Фото: ЕПА

Повод: Изјавата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, дека актуелниот претседател на САД е „најкорумпираниот претседател во американската историја“!

  • Кога деновиве во американската јавност одекна изјавата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, политичар што сериозно се споменува како можен иден претседателски кандидат, дека сегашниот претседател на САД е најкорумпиран претседател во американската историја, тогаш според чиста аналогија се заклучува дека гувернерот го става Трамп највисоко на скалата на корумпирани претседатели, а сите други нешто подолу, односно стои констатацијата дека и другите биле корумпирани?! Што всушност ваквиот став кажува за Америка?
  • Во земја што со генерации се претставува како светски модел на демократијата сè поголем број граѓани веруваат дека политичкиот систем е заробен од пари, лобисти, корпоративни интереси и трајни центри на моќ. Ако тоа чувство е широко распространето и кај идеолошки лутите противници во САД, тогаш проблемот повеќе не е Доналд Трамп. Проблемот е довербата во самиот систем. А токму таму започнува вистинската приказна за американската криза

Во нормални политички околности оваа реченица би се сметала за уште една жестока партиска порака во бескрајната војна меѓу демократите и републиканците. Но кога ја изговара гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, политичар што сериозно се споменува како можен иден претседателски кандидат, изјавата добива далеку пошироко значење.

Затоа што во неа е содржано нешто многу подлабоко од обичен политички атак кон политички противник. Ако Доналд Трамп навистина е „најкорумпираниот“ американски претседател, тогаш логиката налага дека американската историја е исполнета со помалку или повеќе корумпирани претседатели. А ако самиот врв на политичката пирамида е контаминиран со корупција, тогаш прашањето повеќе не е дали постои корупција во системот, туку колку длабоко е вградена во него.

Американскиот мит за морална супериорност

Со децении САД настапуваат како глобален судија за демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Американските администрации санкционирале држави, соборувале влади, спонзорирале политички промени и делеле лекции за транспарентност на речиси сите континенти. Но исто така е факт дека самата американска политичка историја е исполнета со скандали што покажуваат дека корупцијата никогаш не била туѓа појава за Вашингтон.

Разликата е што во американскиот случај корупцијата ретко се појавува како класична кражба на државни пари. Таа најчесто се јавува низ многу пософистицирани форми, како што се на пример, лобирањето, тргувањето со политичко влијание, а и влијанието на големите и силни корпорации, потоа преку финансирање кампањи, судир на интереси и ротирање политичари меѓу јавниот и приватниот сектор.

Фото: ЕПА

Коруптивните афери во САД не се исклучок, тие да ти биле „традиција“?

Историјата на американските претседатели нуди долг список на афери што покажуваат дека корупцијата не е инцидентна, дури не е ниту аномалија, туку е повторлива појава. Во продолжение издвојуваме неколку примери што ја аргументираат тезата.
– Администрацијата на Јулисес Грант беше потресена од скандалите „Виски прстен“ и „Кредит мобилиер“, кои открија блиски врски меѓу бизнисот и политичката власт.
– Ворен Хардинг остана запаметен по т.н. „Чајпот Доум“, еден од најголемите корупциски скандали во американската историја, каде што државни ресурси биле практично ставени на располагање на приватни интереси.
– Ричард Никсон не падна поради идеолошки разлики, туку поради злоупотреба на државниот апарат за политички цели.
– Во поновата историја, контроверзиите околу Клинтон, Буш, Обама, Трамп и Бајден покажуваат дека секоја администрација носи свои обвинувања за судир на интереси, влијание на донатори, злоупотреба на институции или фаворизирање на блиските кругови.

Она што се менува не е појавата на феноменот – корупција, туку нејзината форма…

Длабоката држава – производ на системот?

Во американската политичка дебата терминот „длабока држава“ долго време се третираше како теорија на заговор. Но зад сензационалистичкиот израз постои реален феномен. Тоа се идентификува со постоење „трајни центри на моќ“ што преживуваат независно од изборните циклуси. Администрациите доаѓаат и си заминуваат, но огромните безбедносни структури, разузнавачките агенции, воено-индустрискиот комплекс, Волстрит, технолошките корпорации и мрежите на лобисти остануваат. Претседателите се менуваат, но системот продолжува да функционира според сопствена логика. Токму затоа многумина сметаат дека вистинската власт во Америка никогаш не била концентрирана исклучиво во Белата куќа.

Институциите повеќе не се доживуваат како неутрални

Конфликтот меѓу Трамп и Њусом не е причина за кризата на американската демократија. Тој е симптом. Едниот ја обвинува федералната држава дека е политички инструмент против него. Другиот тврди дека Трамп ги злоупотребува институциите за лична одмазда.

И двајцата, всушност, кажуваат иста работа. Дека институциите повеќе не се доживуваат како неутрални. Кога политичките противници престануваат да веруваат во непристрасноста на системот (или уште попрецизно, знаат дека системот е пристрасен), тогаш кризата веќе не е партиска. Таа станува системска. Можеби најважното прашање што произлегува од изјавата на Њусом не е дали Трамп е најкорумпираниот претседател. Вистинското прашање е зошто таквата изјава денес звучи веродостојно за милиони Американци?!

Во земја што со генерации се претставува како светски модел на демократијата, сè поголем број граѓани веруваат дека политичкиот систем е заробен од пари, лобисти, корпоративни интереси и трајни центри на моќ.

Ако тоа чувство е широко распространето и кај идеолошки лутите противници во САД, тогаш проблемот повеќе не е Доналд Трамп. Проблемот е довербата во самиот систем. А токму таму започнува вистинската приказна за американската криза. Р.С.