Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја оцени интерпелацијата поднесена од Левица како политички мотивиран обид за попречување на процесите за борба против криминалот и корупцијата. Интерпелацијата е на дневен ред на денешната собраниска седница, пренесе МИА.
Во објава на социјалните мрежи, Тошковски посочи дека станува збор за трета интерпелација против него за помалку од две години и оцени дека зад иницијативата стојат политички, а не суштински мотиви.
-Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две, и оваа беше претставена преку режирана прес-конференција, повеќе како политички настап отколку како иницијатива заснована на аргументи – наведе Тошковски.
Тој нагласи дека интерпелацијата е легитимно демократско право на опозицијата и порача дека нема намера да ја избегне расправата.
-Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од дебата. Аргументите ќе ги соочам во Собранието, јавно и транспарентно, пред пратениците и граѓаните. Одлуката нека ја донесат избраните претставници на народот согласно својата совест и одговорност – истакна министерот.
Во својата реакција, Тошковски упати критики кон Левица, оценувајќи дека партијата, „свесно или несвесно“, дејствува во корист на опозициските партии СДСМ и ДУИ.
Според него, раководењето со институција и носењето одговорност се значително покомплексни од политичката критика од опозициските клупи.
-Лесно е да се поднесуваат интерпелации и да се организираат прес-конференции, но многу потешко е да се управува со институција, да се носат одлуки и да се гарантира безбедноста на граѓаните – наведе Тошковски.
Министерот оцени дека иницијативата не претставува грижа за државните интереси, туку обид да се забават процесите на расчистување со криминалот, корупцијата и неказнивоста.
-Оваа интерпелација не е израз на грижа за државата, туку политички обид да се закочи процесот на воспоставување ред и одговорност. Кога системот почнува да функционира, најмногу се вознемируваат оние кои со години профитирале од неговото нефункционирање – порача Тошковски.
Тој додаде дека ќе продолжи да работи, како што наведе, „со аргументи и резултати“, а конечната оценка за неговата работа ќе ја дадат граѓаните.



































