Jон и Јозеф К. (3)

Записи во несоница

Ситуацијата на Јозеф К. е аналогна на ситуацијата на Тезеј во модерната интерпретација на Албер Ками. Во некои елементи таа е аналогно таква и кај Јов, со таа разлика што кај него бикот за кој станува збор во митот за Тезеј е супституиран во Сатаната што го искушува и тој е присутен. Разликата е во тоа што тој е кај него видлив за разлика од бикот кај Тезеј, односно кај Јозеф К., како аналогно на Сатаната, и кај него постои надежта за закрила во перспектива од ненаклонетиот во конкретната ситуација Јахве. Кај Јозеф К. ја нема таа надеж. Тој ѝ е препуштен единствено на својата невиност, но без елементот надеж.

Така, и веќе знам, насетуваш, драг читателу, дека крајниот исход на аналогно многу сличните егзистенцијални и метафизички искушенија на Јов и Јозеф К. сепак ќе имаат различен епилог, едниот среќен, а другиот несреќен. Среќниот е за Јов, а несреќниот за Јозеф К. Како што веќе е познато, Јов излегува победник во моралниот спор со Јахве, ги издржува сите тешки искушенија, го отфрла Сатаната, и конечно ја добива, иако со бура и грмотевица, милоста на неговиот суров бог: вратен му е уништениот имот: куќата, стадата и семејството, а со тоа и првобитната среќа во која уживал.

Резултатот на подвигот на Јов е и очовечувањето, како што вели и Јунг, на Јахве во Богочовек, Новиот Адам, улогата што му припаѓа на Христос како андрогинска синтеза во Едно на Отецот и Синот. Така. Сепак и кај Јозеф К. сега, драг читателу, бараме некој спасител како Бог кај Јов на кој тој и покрај тешката ситуација може да се надева, спасителниот конец на Аријадна во мачниот судски процес, кој ќе го изведе на безбеден простор од темните судски ходници низ кои деноноќно скита тој без да знае зошто е осуден и како ќе заврши пресудата. Едно нешто што знае тој, тоа е дека е невин, па затоа, имено, длабоко некаде во себе е свесен дека во неговиот случај на суд е изведена Невиноста. Да. И тој, наивен, мисли дека е токму таа Аријадниниот конец од митот за Тезеј, кој ќе го изведе него на чист озониран воздух од мувлосаните лавиринтски ходници на, во неговиот случај, метафизичкиот суд. Оти кој друг суд освен него може да ја суди невиноста. Но Јозеф К. сè уште мисли и се надева дека таа ќе го спаси. Имено, таа е за него тоа што е за Јов Бог, но оној милостивиот преобразен по неговото искушение во Богочовек, а не суровиот Јахве, кој по аналогија за Јозеф К. е неговата обезбожена цивилизација и нејзиниот суд создаден за да ја суди Невиноста, а не вината. А тој негов суров Јахве не се преобразува како кај Јов, туку останува суров (не се знае до кога) и ја донесува конечната пресуда за него. Имено, една ноќ со полна месечина двајца него го фаќаат подмишка, го извлекуваат од судницата, го водат до блискиот каменолом надвор и му го пресечуваат гркланот со месарски нож. Страшен епилог, за разлика од оној среќниот кај Јов. Во него е убиена со голем месарски нож во каменоломот на обезбожената цивилизација Невиноста.

Дојдовме при крај со приказната за Јов и Јозеф К. Првата е во цивилизација во која постои Бог и покрај и во неа присутното варварство, ако се сетиме, на пример, на Ирод, кој ги заклал витлеемските деца за да го убие меѓу нив Богомладенецот, а другата е во цивилизација во која не постои, укинат е Бог. Оттука она на Кандински „Небото е празно“ испразнето од сакрална содржина, идеално како метафизичка естетика за декадентните поети како Маларме и другите. Небо без како модерна екстратехнолошка цивилизација на капиталот и колонизаторско варварство, чија жртва се и Македонците. А ако нема Бог, Достоевски вели дека сè е дозволено. Дозволено е и убиството на Невиноста, симболизирана во Јозеф К. на Кафка, заклана во каменоломот на безбожната цивилизација. А кај Достоевски, драг читателу, Невиноста има знак на равенство со Убавината, која, според него, во отсуство на Бог единствено може да го спаси светот.

