Борбата против корупцијата е меѓу клучните приоритети во процесот на пристапување на Македонија во Европската унија, но таа не може да се води изолирано, туку бара координирано учество на сите општествени чинители, беше порача на денешната конференција „Зајакнување на деловниот интегритет преку јавно-приватна соработка“, организирана од М6 Едукативниот центар, пренесе МИА.
Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф ле Риголер, истакна дека борбата против корупцијата има директна корист за граѓаните и општеството во целина, бидејќи спречува злоупотреба на јавни средства кои би можеле да се вложат во здравство, образование и инфраструктура.
– Борбата против корупцијата не е нешто што се бара, туку е нешто што е важно само по себе, затоа што е важно за граѓаните – порача Ле Риголер.
Од Францускиот антикорупциски фонд, кој спроведува проекти во Македонија, Молдавија и Црна Гора, нагласија дека е неопходна тесна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, како и со граѓанските организации и академската заедница.
– За зајакнување на деловниот интегритет потребна е соработка меѓу јавниот и приватниот сектор. Јавните институции имаат клучна улога бидејќи поставуваат јасни правила кои овозможуваат фер конкуренција и подобра соработка – изјави Хелена Папа од Фондот.
Од македонската Влада велат дека борбата против корупцијата е еден од прироитетите на коишто работат. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски со оценка дека има напредок во сферата на дигитализацијата која е еден од превентивните процеси во борбата против корупцијата.
– Дигитализацијата како процес ја превенира корупцијата на најниско можно ниво со тоа што ги автоматизира процесите, но исто така може и да открива корупција кога станува збор за високи случаи на поврзување на регистри и поврзување на институции преку платформата за интероперабилност. Изминатиот период направивме крупни чекори – над 90 институции веќе се поврзани на плафтормата за интероперабилност, а дигитални услуги имаме повеќе од 320 што значи дека се бориме на два начини против корупцијата внатре во администрацијата – изјави Андоновски.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата апелираат за забрзување на усвојувањето на националната петгодишна стратегија за борба против корупцијата. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, истакна дека за ефикасна борба е неопходно вклучување и на приватниот сектор, а не само на јавните институции.


































