• Кон 75-то издание на „Виенскиот фестивал“, кој се одржува во периодот од 15 мај до 21 јуни во Виена, Австрија

Сашо Огненовски

Уметноста е духовното богатство на човекот што тој го создава од себе и за себе. „Виенскиот фестивал“ над седум децении ги собира на своите сцени најзначајните уметници од целиот свет. Последните две години со доаѓањето на чело на иманентниот швајцарски театарски режисер Мило Рау, овој фестивал доживува коренити промени. Имено, вклучувајќи го активизмот, а најмногу од сè публиката како релевантен чинител на фестивалот, овие две изданија на „Виенскиот фестивал“ стануваат јадро на културните и уметнички збиднувања во Европа со голем акцент токму врз активизмот, кој подразбира отпор кон корупцијата и влијанието на политиката врз културните политики во сите сегменти од уметноста. Седумдесет и петтото издание на „Виенскиот фестивал“ е под мотото „Република на боговите“ со своите седум дела: „Куќа на републиката“, „Клуб на републиката“, „Трибунал на верата“, „Совет на републиката“, „Виенска декларација“ и она што е неизбежно и оваа година, а тоа е „Отпор сега! Заедно!“, процес што се состои од дебати, отворени писма, радикални перформативни интервенции, кои Мило Рау и „Виенскиот фестивал“ ги започнаа како турнеја „ОТПОР СЕГА!“ низ Европа, Америка и низ Азија во досега повеќе од 20 града од Стокхолм до Белград, од Антверпен до Прага, од Њујорк до Мосул и Тајпеј, од Киев до Букурешт. Без разлика дали станува збор за онлајн читање што го поврзува Ирак со САД („Второто доаѓање“), цел герилски фестивал во соработка со цензурираниот српски театарски фестивал „Битеф“, дебата во украинската престолнина Киев или алтернативен банкет за Нобелова награда: „Виенскиот фестивал“ и неговите партнери низ целиот свет се посветени на поправедна, подемократска, пофер и похумана културна политика!

„Виенскиот фестивал“ во својот круцијален дел подразбира театарски претстави на значајни театарски уметници и перформанси што започнуваат со „Најдобрата пиеса“, бизарна претстава на Мило Рау, која е базирана на постоењето на фестивалот од самото негово раѓање во 1951 година, па сè до денес, за потоа да продолжи со „Митската арка“ по текст и во режија на Маријас Андерсон, „Валден“ по концепт и во режија на Мартин Финланд и Тереза Левберг, за потоа да продолжи со перформансите на Алис Диоп („Патувањето на црната Венера“) и Крис Мореира под наслов „Квадра 16“, театарските претстави „Темното пладне“ по текст и режија на Тју Биринг, „9/11 фрејмови во секунда“ авторски проект на театарот „Шаушпил“ во колективна режија на Клаудија Ренкинс, Мјаса Крејт, Родриго Батиста, Мари Бјус, претстава чија мотивираност и тематска определба се војната и атентатите, како и претставите на големите режисерски имиња како што е полската режисерка Марта Горницка, чија претстава „Касандра, или песните на канаринците“, претстава што својата премиера ја доживеа во театарот „Горки“ во Берлин, „Бура“ на Вилијам Шекспир, една од последните режии на Роберт Вилсон во продукција на театарот „Иван Вазов“ од Софија, „Верувајте им на маските“, перформанс на Марио Кастелучи, кој се занимава со поетиката на маската и недостојното унифицирање, како и на историската заблуда кога се во прашање симболите на цивилизацијата, перформaнс чија премиера беше на „Миланското триенале“ во февруари оваа година, „Сепуку: погребот на Јукио Мишима“, авторско дело на шпанската театарска уметница Анжелика Лидел во продукција на фестивалот „Темпорада Алта“, додека како гостин на овој фестивал од овој регион беше и театарот „Битеф“ од Белград со претставата „Дора, или кој ќе ги зашива градниците“, авторски проект на Андреа Карчагин и Доротеа Антиќ.

