Стравувањата од голем број жртви растат по двата силни земјотреси што денеска ја погодија Венецуела, предизвикувајќи огромни разурнувања во главниот град Каракас и во повеќе околни области.
Според податоците на Геолошкиот завод на САД, првиот земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала бил регистриран околу пладне, на околу 160 километри западно од Каракас. Помалку од една минута подоцна следел уште посилен потрес со магнитуда од 7,5 степени.
Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините на зградите, додека илјадници жители во паника ги напуштиле своите домови. Очевидци опишуваат сцени на хаос и уништени објекти низ главниот град.
Вршителката на должноста претседателка Делси Родригез соопшти дека досега се потврдени најмалку 164 жртви и околу 1.000 повредени лица, но предупреди дека бројот може значително да се зголеми бидејќи спасувачките операции сѐ уште траат, пренесе „Ројтерс“.
Најтешко погодена е државата Ла Гваира, во близина на Каракас, каде што се наоѓа и главниот меѓународен аеродром. Сведоци објавија снимки од урнати згради, оштетена инфраструктура и сцени на масовна евакуација.
Сериозни штети се пријавени и во крајбрежниот град Морон во државата Карабобо, каде што по потресите биле прекинати снабдувањето со вода и електрична енергија. Меѓу жртвите во ова подрачје има и деца.
Геолошкиот завод на САД предупреди дека бројот на загинати може да достигне неколку илјади лица, а според моделите за проценка постои можност жртвите да надминат и 10.000.
Во меѓувреме, властите побараа меѓународна помош, а спасувачки тимови од повеќе земји се подготвуваат да пристигнат во погодените подрачја. Американскиот државен секретар Марко Рубио најави испраќање на дополнителни спасувачки ресурси, додека Обединетите нации предупредија дека ќе биде потребен голем меѓународен ангажман за справување со последиците од катастрофата.
Земјотресите дополнително ја влошија хуманитарната состојба во Венецуела, каде што милиони луѓе и претходно зависеа од помош поради долгогодишната економска и социјална криза.


































