Фото: Маја Јаневска-Илиева

Под влијание на циклонска активност од југоисток, времето денеска ќе биде нестабилно со врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според прогнозата, атмосферските процеси на повеќе места ќе бидат изразени, а локално се очекуваат поинтензивни временски појави проследени со обилен пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.

Утринските температури ќе се движат меѓу 14 и 20 степени, додека дневните ќе достигнат од 27 до 35 степени Целзиусови.

Во Скопје се очекува променливо и нестабилно време со дожд, грмежи и повремено засилен ветер. Во одделни делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме.

Минималната температура во главниот град ќе изнесува околу 17 степени, а максималната ќе достигне до 32 степени.

Од УХМР предупредуваат дека поради зголемената енергија во атмосферата, локално може да се развијат поинтензивни нестабилни процеси со пороен дожд, силни налети на ветер и појава на град.

Според најавите на метеоролозите, во четврток и петок ќе има изолирана нестабилност, додека за време на викендот и во првите денови од следната седмица времето ќе биде претежно сончево и топло.