Образованието и науката се клучни двигатели на развојот на државата, а реформите во овие области остануваат врвен приоритет, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес-конференција во Владата, на која презентираше отчет за работата на Министерството во изминатите две години, пренесе МИА.
Според Јаневска, ресорот затекнал сериозни предизвици, но со системски пристап и посветена работа започнал процес на подобрување на квалитетот на образованието и зајакнување на научноистражувачката дејност.
-Пред две години затекнавме катаклизма. Го запревме понатамошниот пад и денес веќе работиме на подигнување на квалитетот на образованието и раздвижување на науката – истакна министерката.
Меѓу клучните постигнувања, таа ја издвои системската поддршка за талентираните ученици, преку целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни олимпијади, како и подготовката на нова концепција за идентификација и работа со надарени ученици.
Во областа на стручното образование, Јаневска посочи дека се зајакнати дуалното образование и практичната обука, со вклучување на околу 1.000 компании и формирање седум регионални центри за стручно образование и обука, додека осмиот е во завршна фаза.
Дополнително, во основното и средното образование е воведено кариерно советување за учениците, со цел полесно насочување кон идниот образовен и професионален развој.
Министерката информираше дека е зголемен бројот на ученички стипендии за дуално образование, при што на последниот конкурс биле понудени 1.570 стипендии.
Осврнувајќи се на учебниците, Јаневска нагласи дека третта година по ред сите ученици ќе ги добијат навреме, односно на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици.
Во делот на инклузивното образование, таа истакна дека се ангажирани 1.350 образовни асистенти во основните училишта и за првпат 150 асистенти во средното образование. Дополнително, овозможено е хибридно следење на наставата за ученици кои подолг период се лекуваат дома или во болница.
Повеќе права и поддршка за студентите
Јаневска посочи дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии.
Од октомври, најави таа, ќе бидат воведени и нови стипендии за студенти со ретки болести и студенти со посебни образовни потреби.
Воедно, подготвени се законски измени со кои сите предвидени студентски стипендии ќе бидат доделувани согласно годишните конкурси.
Инвестиции во инфраструктурата и дигитализацијата
Во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра во повеќе од 90 проекти. Изградени се или се градат нови училишни објекти и спортски сали, реконструирани се десетици училишта, а од октомври студентите повторно ќе можат да ги користат реновираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.
Министерката информираше дека е деблокирана и изградбата на новиот објект на ФИНКИ во кампусот на Универзитет Св. Кирил и Методиј, како и дека е започната постапка за изградба на нов објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.
Во 160 училишта е инсталирана нова информатичка опрема и обезбеден е безбеден пристап до интернет, додека над 1.000 наставници поминале обука за примена на вештачка интелигенција во наставата.
Поголеми плати и зголемени буџети
Јаневска нагласи дека е потпишан договор со СОНК за постепено зголемување на платите во образованието за 40 до 60 проценти во период од четири години, зависно од инфлацијата.
Во првите две години платите се зголемени за 20 проценти, а продолжува и процесот на кариерно напредување на наставниците и стручните соработници.
Во високото образование и науката, буџетот за универзитетите е зголемен од три милијарди денари во 2022 година на осум милијарди денари во 2026 година, додека средствата за наука се зголемени од 380 на 773 милиони денари.
Во 2025 година биле доделени повеќе од 370 милиони денари за научноистражувачки проекти, а обезбеден е и бесплатен пристап до меѓународните научни бази Web of Science и Scopus.
-Остануваме целосно посветени на реформите кои ќе обезбедат поквалитетно образование, посилна наука и подобри можности за младите генерации – порача министерката Јаневска.


