Сеедно. На примерот на Јов и Јозеф К. можеме да заклучиме дека светот ќе биде не само поубав туку современо убав, како што мисли Лајбиц, ако е како овие двајцата, кои имаат, секој посебно, свој salto mortale „скок во вера“, во верата на Правдата и Вистината како атрибути и есенцијални супстанции на Бог и Божественото. Кај Јов тоа изгледа совршено нормално како верник, а кај Јозеф К. исто така, не како верник во Бог, туку како верник во Невиноста на човекот. И тоа е, драг читателу, неговиот salto mortale „скок во вера“. И тоа е убавиот божествен парадокс во неговиот случај. Со еден збор и тој и неговиот старозаветен близнак во таа смисла Јов се оној идеален архетип за кој зборува германскиот филозоф со христијанска ориентација Шлаермахер „Човекот-човештво“. А тоа значи конкретно секој човек да е духовна и душевна, морална и етичка еманација на човештвото, самиот човештво. Е, тоа се според нашиот избор во овој есеј, драг читателу, имено, Јов и Јозеф К. Тоа се Верата и Невиноста.

Темата на нашиот есеј, како што гледаш, драг читателу, има широк распон на асоцијации и аналогии што имаат квалитет на метафори што спојуваат далечни слики, ситуации и епохи како што се покажа тоа веќе во овој текст. Но во тие аналогии, кои имаат статус на универзални, размислуваме дали архетипот Јов од Стариот завет како и неговиот близнак од модерната технолошка епоха на капиталот Јозеф К. по аналогија можат да бидат карактеристични за еден цел народ како колективен архетип на нивната душа и ситуација во одделно време или епоха. Тука што се однесува до Јов е јасно; тоа се Евреите, Израилот, избраниот народ. А Израилот како Јов е чедо на Јахве, старозаветниот Бог, под чија стреа и заштита е тој, ама и под диктатот, како што видовме, на неговата сурова и одмаздољубива природа, заслепен од својата безгранична моќ во отсуство на каква било саморефлексија, чиј основен закон е „Око за око, заб за заб“. Таков тој по столетија не му се допадна ни на реформаторот на црквата Германецот Лутер, а и не Фројд во новата епоха Евреин од ранг. Јахве, суетен и одмаздољубив, како да не може да му го заборави она предавство на неговиот избран народ со Златното теле како ново божество околу кое игра тој во пустината на пат за Ханаан во отсуство на Мојсеј, кој ги снесува од Синај камените плочи со Десетте божји заповеди. Оттогаш па сè до најново време како да го следи него таа одмаздољубивост на Јахве за престапите кон него за што говорат, најмногу, и клетвите на пророкот Еремија во кои тој ја критикува и безбожноста на Израилот. А тука е и Исаија, кој во визија пред осум столетија го предвидел и зборува за раѓањето во Витлеем на „Големата светлина“ Христос, а потоа за учеството на неговиот народ (фарисеите) во неговата гибел, предавајќи им го на Пилат и римските војници да го распнат на Голгота. И тие сè до денес не го признале него како Спасителот, Богочовекот што дошол на земјата да му го покаже на човештвото вистинскиот пат што води од мрак кон светлина. Тоа е патот на Љубовта и Слободата. И тука сега доаѓаме до навидум логичка контрадикција, а тоа е како може еден таков карактер како Јов божествен докрај и предаден на верата во Правдата и Вистината како супстанции на обожествената душа да биде архетипот на Израилот, кој го предал и Божјиот син. Но оваа контрадикција се разрешува со целата плејада Јововци што ја гледаме во старите пророци како што се Еремија, Исаија, Езекиел, Даниел и другите, кои, сите заедно, се архетипот Јов, за кој станува збор, архетипот на Израилот, избраниот народ, иако Христос рече во една прилика дека неговиот Израил ќе го составува и од многу други народи, не само од еврејскиот.

