат средства за помош на погодените градови во Турција и Сирија. Граѓаните, пак, на плоштадот „Македонија“ донираа конзервирана храна, алишта, ќебиња, обувки и многу други работи што би биле од помош.
Соединетите Американски Држави и неколку латиноамерикански земји сега соопштија дека ќе испратат хуманитарна помош и спасувачки персонал во Венецуела. Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека „САД се подготвени, желни и способни да помогнат во катастрофата“.
– Им наложив на сите агенции на нашата влада да се подготват за брзо дејствување. Ќе бидеме таму за нашите нови и големи пријатели – напиша претседателот Трамп во објава на социјалните мрежи во средата.
До следното утро државниот секретар на САД, Марко Рубио, во објава на социјалните мрежи соопшти дека Стејт департментот веднаш распоредува екипи за пребарување и спасување, медицински ресурси и хуманитарна помош во Венецуела.
Шпанија, која некогаш владееше со Венецуела како колонија, соопшти дека нејзиното Министерство за надворешни работи понудило да испрати итна помош во Венецуела, како и многу од соседите на Венецуела во Латинска Америка, вклучувајќи ги Чиле, Аргентина и Панама.

– Венецуелските власти побараа специјализиран спасувачки и здравствен персонал од Мексико – изјави претседателката Клаудија Шајнбаум.
Доминиканската Република ќе распореди воени екипи специјализирани за пребарување и спасување во Венецуела за да им помогнат на венецуелските власти, изјави претседателот Луис Абинадер, кој додаде дека разговарал телефонски со венецуелската лидерка Родригез за да изрази солидарност.
Претходно, претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, во објава на социјалните медиуми изјави дека 300 спасувачи и болничари се подготвени да заминат за Каракас со опрема, лекови и резерви од опрема и лекови. Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, изјави дека договорил итна испорака на хуманитарна помош за Венецуела, и покрај затегнатите односи меѓу двете земји. Претседателот на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, изјави дека му наложил на Министерството за надворешни работи да процени како неговата земја може да ѝ помогне на Венецуела.
Венецуелската лидерка Делси Родригез им се заблагодари на Трамп и на другите државници за нивните понуди за помош на социјалните мрежи.
– Венецуела никогаш нема да ја заборави подадената рака за нашиот народ во овие толку тешки часови – напиша таа. Р.С.