Овде секако не можеме, а да не го споменеме и ексклузивниот настан, а тоа е концертот на легендарната Пети Смит, кој беше еден од централните збиднувања на фестивалот. Но заедно со театарските претстави и перформансите, како и танцовите претстави и музичкиот театар, кои ги имаше во огромен број, овој фестивал може да се пофали со извонредни дебати и работилници што ги изведуваат театарските уметници, а од особено значење се и изложбите, оперите и промоциите, кои се случуваат на бродот на Дунавскиот Канал, кој е на некој начин срцето на целиот фестивал.

Враќајќи се повторно на спецификата на овие две изданија на „Виенскиот фестивал“, ќе се навратиме на делот наречен „Трибунал на верата“ каде што Мило Рау го иницира и го режира „Трибуналот на верата“. Уште еднаш, оваа година, по „Судењата“ во 2025 година, Мило Рау го отвора тој театарски документарен формат на дебата, овој пат низ социополитичкото прашање: улогата на религиите, боговите, божиците и култните предмети во глобалниот капитализам. Безброј религиозни симболи го пронајдоа својот пат во популарната култура. Десничарските националистички политички кампањи („Да биде волјата Твоја“), американските технолошки гиганти и диктаторите во Источна Европа ги менуваат доктрините за своја корист. Врз основа на три случаи – еден случај на уметничко присвојување, еден случај на институционално присвојување и еден случај на политичко присвојување или дури и злоупотреба на религиозни практики, симболи и начела – критичкиот фокус ќе биде дел не само во самата Република на боговите.

„Виенскиот фестивал“ отвора многу болни прашања кога станува збор за политичките интерферирања во театарската уметност, но и уметноста воопшто. Отпорот нема само статусни и финансиски импликации. Станува збор за бескомпромисно присвојување на театарскиот производ и навлегување во уметничкото пледоаје, особено во земјите што сè уште не го завршиле процесот на транзиција. Театарските претстави и перформанси на овој фестивал не се само дел од духовниот крвоток на светот туку и дел од активизмот насочен кон толеранцијата и препознавањето на различностите.
Различните театарски концепти, иновативниот приод кон класиката и современите теми со кои се соочува денешниот реципиент стануваат конгломерат од пораки, предупредувања и уметнички правци чија критичка детерминираност останува како историски талог за едно време во кое лагата и авторитарноста, за жал, стануваат средство за социјална идентификација. Можеби заедничкиот именител на голем дел од претставите и перформансите е вечната борба за слобода на говорот, која не само што нема да запре туку, во времето кога војната ни се враќа како лош сон, станува сè поартикулирана и поопиплива. И можеби „Виенскиот фестивал“ е токму тоа: допир со човековото достоинство, кое сепак мора да се извлече од синџирите на автократијата и да му се врати на оној кому му припаѓа: човекот.

Републиката на боговите се залага за глобални заедници на вера, држејќи критички поглед на себе во процесот. Што прават христијанските симболи како што се распнувањата и темјанот, домородните практики како шаманизмот и духовните практики како дредовите во популарната култура и на пазарот на уметноста? Каде е линијата меѓу дозволената употреба и наметливото неоколонијално присвојување од страна на она што е во суштина капиталистичка религија на уметноста и трговијата? Зошто наоѓаме поранешни религиозни предмети како египетски мумии, бенински бронзи и ацтечки украси за глава во европските музеи? Што се случува со нашите богови и божици кога Путин, Трамп и радикалните исламистички режими присвојуваат зборови од Библијата и Куранот за да го легитимираат сопственото владеење?

Гледајќи ги претставите и сето она што може да го понуди овој гигант од фестивал во своето седумдесет и петто издание, можеби би помислиле: ни требаат ли некакви богови, што помислуваме кога ќе ја подигнеме главата и ќе погледнеме таму горе, во имагинативната густина на небото и дали човековата визуализација на Богот треба да биде враќање кон неговиот вечен Авалон, а тоа е вистината.