Да. Така и се случува тоа,Христовиот дух (Дела апостолски) да го насочи неговиот најревносен апостол Павле кон Македонија, која е новозаветна. Библиската приказна со неа ни кажува јасно дека сега „избраниот народ“, како што го замислува тоа и Христос го префрла своето тежиште од Стариот во Новиот завет. Тој е сега новозаветен. Тоа се новозаветните христијани, кои наместо старозаветниот бог „Око за око заб за заб“, проповедаат само бескрајна љубов и слобода на ослободениот со љубовта човек. А таков тип идеални божествени Христијани апостол Павле виде во Македонците, кај кои дошол да ја подигне и првата христијанска црква во Европа. Со нив како такви тој имал намера да се пофали и пред Господ за што говори во Второто послание до Солуњаните. А дека се тие идеален тип верници говори и фактот што тој им советува на Грците (Ахајците како што ги вика тој), со кои имал мака да ги одвои од паганизмот, да се угледаат во верата на богољубивите Македонци. Имено тој на таквите Македонци и им се обраќа во своите проповеди како на избран народ: „А ние сме должни секогаш да му благодариме на Бога за вас, браќа, од Господ возљубени, бидејќи Бог ве избра од почетокот за спасение преку осветување во Духот и вера во вистината“ (Второ послание до солуњаните: 2:13)

Македонците со Павле, а потоа и со Кирил и Методиј учествуваат во христијанизацијата на паганска Европа, ги отвораат во неа вратите на новата цивилизациска новозаветна епоха. Од Македонија тргна кон Европа новозаветната штафета на Љубовта и Слободата. Радосната вест. Од Македонците, кои никогаш во историјата, историски феномен, не угнетувале туѓ народ, и посебно и со походите на Александар ја креирале светската држава на еднаквост и љубов меѓу сите народи. Она што денес го нарекуваме мултикултурализам. Различно од светската држава, која денес ариевската западна цивилизација ја гради врз основа на бездушниот капитал и големите капиталистички корпорации со дарвинистички менталитет што им ја цицаат крвта на помалите и сиромашните. И, ете, во тој и таквиот свет на таа цивилизација Македонците се најдоа како Јозеф К. на Кафка без вина виновни во нивната судница во која од Берлин 1878, а посебно од Букурешт 1913 наваму столетие и половина ја чека пресудата, не знаејќи каква ќе биде и кога ќе дојде таа. И нивната надеж за исправен судски епилог се темелеше како тој кај Јозеф К. во неговиот процес на невиноста, дека освен за тоа за ништо друго не се ставени во судницата на цивилизацијата, по аналогија новиот суров старозаветен бог, сега безбог што го ставаше на смртни искушенија Јов, а сега неговиот модерен близнак во обезбоженото време. Но, веќе рековме, додека епилогот на искушенијата кај Јов е среќен, а кај Јозеф К. трагичен, сега како архетип според невиноста и судбината на Македонците. И тие како него се изведени надвор од мувлосаните лавиринтски ходници на цивилизацијата и заклани во нејзиниот каменолом, но не во ноќ со полна месечина туку под пладневно сонце во Преспа на 17 јуни 2018, кога цветаа во полн сјај венчалните ружи за македонските љубовници и младоженци. А со убиството на Македонците како Јозеф К. во „Процесот“ на Кафка беше убиена и Невиноста на светот, најскапоцената божествената еманација на битието на човекот. Nocturno. De profundis. Memento mori.

(крај)