Сенатот на САД усвои резолуција со која се бара од претседателот Доналд Трамп да ги прекине американските воени дејствија против Иран без претходно одобрување од Конгресот. Резолуцијата беше изгласана со 50 гласа „за“ и 48 „против“, откако претходно доби поддршка и во Претставничкиот дом, пренесе „Ројтерс“.
Со ова, за првпат откако е донесен Законот за воени овластувања во 1973 година, двата дома на американскиот Конгрес усвојуваат резолуција со која се бара повлекување на американските вооружени сили од тековни воени дејствија.
Резолуцијата претставува редок пример на двопартиска поддршка во Конгресот по прашање поврзано со воените овластувања на претседателот. За неа гласаа и неколку републикански сенатори, додека еден демократски сенатор беше против.
Гласањето следува по серија неуспешни обиди на демократите во Сенатот во изминатите месеци да обезбедат поддршка за слични иницијативи. Според американските медиуми, ова е десетти обид за усвојување на ваков тип мерка, по што конечно беше обезбедено потребното мнозинство.
Иако политичкото значење на резолуцијата е големо, нејзиниот практичен и правен ефект останува предмет на дебата, бидејќи не бара потпис од претседателот и нејзината извршна сила е оспорувана од дел од правните експерти и Белата куќа.
Усвојувањето на резолуцијата се толкува како сигнал за растечка загриженост во Конгресот околу продолжувањето на конфликтот со Иран и улогата на законодавната власт во одлучувањето за употребата на воена сила.


































