Фото: Принтскрин

Владата денеска го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува продолжување на економскиот раст, забрзување на инфраструктурниот развој и реализација на проекти од стратешко значење за државата, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, пренесе МИА.

Според министерката, ребалансот претставува баланс меѓу фискалната одговорност и потребата од дополнителни инвестиции, при што главниот акцент е ставен на капиталните проекти и развојните политики.

-Со овој ребаланс вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што претставува зголемување од околу 4,2 милијарди денари или 1,1 процент во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година – изјави Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека даночните приходи остануваат речиси непроменети и се проектирани на 213,2 милијарди денари, со минимално намалување од 0,4 проценти. Намалувањето, како што објасни, произлегува од ревидираните приходи од акцизи и данокот на додадена вредност.

Според неа, приходите од акцизи се намалуваат за околу 1,5 милијарди денари поради владините мерки за намалување на акцизите на нафтените деривати, со цел ублажување на последиците од растот на цените на горивата.

Истовремено, неданочните приходи бележат раст од околу две милијарди денари, додека донациите се зголемуваат за дополнителни 2,7 милијарди денари, главно поради реализацијата на проекти финансирани преку европските претпристапни фондови.

На расходната страна, вкупните расходи се ревидирани на 425,2 милијарди денари. Дел од средствата се пренасочени кон приоритетни области, при што се обезбедени дополнителни средства за земјоделски субвенции, железнички транспорт, спорт, студентски и ученички стандард, како и за социјална заштита на ранливите категории граѓани.

Најзначајната промена се однесува на капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, односно за 14,5 проценти во споредба со првичниот буџет.

-За првпат корекцијата на буџетскиот дефицит е резултат на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој – нагласи министерката.

Со ребалансот, буџетскиот дефицит е ревидиран на 46,1 милијарди денари или 4,1 процент од бруто-домашниот производ.

Средствата ќе бидат насочени кон реализација на низа инфраструктурни проекти, меѓу кои продолжување на изградбата на Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје–Блаце, железничката делница Бељаковце–Крива Паланка и модернизација на локалната патна мрежа.

Предвидени се и инвестиции во водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, регионални системи за управување со отпад, како и продолжување на проектот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

Во образованието и детската заштита ќе се финансираат изградба и реконструкција на училишта, градинки, спортски сали и студентски домови, додека во земјоделството ќе продолжат проектите за рурален развој, наводнување и модернизација на земјоделското производство.

Дополнителни средства се обезбедени и за реконструкција на казнено-поправните установи, вклучително и изградба на нови капацитети во КПД Идризово.

Според Димитриеска Кочоска, Владата останува посветена на капиталните инвестиции како двигател на економскиот раст, но и на постепена фискална консолидација и одржување на јавниот долг на одржливо ниво.

Буџетскиот дефицит од 46,1 милијарди денари, заедно со обврските за отплата на долг во износ од 76,4 милијарди денари, ќе се финансира преку комбинација од домашно и странско задолжување, користење државни хартии од вредност, заеми од меѓународни финансиски институции и средства обезбедени на меѓународните пазари на капитал.