Претседателот на САД, Доналд Трамп, остро реагираше по усвојувањето на резолуцијата во американскиот Сенат со која се бара ограничување на продолжувањето на воените дејствија против Иран, обвинувајќи ги сенаторите дека со таквиот потег му помагаат на противникот и ја поткопуваат позицијата на неговата администрација.
Во објава на својата платформа „Трут Соушл“, Трамп оцени дека гласањето било „лошо темпирано и бесмислено“, нагласувајќи дека во моментот САД се наоѓале во силна преговарачка позиција во однос на Иран.
-Го имам Иран на јажиња, подготвен да падне и да ни даде практично сè. По првпат по децении, САД и нивниот претседател добиваат почит, а Сенатот одлучи да одржи гласање за Законот за воени овластувања – напиша Трамп.
Американскиот претседател упати критики и кон членовите на сопствената Републиканска партија кои ја поддржаа резолуцијата.
Според него, со таквото гласање е испратена порака до Иран дека дел од американскиот политички естаблишмент не ја поддржува актуелната стратегија на администрацијата.
-Четворица републиканци гласаа заедно со демократите и само ја отежнаа мојата работа. Но, ќе ја завршам, на еден или друг начин – наведе Трамп.
Резолуцијата беше усвоена во Сенатот со 50 гласа „за“ и 48 „против“, откако претходно доби поддршка и во Претставничкиот дом. Со неа се бара ограничување на употребата на американските вооружени сили во конфликтот со Иран без дополнително одобрение од Конгресот.
Станува збор за прв случај од донесувањето на Законот за воени овластувања во 1973 година, двата дома на американскиот Конгрес да усвојат резолуција со која се бара повлекување или ограничување на учеството на американските сили во тековна воена операција.
Резолуцијата беше усвоена по десетти обид на демократите во Сенатот и претставува реакција на конфликтот што започна со американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари.
Иако нејзиниот правен ефект е ограничен и во голема мера има симболично значење, политичките аналитичари оценуваат дека гласањето открива растечки поделби во рамките на Републиканската партија пред претстојните среднорочни избори во САД, кога администрацијата ќе побара дополнителни средства за финансирање на воените операции.


































