Фото: ОФМ

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЛИГА

  • Целта е постигната, планираното е остварено, три победи и девет бода. Поразите се од три репрезентации што се најдобри во Европската лига, вели селекторот Миленкоски

Првиот дел од циклусот квалификации за Европското првенство (ЕП) во 2028 година, со учеството во годинешната Европска лига (ЕЛ), машката одбојкарска селекција на Македонија го заврши според предвиденото, со три победи и порази и девет бода, доволни за средина на табелата, што е активен резултат со кој се останува во игра за пласман на уште едно ЕП.

Селекторот на репрезентацијата, Јошко Миленкоски, ги сублимира впечатоците и направи првична анализа на сработеното во изминатиот период.
– Годинашното издание на Европската лига беше со поинаков формат од претходните, претставуваше прва фаза од квалификациите за ЕП 2028. Тоа придонесе и квалитетот на лигата да биде на повисоко ниво од претходно, најмногу поради фактот дека сите репрезентации играа со своите најдобри состави. Македонија во минатото се натпреваруваше во Сребрената лига, која е неспоредлива со она што го имавме како квалитет годинава. Во претходните три години бевме дел и од Златната европска лига, каде што имавме забележителни настапи, но каде што многу репрезентации, како и ние, го користеа учеството како подготовка за поважни натпреварувања. Поради тоа не може да правиме споредба со резултатите постигнати во претходните изданија, а не смееме да заборавиме и дека годинава речиси сите европски селекции се натпреваруваа во ЕЛ. Најважното од сѐ за Македонија е дека имаме активен резултат со кој остануваме во трката за пласман на следното ЕП. Целта е постигната, планираното е остварено, три победи и девет бода. Поразите се од три репрезентации што се најдобри во ЕЛ. Холандија ја заврши лига-рундата без загубен сет, во полуфиналето ќе игра и Израел, а Грција е петта. Тоа само уште еднаш го потврдува квалитетот на противниците со кои се соочуваме – вели Миленкоски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Во овој циклус Миленкоски направи и (по)сериозно освежување во националниот тим давајќи шанса на помладите играчи.
– Свесни за сериозноста на натпреварувањето, нашата репрезентација ги почна подготовките порано од предвиденото, на 6 мај, со играчите кои порано ги завршија своите клупски обврски, а останатите се приклучија една недела подоцна. Одработени се 45 дена, 55 тренинзи, одиграни осум натпревари, два контролни и шест официјални. Обемните подготовки ни овозможија вклучување поголем број млади, перспективни одбојкари. Дури 10 дебитанти учествуваа во тренажниот процес и на сите нив треба да се смета и во следните циклуси. Четворица од нив беа и во потесниот избор и дел од самите натпревари, а тоа особено треба да нѐ радува. Ако ги сметаме и оние што се вклучени минатата година можеме да кажеме дека составот на репрезентацијата е видно изменет. Сепак, товарот повторно го понесоа најискусните и најдобри, кои помогнаа да се постигне овој задоволителен резултат, кој верувам дека ќе беше и подобар доколку настапевме комплетни на сите натпревари. Во нашиот спорт отсуството и на само еден одбојкар е голем хендикеп, а ние на сите натпревари игравме без еден од нашите најдобри играчи, Александар Љафтов. На последниот турнир и без Филип Маџунков. Во целиот овој циклус, секако дека не смеам да го изоставам мојот комплетен стручен штаб, кој стои зад спроведувањето успешни подготовки и зад добрите резултати, односно нашите најдобри тренери Ристески, Милев и Михајлов, потоа тренерот за физичка подготовка Баснарков, како и медицинскиот тим, докторот Манчев и физио Дино Попоски, како и статистичарот Бојан Печев – рече Миленкоски.

Репрезентативците веќе се на заслужен одмор, а одново на располагање треба да се стават на 5 август, за кога во Крушево е предвиден почетокот на подготовките за учеството на ЕП 2026, во септември, во Софија, кое за Македонија е четврто во низа. Г.И.