Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, вечерва од 18.30 часот, ќе бидат проектирани краткометражните филмови „Баба Деспина и султанот“, „Исчекување“, „Селска свадба“, „Смртта во Битола“ и „Хуриет во Битола“, снимени од камерата на Манаки. Во истиот термин ќе биде отворена и изложбата на фотографии „La Belle Epoque – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки од крајот на 19 и почетокот на 20 век“. Презентирањето на делото на основоположниците на балканската фотографија и кинематографија во Софија е резултат од соработката на Македонскиот КИЦ во Софија со Центарот за култура – Битола и Културно-информативниот центар – Битола.
Жанровски и тематски гледано, фотографскиот опус на браќата Манаки е вистински сестран и полифон во смисла на опфаќањето различни наративи и заедници во богатата и густа мултикултурна балканска демографска структура. Најзастапени се поединечните и групните портрети, фотографии со опис на стопанска дејност, социјални слоеви, етнографски аспекти, обичаи и секојдневен живот на населението од различни етнички заедници.
– Крајот на 19 век, а особено почетокот на 20 век за Битола бил особено важен исто така претставувал и голема пресвртница во однос на модните достигнувања. Се напуштала старата традиционална облековна култура наречена ала турка и се заменувала со нова културна творевина наречена ала франга. Во таа голема модна пресвртница се појавува и нов занаетчиски еснаф френк терзии, најголем дел од новите занаетчии биле веќе добропознатите терзии срмаџии што ја изработувале старата носија ала турка. Поновата носија ала франга добила нов стилски изглед, нова форма и естетика… Сите овие новини во модните случувања морале секогаш да бидат придружени со приказ на социјалната градска средина, но овековечувањето на истите тие морало да биде исто придружено со една нова технологија, а тоа е фотографијата. Во тој дел несомнено најголемо место заземаат браќата Јанаки и Милтон Манаки – вели Владимир Јаневски за изложбата.


































