ФУДБАЛ
Уште неколку извонредни часови исполнети со постигнување голови имаше завчера и вчера рано наутро на Светското првенство (СП) од некои од најдобрите напаѓачи што ги видел фудбалот, пишува „Би-би-си“. Лионел Меси беше прв во игра, соборувајќи го рекордот за вкупен број голови на светските првенства, со двата погодока за Аргентина против Австрија, Килијан Мбапе одговори на ист начин, со два гола во победата на Франција на дуелот со Ирак, на неговиот 100. меѓународен настап, а набргу потоа дојде редот на Ерлинг Холанд, со два погодока за Норвешка во победата на мечот со Сенегал и сите за пласман во шеснаесеттина финалето. Сѐ што може еден да направи, другите можат да го направат подобро е впечатокот во моментов и ова е пред Хари Кејн од Англија да има шанса да додаде гол на своите два гола од првото коло, пишува „Би-би-си“.
Брзо се разви ретко видена трка за „Златната копачка“, Меси е лидер со пет гола од два натпревара, Мбапе и Холанд се втори на табелата со по четири, по мечевите завчера и вчера рано наутро на СП 2026 во САД, Мексико и во Канада и ова е само вторпат во историјата на светските првенства тројца фудбалери да постигнат четири или повеќе гола по две кола, и првпат од СП 1954, пишува „Би-би-си“.
СП 2026 почна со Германецот Мирослав Клосе на врвот на листата на стрелци на сите времиња на светските првенства со 16 гола. Две кола подоцна 38-годишниот Меси сега е лидер со 18 гола од 28 натпревари на мундијалите, откако ги постигна сите пет гола на Аргентина досега на СП 2026. Но Мбапе не е далеку зад него. Французинот се израмни со Клосе, постигнувајќи 16 гола на исто толку натпревари и ќе има цел да стане првиот напаѓач што ќе освои две „Златни копачки“, како и Кејн, и да го надмине вкупниот број на Меси. Холанд, пак, е само шестиот играч што постигнал повеќе голови во секој од неговите први два настапа на светските првенства и има извонреден број од 59 погодока во 52 настапи за Норвешка.
Рекордите паѓаат од првиот ден за врвните напаѓачи во фудбалот. Меси сега е на врвот на листата на светските првенства, Мбапе е најефикасен во репрезентацијата на Франција, Холанд е водечкиот стрелец на Норвешка на светските првенства, по само два меча, а Кејн го израмни рекордот на Гари Линекер за вкупно голови на СП за Англија. И сите ќе имаат цел да го достигнат рекордот на Французинот Жист Фонтен од 1958 година од 13 гола на еден турнир, пишува „Би-би-си“. Само тројца играчи, Фонтен, Герд Милер за Германија во 1970 година и Унгарецот Шандор Кочиш во 1954 година, некогаш постигнале двоцифрен број голови на едно светско првенство. Н.М.
ВОДЕЧКИ СТРЕЛЦИ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА
Лионел Меси (Аргентина) 18
Мирослав Клосе (Германија) 16
Килијан Мбапе (Франција) 16
Роналдо (Бразил) 15
Герд Милер (Германија) 14
Жист Фонтен (Франција) 13
Пеле (Бразил) 12
Шандор Кочиш (Унгарија) 11
Јирген Клинсман (Германија) 11
Хелмут Ран (Германија) 10
Гари Линекер (Англија) 10
Габриел Батистута (Аргентина) 10
Хари Кејн (Англија) 10
Теофило Кубиљас (Перу) 10
Томас Милер (Германија) 10
Гжегож Лато (Полска) 10


































