Русија е подготвена во секој момент да ги продолжи преговорите со Украина од точката каде што беа прекинати, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Лавров нагласи дека Москва и понатаму останува отворена за дипломатско решение на конфликтот и потсети дека руската страна повеќепати ја изразила својата подготвеност за преговори.
Според него, евентуалното решение на украинската криза треба да се темели на разбирањата постигнати меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот во Алјаска, како и на решавање на, како што наведе, основните причини за конфликтот и безбедносните прашања што ги засегаат руските интереси.
-Москва повеќе пати зборуваше за својата подготвеност да најде решение за украинската криза преку преговори – изјави Лавров.
Тој додаде дека не верува оти средбата меѓу Русија и САД во Алјаска била организирана со цел да му се обезбеди дополнително време на Киев.
Во своето обраќање, Лавров упати критики и кон западните земји, оценувајќи дека САД се откажале од улогата на „непристрасен посредник“ во напорите за ставање крај на војната, додека европските држави, според него, отворено ја поддржуваат политиката на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Рускиот министер исто така тврдеше дека Зеленски поставува нереални услови во однос на можните мировни разговори, како кон Москва, така и кон европските партнери на Украина.
Изјавите на Лавров доаѓаат во период на засилени дипломатски активности поврзани со можностите за обновување на мировните преговори и изнаоѓање решение за конфликтот што трае повеќе од четири години.


































