НАФТАТА ПОД 76 ДОЛАРИ: ПАД НА ЦЕНАТА НА „БРЕНТ“ НА НАЈНИСКО НИВО ОД МАРТ ГОДИНАВА
- Цената на суровата нафта од типот „брент“ првпат по три месеци се спушти под границата од 76 американски долари за барел, што претставува значаен сигнал за смирување на енергетските пазари
Според последните берзански податоци, фјучерсите за септември паднаа на околу 75,97 долари, со дневен пад од над еден отсто. Набргу потоа цената забележа блага корекција и се стабилизираше на околу 76,11 долари за барел, што сепак останува најниско ниво од почетокот на март. Овој пад доаѓа по неколку месеци висока нестабилност предизвикана од геополитички тензии и воени судири, нарушени синџири на снабдување и променливи очекувања за глобалната побарувачка, на што берзите се исклучително сензитивни.
Геополитиката и снабдувањето како клучни фактори
Енергетските аналитичари истакнуваат дека главен двигател на неодамнешниот пад е подобрувањето на условите за транспорт на нафта, особено низ стратешки важни поморски маршрути, како што е Ормускиот Теснец.
– Намалувањето на ризикот од прекини во снабдувањето доведе до зголемување на понудата на глобалниот пазар, а дел од извозниците повторно ги зголемија испораките кон Европа и Азија.
Дополнително, постепеното нормализирање на политичките односи на Блискиот Исток влијае врз намалување на премијата за ризик, која претходно ја креваше цената на нафтата – велат нашите соговорници, енергетичари и наши постојани брифери од областа на енергетиката.
Годинава може да донесе намалување на побарувачката за нафта во однос на претходните прогнози?!
Иако глобалната економија и понатаму расте, темпото на побарувачка за нафта е послабо од очекуваното. Индустриското забавување во некои големи економии, како и зголемената енергетска ефикасност, придонесуваат за намален раст на потрошувачката.
Според дел од меѓународните енергетски институции, 2026 година може да донесе дури и намалување на побарувачката во однос на претходните прогнози, што дополнително врши притисок врз цените.
Сепак, повеќето аналитичари не предвидуваат драматичен пад, туку стабилизација во поширок опсег на движење.
Оптимистички сценарија: Стабилизација и враќање на балансот
И покрај краткорочните осцилации, дел од финансиските институции остануваат умерено оптимистични.
– Сценаријата укажуваат дека ако се одржи стабилно снабдување, потоа, ако не дојде до нови големи геополитички шокови и ако побарувачката остане релативно стабилна, цената на нафтата би можела да се задржи во контролирани граници во текот на 2026 година – велат нашите соговорници, додавајќи дека „некои проекции дури укажуваат дека глобалниот пазар би можел да премине во фаза на „избалансирано снабдување“, каде што понудата и побарувачката се речиси изедначени, што историски води кон ценовна стабилност – велат тие.
Иако постојат оптимистички сигнали, дел од аналитичарите предупредуваат на можен вишок на понуда во следните години, што би можело да ја задржи цената на нафтата на пониски нивоа. Според тие сценарија, зголеменото производство надвор од ОПЕК, како и структурните промени во енергетската транзиција, би можеле да создадат долгорочен притисок врз цените.
Енергетска безбедност и испорака се клучниот фактор за стабилност
Експертите се согласуваат дека стабилноста на цената на нафтата директно влијае врз стабилноста на енергетските системи во светот. Кога цените се предвидливи, земјите и компаниите можат полесно да планираат инвестиции во транспорт, складирање и рафинирање. Во такви услови, се намалува и ризикот од прекини во снабдувањето со горива, што е клучно за индустријата, транспортот и производството на електрична енергија.
– Падот на „брент“ под 76 долари претставува важен сигнал дека глобалниот нафтен пазар влегува во фаза на поголема стабилизација. Сепак, геополитиката, економскиот раст и енергетската транзиција остануваат фактори што можат брзо да го променат правецот на движење. Во таков контекст, нафтата и понатаму останува не само економска стока туку и стратешки инструмент на глобалната моќ и безбедност – велат нашите соговорници. Е.Р.


































