Антиупатства за лична употреба
Дозволи му да се брани, но донекаде
Братот на исчезнатиот изгледаше некако смален, спласнат и понеуреден од претходниот пат, можеби зашто сега не носеше капут, шал и шапка, а можеби зашто кошулата под волнениот, по боја цигла, џемпер на закопчување, не му беше баш испеглана. Лузната, исто така, му беше уште повидлива. Колку повеќе сака да скрие, толку тоа повеќе му се гледа, помисли инспекторката.
Откако седна инфериорно на столчето наспроти нејзиното биро, таа реши да почне веднаш, без одолжување: – Ни пратија извештај од полицијата во Гетеборг. Во последниве десет години немало регистриран сообраќаен инцидент во кој би било вмешано лице со ваше име и презиме. Значи, не сте ја добиле лузната таму, или не на начин за кој ми кажавте.
Ја гледаше подисплашено: – Јас… јас не сум виновен. Тој воопшто не сакаше… многу се возбуди… немаше намера…
– Кој? Брат ви?
– Да – рече тивко.
– Ве удри?
Го забележа како со дланките ги стиска потпирачите од столчето: – Не сакаше… после му беше криво…
– Сепак, тој физички ве нападнал.
Стутулен во столчето, човекот ѝ заприлега на издишен балон. Му подаде едно од двете неотворени шишенца „роса“ што ги имаше да ѝ се најдат при рака до бирото: – Еве, освежете се малку.
Ја голташе водата додека не испразни половина од шишето, потоа механички ѝ го врати, а потоа одвоено и капачето.
– Добро, се смиривте? Кажете ми сега, полека, што се случи тогаш.
(продолжува)


































