Отворени јубилејните 65-ти „Струшки вечери на поезијата“

Годинашните јубилејни 65-ти „Струшки вечери на поезијата“, најпрестижната поетска манифестација кај нас, беа отворени во Струга со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“. Струга повторно е дом на поети од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство. Фестивалот за отворен го прогласи покровителката на манифестацијата, претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, а свои обраќања имаа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на фестивалот, Никола Кукунеш, кој забележа дека во ерата на дигитална глобализација сме соочени со нов, тивок, егзистенцијален предизвик и оти големите јазици се сериозна закана за малите.
– Големите јазици, носени на крилјата на технологијата, се сериозна закана за малите јазици, кои водат лавовска битка да си го зачуваат здивот. Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади збора од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата, кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, да ги замени или да ги надомести – подвлече Кукунеш.
Според директорот на „Струшките вечери на поезијата“, јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината.
За претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, Струга е најпоетскиот град на планетава, градот што живее од емотивни изблици и со нив, во кој песните креираат слики на радост и тага, плач и смеа, еднината станува множина, односно дело и култура.
– Веќе 65 лета, овој поетски дом поврзува меридијани, го соединува и обединува светскиот поетски сој со љубителите и почитувачите на убавата реч во старата, но витална струшка бунтовна република на поетите, кои се борат за подобар и похуман живот. Шест и пол децении сме благословени да бидеме домаќини на мајсторите на јазикот и алхемичарите на мислата, преточувајќи ги во естетика и етика – рече Сиљановска-Давкова.
Таа смета дека поезијата сѐ уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот и покрај наездата од алгоритми и сурова вештачка интелигенција. Уметноста, подвлече, е буревесник, а книжевноста била и останува да биде не само естетски туку и општествен бунт.
Струга, како што подвлече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, повторно станува место каде што зборот ја надминува својата книжевна форма и добива сила на духовен настан.

– „Струшките вечери на поезијата“ претставуваат една од најуспешните културни приказни на современа Европа. Тежината на оваа манифестација не лежи во нејзиното времетраење, туку во влијанието што го оставила врз современата светска поезија. Нивната вистинска вредност се наоѓа во фактот што овде, од година на година, се потврдува достоинството на различноста. Поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест. Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себеси. Токму затоа „Струшките вечери на поезијата“ се повеќе од книжевен настан. Тие претставуваат сведоштво дека културата сè уште поседува сила да создава блискост таму каде што постојат разлики и да гради доверба таму каде што постојат растојанија – рече Љутков. В.Д.