- Постојат нешта што не се продаваат. Постојат нешта чија вредност не се мери во евра, фондови грантови или кредитни линии. Името не е стока. Историјата не е пазарна категорија. Културата не е монета за поткусурување. Националниот идентитет не е берзански производ. Затоа и заврши времето на тие пазари. Заврши времето кога македонските национални интереси беа ставани на маса како предмет на трговија. Заврши времето кога народот требаше да аплаудира додека му се одземаа симболите на неговото постоење. Заврши времето кога некои политички елити се претставуваа како визионери додека потпишуваа договори чии последици денес ги чувствува целата држава
Постојат моменти во историјата на еден народ кога најважното прашање не е колку има, туку што е. Не колку заработува, туку колку вреди. Не колку е блиску до некоја политичка цел, туку колку останал свој на себе. Македонија токму денес се наоѓа пред таков судбински тест.
Со децении слушаме една иста мантра. За европската иднина, велат, се потребни жртви. За интеграција во Европската Унија, велат, мора да се покаже зрелост. За подобар живот, велат, треба да се направи уште еден компромис. И уште еден. И уште еден. Но колку компромиси се потребни за да се сфати дека проблемот не е во нивниот број, туку во нивната суштина?
Македонскиот народ веќе го плати најскапиот влог што може да го плати еден народ. Под притисоци, уцени и ветувања се откажуваше од делови од своите национални инсигнии, од сопственото знаме, од историските наративи, од името на државата, од правото самиот да го дефинира својот идентитет. Ни беше кажано дека тоа е последната жртва. Дека потоа следува признание, почит и европска перспектива.
Наместо тоа, следуваа нови барања. И денес, по сите горчливи искуства со Брисел, Атина и Софија, повторно се појавуваат истите гласови. Истите поединци, истите квазиинтелектуални кругови, истите политички структури што со години ја продаваа тезата дека националното достоинство е пречка за напредокот. Повторно нè убедуваат дека треба да се откажеме од уште нешто за конечно да добиеме нешто.
Тоа не е политика на интеграција. Тоа е политика на капитулација. Особено загрижува што најсилниот притисок повеќе не доаѓа однадвор. Тој доаѓа однатре. Од оние што одамна го прогласија сопствениот идентитет за преговарачка категорија. Од оние што веруваат дека сè има цена и дека сè може да се замени со материјална компензација.
Токму тука се наоѓа суштината на нивниот идентитетски банкрот. Луѓето што одамна престанале да веруваат во вредноста на националната припадност денес се обидуваат својот духовен дефицит да го надоместат со економски аргументи. Како да можат европските фондови да ја заменат историјата. Како да може некоја финансиска рамка да го надомести чувството на припадност. Како да може нечиј личен материјален успех да стане замена за колективното достоинство на еден народ.
Но постојат нешта што не се продаваат. Постојат нешта чија вредност не се мери во евра, фондови или кредитни линии. Името не е стока. Историјата не е пазарна категорија. Културата не е монета за поткусурување. Националниот идентитет не е берзански производ.
Затоа и заврши времето на тие пазари. Заврши времето кога македонските национални интереси беа ставани на маса како предмет на трговија. Заврши времето кога народот требаше да аплаудира додека му се одземаа симболите на неговото постоење. Заврши времето кога политичките елити се претставуваа како визионери додека потпишуваа договори чии последици денес ги чувствува целата држава.
Оние што во тие процеси стекнаа политички позиции, меѓународни признанија или финансиски привилегии нека уживаат во своите добивки. Историјата ќе има доволно време да ја донесе својата пресуда за природата на тие зделки и за нивната морална и политичка тежина. Пред Македонија, пак, стои една поинаква задача. Тешка, долга и неизвесна.
Да го поврати изгубеното чувство за достоинство. Да ја врати самодовербата дека не е потребно да се откажуваш од себе за да бидеш прифатен од другите. Да ја обнови вербата дека европската иднина не смее да биде спротивставена на националниот идентитет. Можеби враќањето на она што е загубено ќе има висока цена. Можеби ќе биде потребна генерациска борба. Можеби ќе чини многукратно повеќе отколку што чинеше неговото отстапување.
Но постојат вредности што токму затоа што се бесценети не смеат да останат изгубени. Народ што го изгубил богатството на духот изгубил сè. Народ што го зачувал духот може повторно да создаде сè.
Токму затоа иднината на Македонија нема да ја одредат оние што во сè гледаат предмет за продажба. Ќе ја одредат оние што знаат дека има работи што не се продаваат. Никогаш.
Зашто тие што еднаш го продале идентитетот, утре ќе продадат и нешто друго.
А ние немаме право да го продадеме она што ни припаѓа од историјата, од предците и од идните поколенија. Тоа не е прашање на политика. Тоа е прашање на опстанок.


































