Министерот за култура Зоран Љутков во посета на Битола
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков престојуваше во работна посета на Битола каде што, заедно со градоначалникот Тони Коњановски, изврши увид во повеќе капитални проекти од областа на културата и заштитата на културното наследство. Посетата започна со работна средба во Општина Битола, на која беа разгледани актуелните и идните проекти што се реализираат во соработка меѓу Министерството за култура и туризам и локалната самоуправа. Во фокусот на разговорите беа инвестициите во културната инфраструктура, заштитата на културното наследство и развојот на културниот туризам. Во рамките на посетата, министерот Љутков изврши увид во градежните активности за реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“, еден од најзначајните капитални проекти во Битола, вреден 94 милиони денари.
– Киното „Партизан“ со години беше запуштен и нефункционален објект. Денес гледаме дека работите се одвиваат со добра динамика и дека чекор по чекор создаваме современ и мултифункционален културен центар, кој ќе биде дом на многубројни културни настани и ново место за средба на уметниците и граѓаните – истакна министерот Љутков.
Тој потсети дека објектот ќе биде целосно обновен и ставен во функција до 2027 година, кога Битола ќе добие нов простор за концерти, изложби, кинопроекции и за други културни содржини. Министерот изврши увид и во конзерваторско-реставраторските работи во „Јени-џамија“, еден од најрепрезентативните споменици на културата во државата. За реализација на овој повеќегодишен проект министерството обезбеди околу 12 милиони денари.
– Нашата обврска е да ги зачуваме највредните сведоштва на нашата историја. „Јени-џамија“ е дел од културниот идентитет на Битола и затоа вложуваме сериозни средства за нејзина целосна заштита и реставрација – нагласи Љутков.
Работната посета продолжи на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Годинава министерството издвои 700 илјади денари за заштита на локалитетот и мозаиците, кои претставуваат негово најголемо богатство.
– Хераклеја не е само дел од нашето минато туку и значаен потенцијал за иднината. Фактот што локалитетот го посетуваат до 25 илјади посетители годишно покажува колкав е интересот за нашето културно наследство. Затоа продолжуваме да инвестираме во негова заштита и презентација – рече министерот.
Во изминатите две години, Министерството за култура и туризам инвестираше околу 32 милиони денари во проекти што ги реализира НУ „Завод и музеј“ – Битола, меѓу кои реставрација на фасадата на музејот, партерно уредување на лапидариумот, обновување на сувенирницата, како и конзервација на спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов. Битола останува еден од најважните културни центри во Македонија.
Преку инвестиции во културната инфраструктура, заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, Министерството за култура и туризам продолжува да создава услови за зачувување на националниот идентитет и за афирмација на македонските културни вредности пред домашната и меѓународната јавност.


































